Почна некако наивно и од љубов, како така да треба: да се омажиш и со насмевка на лицето да ги пеглаш неговите кошули. Така ѝ рекла мајка ѝ, дека тоа е женска работа, така треба да биде и така отсекогаш правеле сите жени во семејството.

Малку стекнато знаење, малку што ќе каже светот. По некое време таа самата почна да вели: остави, јас ќе го направам тоа.

Остави, јас ќе го направам тоа

Со оглед на тоа што не работи, ѝ беше непријатно тој уморен да се врати од работа и во кујната да го чекаат неизмиените садови. Така, таа работеше низ домот како мравка, барем некако да придонесе за заедничкото домаќинство. Но, со текот на времето, некои работи почнаа да ја мачат. Тој ќе дремнеше на каучот во дневната, оставајќи го ќебето стуткано. По вечерата, ги оставаше садовите на мијалникот.

– Можеш, душо, да ми ја испеглаш кошулата, кај ми се панталоните, кај ми се чевлите, дали купи паста за заби, јајца пак нема.

Од преголема желба да му угоди, едно утро падна во очај кога се налути што не му ги испрала патиките, иако убаво ѝ кажал трипати.

– Чии се тие патики, Иван? Мајка ти ти ги переше, па сега ја наследив таа обврска? – сакаше таа да се пошегува, но неговиот израз на лицето кажа многу работи.

Веројатно никогаш во животот не си ги испрал патиките. Човек од 30 години.

– Што сакаш сега од мене? Да почнам и садови да мијам и да пеглам како девојче? На крајот на краиштата, што ти е толку тешко кога и онака не работиш?

Разговорот отиде предалеку. Расправијата ескалира кога тој вети дека ќе се вклучи во домашните обврски откако таа ќе почне да работи.

Времето си го направи своето. Наместо работа, дојде бебе, прво, второ па имаше работа и околу децата.

Ти секогаш ги решаваш работите

Таа ги правеше сите работи. Тој никогаш немаше време да смени пелена, да исчисти со правосмукалката.

– Што, тешко ти е? – ќе ѝ кажеше тој ако таа малку се пожалеше.

– Од што си уморна? А замисли да одеше на работа.

Од „замисли“ се акумулираа десет години брак и еден ден и тоа се случи. Таа отиде на интервју за работа и се вработи. Работеше со полна пареа, не се штедеше ниту дома ниту на работа. Но, со текот на времето стануваше сè потешко да се издржи тоа темпо и да се балансираат улогите – сопруга, мајка, домаќинка и сега деловна жена. Заморот најпрвин се наталожи во мијалникот, потоа се крена во планината од непеглани алишта и на крајот се онесвести на тепихот кој не беше исчистен со правосмукалка цели пет дена.

– Кариерата ќе ни се качи на глава. Одам непеглан.

Да не зборуваме за домашни задачи, преслушување, носење на децата на тренинзи и разни активности. Иако таа го правеше тоа од љубов, работите се таложеа на другата страна: неговото сè почесто и поизразено незадоволство, шегите на нејзина сметка и за тоа како го води домаќинството.

Не си единствена

Беше доволно глупава да ја спомене ситуацијата и чувството на беспомошност пред колешка.

– Не знам што очекуваш. Нема да се разбуди по 10 години и сам да ги пегла работите само затоа што ти најде работа.

Нејзиниот мозок не можеше да сфати. И колку подолго се спротивставуваше на фактот дека тоа е доживотна состојба, толку помалку ѝ влегуваше во главата. Дали е тој лош човек? Не е. Дали е мрзлив? Не е. Како може да го опише кога се чувствува толку лошо поради него?

– Не се чувствуваш лошо само поради него. Ова се вашите заеднички избори. Одамна се согласивте на тоа. Не знам дали е возможно да се превоспита маж во триесеттите. Но, ако ти е за утеха, не си единствена. Кај сите е така. И нашите деца и сите наоколу ќе бидат такви.

– Не сакам да се тешам, ниту тој да се разбуди и да пегла. Сакам да се однесуваме хумано. Ако гледам дека му треба помош, да не бидам принцеза, но и за него да важи истото. Дали многу барам?

– Не знам дали е многу, но знам дека е доцна. Мојот сопруг беше префрлен од мајка му кај мене. Сега да го терам да чисти со правосмукалка, а не знае ни својата долна облека да си ја најде? Нема да се случи тоа. Те советувам да не се расправаш.

– Дали мора да има расправија?

– Мора. Штом самиот не се сети. Замисли дека повеќе нема да го превоспитуваш и дека креваш раце. И почнуваш да ѝ објаснуваш на твојата ќерка дека не мора да му ги пере патиките на брат ѝ или дека твојот син треба да си ги среди алиштата.

– Па нормално, не сме слуги едни на други и треба да знаат да се грижат за себе.

– Ќе има револуција во семејството. Како може машко да мие садови и да поставува маса? На чиј грб ќе биде револуцијата? На твој.

– Нека има. И револуција и садови, но нема да ја повториме историјата. Како што рече, тој нема да се разбуди по 10 години и да почне да пегла. Ама нема врска. Јас се разбудив.

Автор: Србијанка Станковиќ
Извор



912

X