Акцентот во ваквиот методолошки пристап на совладување на наставните содржини по математика е ставен на употребата на вистинската детска реторика, како и пријатната, забавна и интересна атмосфера

Математика. Некои деца ја сакаат, на други им е „непријателот“ поради кој не сакаат да одат на училиште. Собирање, одземање, множење, дропки, равенки, геометриски фигури… Математичарите велат дека оваа наука е основа за сè во образованието и во животот. Но, како да се заинтересираат најмалите за да развијат вистинска љубов за математика?

Тања Бајрактарова-Веда, наставник по математика и писателка за деца, смета дека многумина имаат негативен став кон математиката затоа што не ја разбираат. Тоа ја поттикнало да создаде математички приказни. Низ нив ненаметливо се проткаени математички операции. Децата ги слушаат приказните, несвесни дека преку нив учат математика.

Првиот впечаток е најважен

Бајрактарова-Веда вели дека почетокот или првиот впечаток е многу важен за сè што правиме. Така и за децата – најважен е првиот впечаток што ќе го добијат за математиката.
– Тоа многу ќе помогне во градењето на позитивниот однос кон неа. Децата едноставно не можат да ѝ одолеат на една убава бајка, басна или расказ. Акцентот во ваквиот методолошки пристап на совладување на наставните содржини по математика е поставен на употребата на вистинската детска реторика, како и пријатната, забавна и интересна атмосфера. Овие два причинитела придонесуваат ученикот да има доверба во математиката уште од самиот почеток, но и да пристапи со голема самоувереност и љубов кон неа – вели таа.

Се учи со приказна

Употребата на правилната реторика на соодветно ниво нема да создаде фрустрација или одбивност кон математиката. Напротив. Според Бајрактарова-Веда, во детските приказни нема погрешна реторика, па затоа може многу внимателно да се воведуваат математичките термини и поими. Тоа ќе придонесе да се развие позитивниот однос кон математиката.
Во рамките на овој нов приод кон математиката таа ја анализирала и ја променила проверката на совладаниот материјал кај учениците. Вели дека оценувањето кај учениците предизвикува став: „Учам за оценка, но не и за знаење“.
– Но, со новиот приод, учениците се проверуваат меѓу себе и неретко се поставуваат во улога на наставник и смислуваат свои приказни. Без временски ограничувања и притисоци, учениците вака најдобро го презентираат наученото. На таков начин, децата ја сакаат математиката, а кога нешто се сака – тоа се учи со песна, односно „се учи со приказна“! – вели Бајрактарова-Веда.

Таа долго време експериментирала со различни наставни методологии, трагала по мотиватор во учењето математика. Приказната како концепт, речиси без исклучок, го привлекува нивното внимание.
– Но, поради детската реторика (иако приказната во себе содржи математички термини), тие едноставно се замаглуваат во раскажувањето. Така ученикот го прима и го разбира значењето на новиот термин или поим. Детето размислува за значењето на новите поими, се поставува во улога на главниот јунак во приказната и се обидува да го реши математичкиот проблем пред кој се наоѓа главниот лик. Сите ние, свесно или несвесно, се ставаме во улога на ликовите, се препознаваме во нив, сакаме да бидеме како нив. Но, ако главниот лик во приказната е дете кое поседува убави, позитивни карактеристики, а му доделиме и знаење, речиси секој ученик ќе сака да биде како тоа дете – вели таа.

Класичниот начин на учење не раѓа плодови

Според неа, учениците преку приказните ја согледуваат примената на математиката во секојдневиот живот, зашто во нив се раскажува за некоја случка, настан, појава, карактеристики на децата и луѓето, за животот, за сè што нè опкружува. Приказните што таа ги пишува се според месечната наставна програма, па така за секој месец има по една приказна. Одделенските наставници од основните училишта се најзаинтересирани за овие книги бидејќи ги употребуваат математичките приказни во наставата по математика. Интересни се и за родителите, објаснува таа.

Бајрактарова-Веда деновиве работи со театарското здружение „Колектив Ветерница“. Заедно со Марија Бејкова, Билјана Димитрова и Милош Стојановиќ се обидуваат на приказните да им дадат четврта димензија преку театарот. Проектот е со наслов „Учиме и растеме преку театар“ и почнал да се спроведува во скопското Основно училиште „Ј.Х. Песталоци“.

– За спроведување на следната фаза чекаме поддршка од институциите иако резултатите од проектот се фантастични. Проектот е, пред сè, наменет за учениците од одделенската настава.

Таа вели дека искуството и резултатите од спроведените работилници и театарски претстави се доказ дека оваа методологија треба да се вметне во секоја училница.
– Се чини дека класичниот начин на учење не раѓа плодови – наставникот зборува, а децата седат и само слушаат. Приказните и нивната драмска интерпретација претставуваат забавен начин на учење. Иако емоциите и учењето на ваков начин се категорично когнитивно одделени, тие всушност многу суптилно се испреплетуваат едни во други– вели Бајрактарова-Веда.



912

X