Ако подобро се разбираат, помала е веројатноста дека ќе се степаат или скараат

Оние што знаат да зборуваат, зборуваат ретко – напишал Достоевски. А оние што умеат да зборуваат без зборови, можат да зборуваат уште поретко. Ако се совлада вештината на невербалната комуникација, нејзината моќ станува бесконечна.

Колку таа може да послужи уште во детството и раната младост, во што се предноста и привилегијата на таквиот начин на разбирање и зошто е добро навреме да им се приближи на децата, открива Марко Стојановиќ, актер, професор по сценско движење и пантомимичар од Србија. Тој потсетува и нагласува дека невербално комуницираме 24 часа дневно. Дури и кога спиеме, нашите тела говорат наместо нас, за нас.

– Ако вашето дете спие поставено во положба на фетус, значи дека има некој проблем – емотивен, ментален, физички или здравствен. Затоа е важно да знаеме што зборува телото. Впрочем, првиот начин на разбирање на прачовекот бил невербален. Додека на нашите предци зборовите и зборувањето воопшто не им биле развиени, тие користеле движења и изрази на лицето. Основниот „речник“ на невербалната комуникација го наследуваме од предците, така што говорот на телото всушност не треба да се совлада, туку само да се освести. Конкретно, на децата тоа им помага полесно да комуницираат, да се ослободат од срамот, да бидат повеќе отворени за комуникација, да научат да препознаат одредени однесувања за да ги избегнат или предупредат. Сето тоа ќе им ја крене самодовербата, а познато е дека вербата во себе е клуч на сè – вели Стојановиќ.

Специјалност на Марко се работилниците и курсевите за млади. Низ обуката поминале и учениците од белградската Бродарска школа, кои внимателно и љубопитно учествувале во двочасовната програма.

– Мислам дека нè очекуваа вакво интересно и корисно дружење – вели Марко, кој од 1997 година држи бесплатни работилници за деца со оштетен слух. – Предавањата секогаш жанровски ги одредувам како „стендап“ бидејќи не сакам да користам никакви технички помагала, туку исклучиво својата основна струка. Затоа на младите им давам примери преку глума, имитација и карикирање, бидејќи полесно се учи на тој начин и повеќе запомнуваат преку хумор и насмевки.

Во текот на работата со децата Марко забележал дека „вежбањето“ на невербалната комуникација им се чини како нешто сосема ново. А потоа сфаќаат дека не е…

– Во текот на курсот тие успеваат да се препознаат себеси и своите пријатели, а тоа што го помислиле за нивното или своето однесување добива потврда. Понекогаш откриваат и дека некаде погрешиле или дека нешто можеле поинаку да го толкуваат или направат. Сето тоа влијае врз нивната самодоверба. Со толкувањето на туѓата невербална комуникација и управување со својот говор на тело стекнуваме моќ, а децата тоа го чувствуваат – објаснува Стојановиќ.

И она што е многу важно е што доколку младите умеат да го освестат говорот на телото, својот и на нивните врсници, насилството меѓу нив би можело да се спречи, или барем да се минимизира.
– Поради тоа, овие курсеви придонесуваат за подобрување на комуникацијата помеѓу нив, а со самото тоа и намалување на врсничкото насилство. Логиката е проста – ако подобро се разбираме, помала е веројатноста дека ќе стапиме во кавга или физичка пресметка – порачува Марко.

Вежби уште од градинка

Марко вели дека не смееме да ја заборавиме ниту вербалната комуникација.

– Но, ни правилното дишење, вежбите за мускулите на говорниот апарат и правилниот изговор на гласовите. Тоа би го вовел уште во градинка. Прашајте ги научниците колку таквите вежби влијаат врз развојот на интелигенцијата кај децата, на ослободувањето од стрес, совладувањето на срамот… Толку малку е потребно, но често и тоа малку не им го даваме на нашите деца и младите – предупредува Стојановиќ.

Автор: Татјана Лош



912

X