Ако себеси не сме си признале, ако не сме се спознале, ако не го живееме СВОЈОТ живот… вистински, автентичен, искрен, туку го живееме животот на нашите мајки, татковци, баби, дедовци… или животот кој го пишува во некакви свети книги, погледите на соседите, заедниците во кои живееме.

Како можеме да им зборуваме на своите деца за самопочит, а притоа на себеси да си го скратуваме секое задоволство и да се претвориме своеволно во некаква жртва за која кога-тогаш ќе ги обвинуваме истите деца кои денес ги подучуваме какви треба да бидат.

Како може да сакате некого на овој свет ако не се сакате себеси?

И можеме да бараме оправдувања во воспитувањето, уверувањата, моралот и какви било лажни изговори, но единствено кога себеси ќе си признаеме дека најмногу воспитуваме со сопствениот пример, веќе сме сработиле добар дел од обврските.

Вчера со синот имав прекрасно попладне. На едниот дел од дворот пронајдовме површина тукушто изорана со трактор, на која во моментот ништо нема посадено. Само мека и топла земја. Имавме намера да играме со џамлии, со акцент на тоа дека мојот син има нови правила, па тоа повеќе изгледа како да играме куглање, но нема врска. Главно се соблеков боса и почнав да скокам, уживајќи во допирот со земјата, сонцето, воздухот. Синот ме гледаше, се смееше и ме прашуваше дали ми се чини дека сме на плажа? Толку ме развесели таа детска идеја во периодот кога заоѓаше сонцето, што набрзо почнавме целосно да се соживуваме со тој филм. Се тркалавме, се потуривавме, правевме дупки и во нив седевме, ги закопувавме нозете, па се обидувавме да излеземе… урнебес!

На крајот од играта, додека одевме на туширање, син ми ме погледна како што знае само дете да те погледне и ми рече: „Мамо, супер ми беше на плажа… едвај чекам да одиме пак. Тоа ќе биде нашата тајна плажа“.

Поентата е дека сакам да го научам детето дека сѐ е во нас. Сега сме и овде. Дарувано ни е ова време. Можеме да го потрошиме на грижи околу разновидни неважни работи, да ги оформиме нашите деца, да ги импресионираме луѓето околу нас, но ако не сме во состојба да создадеме „тајна плажа“ и да се благословиме со игра во која стануваме рамноправни со детето, ништо не сме направиле.

Кога сами себе ќе се прифатиме, спознаеме и целосно ќе се ослободиме од сето она што нè влече некаде долу, кога сме пример за она што го зборуваме, имаме право да се надеваме дека одгледуваме и воспитуваме среќен човек.

Автор: Наташа Јукиќ, асистент во настава со деца со тешкотии; автор



912

X