Здравје

Тајна врска – антибиотикот и пробиотикот одат рака под рака

Постои општо верување дека пробиотиците помагаат да се заштити цревната микрофлора, особено кога се користат антибиотици, а широко распространетиот пазар на овие препарати помогна да се одржи ова верување. Сепак, до неодамна всушност немаше јасен научен доказ кој несомнено би потврдил дека пробиотиците навистина имаат таков ефект. Студиите беа ограничени, со мал број на испитаници и често контрадикторни резултати.

Но, ова се промени минатата година откако анализа објавена во „Журналот за медицинска микробиологија“ покажа дека земањето пробиотици заедно со антибиотици може да ја заштити цревната флора од негативните ефекти на антибиотиците.

Нерамнотежа на цревната флора

Антибиотиците се едни од најпрепишуваните лекови. И додека тие се многу ефикасни во лекувањето инфекции, не само што изолирано влијаат врз бактериите кои предизвикуваат воспаление, туку влијаат и врз сите други бактерии, вклучувајќи ги и оние што живеат во нашите црева и го обезбедуваат здравјето на дигестивниот систем. Некои студии покажуваат дека нерамнотежата во цревната флора може да трае до две години по земањето антибиотици. Симптомите кои најчесто се поврзуваат со употребата на антибиотици се дијареја и надуеност.

Претходните студии покажале дека пробиотиците можат да ги намалат нарушувањата предизвикани од антибиотиците, но не било јасно дали тие можат да ја подобрат состојбата на цревната флора. Затоа некои лекари не ги препишале бидејќи немало јасен доказ дали евентуално може дополнително да ја нарушат состојбата на дигестивниот систем. Авторите на гореспоменатата анализа, која набљудувала 29 студии спроведени во последните седум години, забележуваат дека е откриено оти кај здравите луѓе има поголема разновидност на бактерии во цревата отколку кај болните.

Пробиотиците ја зачувуваат таа разновидност кога се користат антибиотици, со намалување на промените што антибиотиците ги прават во цревата. Во некои случаи овие промени во цревната флора се целосно спречени. Се покажало дека пробиотиците дури можат да го поттикнат растот на пријателските бактерии. како што е Faecalibacterium prausnitzii (Фекаибактериум праусници), кои го намалуваат воспалението и промовираат одржување на здрава цревна бариера.

Ја ублажуваат дијарејата

Покрај овие нови откритија, претходно било откриено дека добрите бактерии ја намалуваат дијарејата предизвикана од користењето антибиотици и ја намалуваат количината на патогената бактерија Clostridium difficile (клостридиум дифициле), која е поврзана со дијареја опасна за живот. Други студии покажуваат дека земањето пробиотици заедно со антибиотици ги подобрува резултатите од третманот за Helicobacter pylori (Хеликобактер пилори) и синдромот на прекумерен бактериски раст на тенкото црево познат како СИБО.

Научниците допрва треба да сфатат како да се земаат пробиотици со антибиотици. Досега имаше заедничко мислење дека пробиотикот треба да се зема два часа пред или по антибиотикот, бидејќи антибиотикот неселективно ги убива сите бактерии, вклучително и пробиотиците. Меѓутоа, други истражувања покажуваат дека овие два препарати може да се земаат истовремено и дека пробиотикот сепак ќе ја заштити цревната флора. Исто така, сè уште не знаеме кои комбинации на пробиотици се најефективни во лекувањето на проблемите предизвикани од земање антибиотици.

Најистражуваните видови се Lactobacillus (Лактобацилус) и Bifidobacterium (Бифидобактериум), како и Saccharomyces boulardii (Сахаромицес буларди) и се покажале како исклучително ефикасни.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top