Многу родители ја намалуваат грижата за одговорностите на работа за да покажат посветеност. Ковид-19 откри предизвици со кои се соочуваат родителите – но дали тоа ќе промени нешто?

„По 6 месеци од раѓањето на ќерка ми се вратив во канцеларија, со солзи на очите, но со желба да се докажам на новата позиција. Неколку недели подоцна, кога ми беа потребни неколку слободни дена заради сипаници во нејзината градинка, се плашев да му го кажам тоа на својот тим. И покрај поддршката од колегите, чувствував силен притисок да се однесувам како ништо да не се променило. Претходно работата секогаш беше на прво место, нешто што беше клучно за напредок.

Враќајќи се на работа како мајка, бев под стрес бидејќи не можев да го контролирам своето време, се грижев да изгледам самоуверено и се грижев за следниот пат кога би можело да се случи тоа. Едвај ја споменував својата ќерка во канцеларија. Три години подоцна сфаќам дека е важно тоа да се направи бидејќи овој стрес не е својствен само за мене. Многу луѓе се соочуваат со истиот притисок бидејќи исполнувањето на идеалите на работното место често не е компатибилно со одговорностите, грижата за децата или нешто друго. Статистиката покажува дека тоа им се случува главно на жените.

Добре дојдовте во светот на „тајното родителство“

Економистката Емили Остер ја објаснила оваа фраза во текст од 2019 година во кој ги повикала родителите отворено да зборуваат за природата на своите животи. И додека пандемијата создаде дополнителни притисоци, не е јасно дали откривањето на одговорностите што ги имаме надвор од канцеларија ќе донесат значајни промени.

Родова перцепција и култура на работно место

Тајното родителство може да започне уште во бременоста. Истражувањата покажуваат дека некои жени ја сокриваат бременоста, особено во улогите каде што имаат чувство дека мора да се натпреваруваат со мажите и не сакаат да откријат нешто што би им „пречело“ во работата. Жените што работат често чувствуваат потреба во текот на бременоста да ги надминуваат вообичаените стандарди, покажала друга студија, како и да сокријат каква било болест од страв дека можеби ќе изгледаат несамоуверени.

Тоа продолжува и по породувањето. Жените велат дека сакаат да го сокријат доењето на работа бидејќи тоа е табу, а тоа е толку очигледна родова разлика која го нагласува нивниот нов статус на мајки. Мајките одамна се гледаат како помалку посветени и помалку компетентни во работното опкружување. Нив ги заобиколуваат унапредувањата почесто отколку татковците и помала е веројатноста дека ќе ги вработат нив отколку жените што не се мајки. Кога флексибилноста е достапна, тие што ја користат се соочуваат со пристрасност и поголема е веројатноста дека ќе добијат улоги со помалку одговорности. Знаеме дека разликата во платите на мажите и жените се зголемува по породувањето, бидејќи платите на вработените мајки паѓаат за секое дете што жената го има.

– Доказите ни кажуваат дека мајчинството е еден од главните извори на слабости во однос на кариерата – вели Ширин Канџи, професорка по работа и организација од Универзитетот „Брунел“ во Лондон.

Се разбира, некои жени менуваат работи или ја напуштаат кариерата поради овие притисоци. Кога Канџи интервјуирала жени што ја напуштиле кариерата од висок профил, многу од нив дале примери на тајно родителство, вклучувајќи земање боледување за да не им кажат на колегите дека децата им се болни. На една испитаничка ѝ било кажано да бара од семејството да внимава на нејзиното дете наместо да земе слободен ден. На друга, фриленсерка која работи во телевизија, ѝ било кажано никогаш да не ги споменува своите деца и чувствувала дека тоа влијае врз фактот колку работа ќе има. Тоа е затоа што, како што социолозите долго истакнуваат, работните места се структуирани околу мажите.

„Сè што на друг начин сигнализира дека работата не ви е на прво место, ве намалува во очите на работодавецот“, вели Даниел Карлсон од Универзитетот во Јута.

„Се претпоставува дека се мисли оти жените ќе бидат попречени…Целта на тајното родителство потекнува од желбата тоа да се сокрие за да се спаси нечија кариера“.

Ова прашање на некој начин ги наследува верувањата кои сè уште владеат во индивидуалистички земји како САД – добрите татковци да го набавуваат она што е неопходно за семејството, а мајките остануваат дома. Анкетите покажуваат дека овие социјални ставови и понатаму постојат. Потоа постои и константниот стереотип дека жените се поспособни во домашната сфера, мажите во канцеларијата, кои и натаму имаат значајно влијание врз тоа како ја обликуваме платената работа и семејниот живот.

Во анализа од 2020 година за дискриминација на старатели во Канада во текот на 30-тите години, истражувачката Елизабета Хирш од Универзитетот во Британска Колумбија открила дека иако случаите се во општ пораст, сепак, различно се одвојуваат за мажите и жените. Со оглед на тоа дека бременоста им го отежнувала на жените криењето на фактот дека се мајки, споровите што ги имале на работното место често се засновале на претпоставките за нивната посветеност. Мажите, меѓутоа, со бременост не го излагале татковството и главно давале причини да ги објаснат барањата за флексибилност – нешто што на суд имало неочекувани последици. На мажите им било потешко отколку на жените да победат против работодавците бидејќи помалку ги споменувале своите грижи, се грижеле во „тајност“ дури и повеќе од жените.

Нормализирање на негата

Во моментов, додека многумина работат од дома, родителството е повидливо од кога било. Пандемијата ги замагли границите помеѓу семејството и работата, предизвикувајќи им невиден стрес на родителите кои се принудени да ја комбинираат работата и грижата за децата. Жонглирањето беше очигледно, децата се појавуваат на работни видеосостаноци, состаноците се закажуваа во нивно присуство, а родителите ветуваат брзи работни реакции – кога децата ќе одат в кревет. Сепак, иако пандемијата помина долг пат кон нормализација на нешто порано скриено, поврзаните пристрасности кон мајките не исчезнаа. Всушност, грижата за децата која е поочигледна може едноставно да го зајакне негативниот став кон грижата за одговорностите. Напорната работа во текот на родителството би можела да ја зголеми веројатноста за осудување и дискриминација. И додека извештаите посочуваат дека татковците во некои земји го зголемуваат својот удел во негата, вработените мајки напуштаат работни места или ги намалуваат работните часови во поголем број отколку татковците.

Експертите се загрижени за влијанието на кризата врз жените, со што би се избришале годините на напредок во родовата рамноправност. Но, има и трошка позитивност во сето ова. Притисоците што ги тераат родителите да ја намалат грижата за одговорностите не се случуваат секаде. На пример, во Шведска и двајцата родители може да користат семејни придобивки без никаква стигма.

„Ако повеќе ја нормализираме работата на негата и другите обврски, особено за татковците, почнуваат да се намалуваат казните за преземање на тие одговорности“, вели Карлсон.

Во одредени кругови работата од дома разоткрила дека многу од нас имаат семејни обврски, а луѓето сè повеќе го разбираат тоа.

Можеби тоа значи дека еден ден ќе престанам да го сокривам фактот дека се вклучувам на видеоповик однадвор додека врне дожд бидејќи се надевам дека мојата ќерка ќе поспие наместо да го прекинува состанокот. И можеби ќе престанеме да се згрозуваме секојпат кога компанијата ќе нагласи дека платеното отсуство веројатно во голема мера ќе го користат родителите. Политиките за поддршка се важни, но дури и таму каде што отсуството е достапно, татковците најчесто не го прифаќаат поради страв дека ќе бидат стигматизирани. Сè додека политиките не го препознаат тоа, додека шефовите не дадат примери, а работните култури не ја променат перцепцијата за „идеалниот работник“, аспектите на родителството веројатно ќе останат тајни, дури и ако децата и понатаму ги прекинуваат видеоповиците. Да ги наведнеме рамената и да се согласиме дека се прилично слатки, маскирајќи го стресот кој пука под површината.

Извор



912

X