Минатите студии за детскиот развој често ги игнорираа татковците. Но, нови студии откриваат дека токму тие имаат клучна улога во однесувањето на детето, среќата, дури и когнитивните вештини.

Припадник на племето Ака во Централноафриканската Република често се грижи за своите деца додека мајките се надвор и ловат. Тамошните мажи, објави Би-Би-Си, ги смируваат децата, чистат и играат со нив и поминуваат повеќе време држејќи ги децата отколку кои било други татковци во друго општество. Нивната посветеност им ја донесе титулата најдобри татковци на светот од страна на луѓето што оставале коментари онлајн – што е некако иронично со оглед на тоа дека во племето Ака се рамноправни.

Сепак, се покажува колку драматично се променило гледиштето кон тоа што значи да се биде добар татко. Денес, на многу татковци им се упатуваат пофалби затоа што се чувствителни, грижливи и се вклучени во сите обврски. Голем број истражувања веќе ни покажуваат колку влијаат татковците врз обликувањето на животите на децата уште од самиот почеток, предизвикувајќи ги конвенционалните идеи за родителство и род.

Сè до 70-тите години на 20 век улогата на татковците во развојот на децата воопшто не беше изучувана. Нивната најважна задача беше да бидат економски поддржувачи на мајката, која беше емоционалното сидро за детето.

– Голем фокус беше ставен на тоа дека врските со мајките се многу важни, а многу малку се обрнуваше внимание на другите социјални врски. Најочигледната од запоставените врски е онаа помеѓу таткото и детето, врска на која се гледаше како поважна кога децата се постари, но и секогаш била секундарна во споредба со онаа помеѓу мајката и детето – вели Мајкл Лемб, психолог на Универзитетот „Кембриџ“, кој ги изучувал улогата и влијанието на татковите уште од 70-тите години.

Мериен Бејкерманс-Краненбург од Универзитетот „Врије“ во Амстердам направила серија студии за новите татковци и семејните врски, па вели: „Половина од родителите се татковци, а сепак 99 отсто од истражувањата за родителството се фокусирани на мајките“. Сега, ново истражување покажува дека социјалниот свет на децата е многу побогат и покомплексен отколку што се мислело порано. Не се само татковците сега повеќе во фокусот. Тука се и бабите и дедовците, истополовите бракови и родители, старатели и самохраните родители кои исто така им помагаат на истражувачите да разберат што е она што е важно за детето да напредува – и тука не станува збор само за оној што воспитува.

Кога татковците се главните лица што се грижат за децата, нивниот мозок се приспособува на задачата

– Дел од аргументот кој се обидувам да го дадам во изминатите 45 години е дека всушност постојат повеќе важни фактори. Сакаме да ги признаеме разликите и нивната важност, но исто така мора да препознаеме дека навистина е потребен цел еден тим и постојат повеќе важни врски и односи што го обликуваат развојот на детето – вели Лемб.

Неодамнешни студии покажуваат колку флексибилни може да бидат родителските улоги. Психологот Рут Фелдман од Универзитетот „Бар-Илан“ во Израел открива дека исто како и мајките, и татковците доживуваат хормонски промени додека се во контакт со своето бебе, што помага во нивното поврзување. Кога татковците се главните лица што се грижат за децата, нивниот мозок се приспособува на задачата.

Исто така, важно е и емоционалното вклучување. Бебињата што имаат емоционално вклучени татковци покажуваат подобар ментален развој како мали деца и имаат помала веројатност да покажуваат проблеми во однесувањето подоцна во животот, во споредба со бебињата чии татковци имаат подалечен однос со своите деца. Постарите деца, исто така, имаат придобивка. Децата што имаат поголема емоционална поддршка од татковците или татковските фигури имаат тенденција да бидат позадоволни од животот и да имаат поцврсти врски со наставниците и со другите деца.

– Факторите што водат до формирање врски се истите и за мајката и таткото. Сè се сведува на емоционалната достапност, препознавање на потребите на детето, одговарање на нив, обезбедување комфор и поддршка кои му се потребни на детето – вели Лемб.

Минатите истражувања откриле дека мајките и татковците имаат тенденција да стапат во интеракција различна со малите деца: мајките се приврзуваат преку нежна грижа, а татковците остваруваат врска преку игра. Но тоа, како што вели Лемб, помалку е поврзано со родот, а повеќе со поделбата на грижата за детето. Студиите, пак, за истополовите врски и невработените татковци покажале дека без разлика на родот, родителот кој работи преку ден и се враќа дома навечер има поголема веројатност да игра со детето, во „подива“ смисла, односно го подигнува и го врти бебето. Родителот кој се грижи за бебето цел ден поверојатно е да стапува во интеракција со него на посмирен начин.

Кај хетеросексуалните двојки родителот кој се грижи за детето во најголем дел од денот најчесто е мајката, поради низа социјални и економски причини.
Што е со платеното породилно отсуство? Повеќето од земјите во светот плаќаат породилно отсуство за мајката, додека само неколку плаќаат и за татковците. Во Велика Британија е достапно споделено родителско отсуство, но го користат само 2 отсто од паровите.

Всушност, иако многумина упатуваат пофалби кон племето Ака, сепак, мајките се тие што во најголем дел ја преземаат грижата за детето во свои раце. Но, никој сè уште не ги именувал како најдобрите мајки на светот.

Истражувањата покажуваат дека вклучувањето на татковците има многу придобивки за децата. Исто така и играта, без разлика дали е мирна или не.

– Играта е јазикот на детството: тоа е начинот на кој децата го истражуваат светот, тоа е начинот на кој се градат врски со другите деца – вели Пол Рамчандани, кој ја проучува играта во едукацијата, развојот и образованието на „Кембриџ“. Тој и неговиот тим набљудувале татковци што играат со своите бебиња во првите месеци од животот, а потоа го следеле развојот на децата. Откриле дека раните интеракции помеѓу таткото и детето се многу поважни отколку што претходно се претпоставувало.

Бебињата чии татковци се повеќе активни и вклучени во играта имале помалку тешкотии во однесувањето на возраст од една година, во споредба со оние што биле повеќе дистанцирани. Исто така, покажале подобри резултати на когнитивните тестови, на возраст од две години, на пример, во нивната способност да препознаваат облици и форми.

Овие резултати се независни од врската на мајката со детето. Рамчандани предупредува дека резултатите не треба да бидат интерпретирани како јасно предизвикувачко поврзување. Дистанцираното однесување на татковците, на пример, може да биде знак и на други проблеми во семејството. Сепак, според Рамчандани, студијата е охрабрување за родителите да играат со своето дете уште пред тоа да почне да лази и оди. Некои татковци не го прават тоа кога бебињата се многу мали бидејќи не се сосема сигурни што треба да прават или сметаат дека нема да постапат правилно. Се разбира, и новите мајки се чувствуваат исто така несигурно.

Сепак, експертите советуваат играта со бебето да биде едноставна, на пример, да го поставите бебето во својот скут, да имате контакт со очите и да набљудувате што е она во кое ужива. Најважно е да бидете вклучени, а со текот на времето како што ќе вежбате повеќе, ќе бидете и подобри.

Нема модел на идеален татко

Жените трошат 10 пати повеќе време на неплатена работа во споредба со мажите, а тука спаѓа и грижата за децата. „Сметам дека сме на раскрсница во однос на тоа какви гледишта имаме кон татковците“, вели Ана Мачин, антрополог и автор на книга за модерно татковство „Животот на таткото“. Таа вели дека иако повеќето татковци сакаат да бидат поактивни дома, сепак, нивното работно место не е приспособено за тоа. „Тука почнува тензијата за мажите: помеѓу потребата и желбата да се грижат, како и потребата постојано да обезбедуваат средства за семејството“, вели таа.

Со оглед на големите финансиски притисоци со кои се соочуваат семејствата, Мачин стравува дека може да дојде до замена на традиционалните улоги: „Ако сте татко сега и сакате да бидете вклучени, мора да бидете пионер на работното место. Мора да се спротивставите на таа култура на одење на работа од страна на мажите“.

Еднаквата поделба може да има и долгорочни придобивки. Истражувачи предводени од социолозите Хелен Норман и Колет Фаган на Универзитетот во Манчестер откриле дека татковците имаат поголема веројатност да се вклучат кога детето е на возраст од три години, ако споделуваат еднаква грижа за детето кога тоа има девет месеци. Во Шкотска студија во која биле вклучени повеќе од 2.500 семејства покажала дека врските помеѓу таткото и детето што се полни со поддршка се важни исто колку и врските помеѓу мајките и децата, во однос на благосостојбата на детето.

– Една од работите што ги научивме е дека нема модел на идеален татко. Не постои рецепт за тоа што треба да прават татковците или какво однесување да спроведуваат. На крајот се работи за емоционална достапност и задоволување на потребите на децата. Различни луѓе постапуваат на различен начин. Многу се зборувало на таа тема – дали татковците треба да постапат на машки начин? И одговорот е не, не треба. Треба да постапат на начин кој за нив има смисла, кој е автентичен и кој им дозволува да бидат целосно вклучени во односот со нивното дете – вели Лемб.

Автор: Софи Хардеч



912

X