Игротека

Свирењето на инструмент го забавува стареењето, ја зголемува самодовербата

Студиите покажуваат дека децата се попаметни ако учат музика. Таа им помага во развојот на мозокот, на моторичките вештини и друго. Дали знаете дека свирењето на инструмент го забавува стареењето, ја зголемува самодовербата и дури им помага на децата со математичките вештини?

А како врв на сето тоа… забавно е!

Сега кога нашите деца учат да свират на пијано, обожувам да ги гледам. Самодовербата што ја добиваат откако ќе научат нова песна е прекрасна работа. Ги сакам изразите на нивните лица кога ќе дојдат до мене бидејќи сакаат да ми отсвират од она што го научиле. Ако се прашувате дали вашето дете треба да оди на музички часови, има неколку студии кои сакам да ги споделам со вас – за да ви помогнат во донесувањето на вистинската одлука.

Дали децата треба да одат на часови по пијано или да учат да свират на инструмент? Да и не.

Учењето да се свири на музички инструмент е важно, но само ако детето покажува интерес. Студиите извршени за региите во мозокот кои се одговорни за музиката покажуваат дека музиката навистина ве прави попаметни. Не би сакала да принудувам дете да оди на часови ако не е навистина заинтересирано, но ако покажува интерес, одлично би било да се обиде. За што ќе има придобивки?

1. Поголем успех на училиште

Моцарт-ефектот – Долгорочните ефекти од музиката биле истражувани во групи деца од претшколска возраст од 3 до 4 години, на кои им биле дадени лекции за музика на синтисајзер во период од 6 месеци, а за тоа време тие ги учат тонските интервали, техники, музичка нотација, свирење според меморија. На крајот од тренингот сите деца можеле да изведат едноставни мелодии од Бетовен и Моцарт. Потоа биле изложени на просторно-временски тестови за расудување согласно возраста, а нивниот перформанс бил подобар за 30 отсто отколку кај децата на слична возраст што добивале компјутерски лекции или немале специјален тренинг во времетраење од 6 месеци.

Ова значи дека едноставното слушање музика или одењето на музички часови има големо влијание.

2. Го забавува процесот на стареење

Истражувачите откриле дека возрасните старееле побавно кога свиреле или се занимавале со музика или, пак, биле дел од музичка едукација. Студијата била спроведена на возрасни лица од 60 до 83 години и резултатите покажале голем ефект од високата музичка активност во животниот век во однос на зачувување на когнитивното функционирање во напредната возраст.

3. Поголема мозочна функција

Студија од „Харвард“ открива дека музиката ја подобрува сивата материја во мозокот. Кога децата вежбаат уште од детството, па и како возрасни, тие имаат поголем волумен на сивата материја во мозокот, како и разлика во моторните, аудиторните и визуелните регии во мозокот, за разлика од група аматери-музичари или луѓе што не се занимаваат со музика. Всушност, структурните промени во мозокот се случуваат само по 15 месеци музички тренинг во раното детство. Според Википедија, сивата материја ги содржи повеќето мозочни невронски клетки. Сивата материја вклучува регии од мозокот кои се инволвирани во мускулната контрола и сензорната перцепција како слушањето, меморијата, емоциите, говорот, носењето одлуки и самоконтролата.

4. Бавно опаѓање на меморијата, намалување на анксиозноста и депресијата

„Еј-би-си њуз“ открива дека учесниците во студија кои свиреле и се занимавале со музика од своето детство може да го намалат губењето на меморијата, како и губењето на слухот. Дури се влијае позитивно и врз намалувањето на анксиозноста и депресијата.

5. Зголемени математички резултати

Мартин Ф. Гардинер и неговите соработници во Центарот за студии за човечкиот развој при Универзитетот „Браун“ комплетирале студија која покажува дека свирењето на инструмент им помогнало на вторачињата со математиката – резултатите на оние што свиреле на пијано биле значително подобри отколку на оние што не свиреле.

6. Зголемување на самодовербата

Во студија во која неколку пијано-инструменти им биле подарени на ученици, биле измерени резултатите на оние ученици што свиреле наспроти учениците што не оделе на часови по пијано. Резултатите покажале дека пијано-часовите имаат позитивен ефект врз самодовербата кај децата и нивните оценки.

Алатки што ќе им помогнат на децата да учат да свират на пијано:

1. Дајте им алатки да свират, на пример – дигитално пијано

Пијаното е скап инструмент, но дигиталното пијано може да помогне. Само ставете го на биро, на маса, па дури и на подот и можете да почнете. Има и поевтини варијанти кои можете да ги најдете и работат на батерии. Некои доаѓаат во пакет со звучници и слушалки.

2. Букви за клавишите на пијаното

Може да се испечатат и да се залепат „стикери“ на клавишите од пијаното – се разбира со материјал кој нема да го оштети пијаното. Така децата полесно ќе учат и тоа е навистина одличен начин за да им се помогне.

3. Картички со лекции

Картичките се одлична алатка за учење. Тие може да содржат ноти, симболи и насоки кои се потребни за изучување на музичкиот инструмент. Направете ги интересни, во различни бои и категории.

Автор: Беки Менсфилд

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top