Бебето е дома. Бабите, дедовците и другите роднини ќе ве преплавуваат со совети, веќе од првата средба најверојатно ќе коментираат дека новото бебе баш нив ги гледа право в очи и им се смее, кога малку ќе порасне, ќе го споредуваат развојот на бебето со нивните деца, односно со вас, сегашните родители. Често ќе можете да слушнете реченици од типот: Ти тоа го правеше уште кога имаше 2 месеци… почна да седиш кога имаше 4 месеци…
Не постојат 2 бебиња што се сосема исти. Првата година е најдинамичниот период во растот и развојот на детето.
Првата година од животот на бебето е означена со брз физички и ментален раст и развој. Бебето напредува во тежина, брзо добива сантиметри, брзо учи и емотивно се развива. Некои се развиваат побрзо од другите, некои побавно, но важно е да се знае дека секое бебе има свој ритам на развој. Процените од напредокот се земаат предвид не само за она што детето умее да го направи во одреден период, туку и начинот на кој ги прави работите. Исто така, многу е важно бебето баш во тој момент да е расположено да го направи сето она што вие сте го замислиле. Поврзани за овој период се и насоките за тоа што повеќето деца на одредена возраст може да направат. Не грижете се доколку вашето дете не може да направи нешто од набројаните работи. Можеби на 7 месеци ќе стори нешто од листата со очекувани активности за 6 месеци, но можеби нема да може да направи ниту една од активностите. Ова се насоките што ќе ви помогнат да го следите бурниот и интензивен психо-моторен развој на своето дете.
Што треба да прави новороденчето
Веднаш по раѓањето може да се загледа на неколку секунди во својата мајка кога му е многу блиску. Ги препознава гласот и мирисот на мајката. Ако детето се стави на стомак, рефлексно ќе ја сврти главата настрана за да ги ослободи дишните патишта. Рефлексно фаќа со рацете и стапалата. Ја отвора устата и почнува да прави движења за цицање кога предмет ќе му се приближи до устата. Рацете и нозете ги држи свиткани. Ова е период во кој бебето го поминува речиси целиот ден во спиење, будно е само кога се храни, но во тие будни моменти ќе го забележите брзиот развој.
Возраст од 2 до 3 месеци
На 2 месеца вашето бебе почнува да ги забележува драгите лица кои секојдневно ги гледа. Сè почесто ги отвора дланките, а ако се стави на стомак, може да се обиде да ја одвои главата од подлогата. На бебињата од најраниот период им е потребен мир, а лесната тивка музика му помага на бебето во развојот. Кога ќе наполни 3 месеци, бебето веќе ги забележува играчките што се вртат над креветот. Веќе почнува да ја држи главата самото, а често ќе си игра со рачињата, ќе ги набљудува и открива. Почнува сè да става в уста, го истражува светот на свој начин, рачињата и шарените тропалки, иако сè уште не може да ги држи самостојно, го пронаоѓаат патот до устата. Во положбата на стомак бебето станува сè посилно и посилно, па најчесто може да се издигне на рачињата и да ја сврти главата. Им се смее на драгите лица што често ги гледа.

5., 6. и 7. месец
Сте влегле во втората четвртина од годината, а бебето веќе научило радосно да се смее, да ги следи со поглед веселите бои и движења во близина, а можно е во овој период да почне првпат да зборува на свој јазик – да гуга. На стомак се крева на лактите и главата ја врти во насока на интересот, а се обидува да ја одржи рамнотежата ако сака да дофати нешто, така што тежината од телото ја префрла на колената и другата рака. Во тој период бебињата се многу заинтересирани за светот кој ги опкружува, најмногу сакаат да ги носите во исправена положба за да имаат голема прегледност на сè што се случува. Не форсирајте го да прави повеќе активности и пуштете го само да одреди што може. Помогнете му малку да се крене и опкружете го со меки перници во полуседечка положба. 6-те месеци се голема промена за бебето, бидејќи почнува да седи, прво со потпора, па набрзо и самостојно. Почнува да се движи од стомак на грб. Нозете се помалку свиткани отколку порано, зазема положба за ползење и се потпира на испружените раце и стомак. На 7 месеци почнува да фаќа предмети со палецот и ги префрла од една во друга рака. Ако му додадете еден предмет, а во раката држи друг, оној од раката најчесто го пушта, а потоа го зема понудениот.
Од 8. месец до навршена 1 година
Со текот на времето понудениот предмет го става во слободната рака. Почнува да се врти од стомак на грб, а ова е период кога со голема брзина може да го промени местото во кое сте го оставиле. Кога детето ќе наполни 8 месеци, ќе почне да се потпира на лактите и колената. Игра различни игри со родителите, се радува и на непознати лица. Почнува да реагира на својот лик во огледало и се радува на откривањето на светот. На 9 месеци најчесто почнува да ползи, а до една година се потпира на нозете. Во почетокот тоа е со придржување за сите предмети што се наоѓаат во неговото опкружување, а потоа малку по малку и детето се ослободува самото да тргне во истражување на светот. Во периодот околу 10. месец детето почнува да се исправува во креветчето, често сака да излезе од него, но најчесто сè уште не е доволно спремно. Чувајте го во овој период од удари, за да не се исплаши бидејќи потоа може да одлучи да го одложи периодот на проодување поради страв.
Секој од овие периоди е исполнет со прекрасен развој на еден мал човек, суштество кое има своја личност од раѓање и кое најверојатно самото точно знае што и кога сака да направи. Помогнете му овој прекрасен период да го помине што побезгрижно, со насмевка, радост, играчки во весели бои приспособени за возраста, вежби кои може да ви го покажат педијатарот. Ова е прекрасен период бидејќи секој ден гледате напредок. Радувајте му се на вашето бебе и сето она што тоа умее да го направи. Првата година од животот брзо поминува, родителите ги чека уште многу работа, но одлично е и тоа што детето досега го научило и што во понатамошниот период на развој сè повеќе ќе го усовршува. Секој ден сè повеќе ќе ги формира своите способности и карактер, а ние сме тука да му помогнеме во секоја секунда од животот.
Автор: д-р Милена Николиќ, педијатар