Играјќи, човекот учи повеќе во еден час отколку за тоа нешто да зборувал една година – ова го рекол многу одамна Платон. Зошто оваа негова реченица денес е поважна од кога било и на што може да нè научи играта кога се работи за одговорно однесување?
За воспитувањето деца многу се зборува, пишува, чита и размислува. Среќна сум, горда и благодарна што е така бидејќи сè повеќе се развива свеста за важноста на воспитувањето и образованието на децата. Истражувањата одамна го покажуваат и докажуваат тоа, но општеството сепак не е целосно свесно за тоа. Зошто е така? Најчесто се вели: „Па мали се тие. Пуштете ги да бидат деца, слободни, нека играат!“ Да, тие се мали, но се големи, односно не се повеќе мали, но се доста големи да не бидат малечки. Малечки се, но големи и треба да играат. Играта е начин на учење. Платон рекол: „Играјќи, човек научува повеќе во еден час отколку за тоа нешто да зборувал една година“. И треба да бидат слободни бидејќи слободата е можност да бидат најдобрата верзија од себеси.
Од друга страна, „тие се мали, само нека играат, нека бидат слободни“ може да биде и проблематична работа. Мали се, слатки се, па често им се попушта бидејќи: „Па зошто комплицираш, тоа е само бонбона. Дај му ја за да не вика повеќе“. Да, денес тоа е бонбона, за неколку години ќе биде мотор, автомобил и слично. Апетитот расте. А потоа детето нема да се врати од град во договореното време бидејќи научило дека може да ги прелаже родителите. Она што е особено важно е детето да научи да почитува граници, правила и договори, но и личноста што ги донела правилата и ги поставила границите во воспитувањето. Слободата за детето може да биде и многу ризична. Потребно е детето да се научи на одговорност и функционирање во слобода. Учењето одговорност кај детето е заштита за него. А играта, играта е прекрасна и од голема важност за детето. Набљудувајќи ја неговата игра, можеме многу да научиме за детето.
Тајните состојки за воспитување дете
Постојат одредени основни начела за воспитување и начин како да се пристапи кон воспитувањето на детето. Можеме ли круто да се држиме до одредени насоки, начела, правила, упатства? Или постојат исклучоци во зависност од ситуацијата, детето, родителот? Во контекстот на кулинарството, конечното јадење зависи од намирниците што се користат и од тоа што секој готвач има свој начин на изведба на одреденото јадење. Колку ќе биде вкусно јадењето и дали ќе измами насмевка на лицето на оној што ќе го проба, зависи и од способноста и од креативноста на готвачот кој знае да ги комбинира и дозира намирниците. Истото е и со воспитувањето на децата, постојат многу тајни состојки што ги користиме или забораваме да ги употребиме. Кои се тие тајни состојки? Кога и како да ги користиме? Зависи од многу фактори: можностите на детето, потребите, интересот, личноста што воспитува и начинот на кој комуницира со детето. Баш како и кај готвењето, ако сакаме луто јадење, ќе додадеме малку повеќе, на пример, лута пиперка.
Освести. Примени. Негувај.
Што е она на што реагира детето? Кои се тие зборови или постапки? Што го мотивира? Што го демотивира? На кој начин му пристапувам на детето? Како комуницирам со него и како мојата комуникација ќе влијае врз воспитувањето? Кога ќе се освестиме кои се тајните состојки што функционираат или не, сме направиле голем чекор и напредок. Бидејќи комуникацијата е таа што воспитува, а воспитувањето комуницира. Следниот чекор е да се применува она што е конструктивно и да се избегнува она што нема да вроди со плод.
И на крајот, негувајте. Најдобрите готвачи секогаш додаваат нешто свое и тогаш јадењето е посебно убаво. Многу често велат: „Готвам со љубов!“ Одгледуваме, воспитуваме со љубов. Премногу љубов не може да го разгали детето. Љубовта на детето му е потребна исто како и храната.
Автор: Лана Кихас, едукатор, воспитувач