Нашите секојдневни рутини се променија, не знаеме како ќе живееме од понеделник или од утре, а посебен стрес на сето тоа додаваат и медиумите кои од минута во минута известуваат за бројот на заразени лица со коронавирусот, кој се зголемува од ден на ден, говорат за новата вакцина или за прекин на наставата. За тоа се зборува во сите медиуми, се дискутира во семејството, а на училиште на децата им се даваат препораки за заштитни мерки за да не се заразат…
Ниту еден страв кај детето, ниедна грешка што детето ќе ја направи, не треба да се драматизира, смета проф. д-р Светомир Бојанин
Кога говориме за стравовите на децата од коронавирусот, мораме да знаеме зошто кај нив воопшто се јавуваат стравови и како тие да ги надминат. Главно родителите потешко се носат со оваа ситуација со коронавирусот отколку децата, а вознемиреноста што може да се јави кај децата често се пренесува од родителот. Децата учат од нас со гледање и слушање. Сето тоа зависи од однесувањето на околината и на родителите. Авторот на популарната книга „Пријателски разговори на детски психијатар со родителите и воспитувачите“ и познат детски психијатар, проф. д-р Светомир Бојанин, смета дека ниту еден страв кај детето, ниедна грешка што детето ќе ја направи, не треба да се драматизира. „Леле, тоа е страшно! Како помисли на таква глупост?“ – тоа никогаш не треба да им се каже на децата. Сè што се случува треба да се каже, раскаже, расправа, во некој дијалошки однос, без префрлање, па да не се драматизираат ситуациите. Со децата треба да се разговара како со возрасни, на теми кои нив ги интересираат. Детето ќе има страв кога ќе види дека и родителите имаат страв. Кај мало дете, родителот не мора ништо да му каже за да го вознемири, бидејќи според нашата физиономија, детето ја препознава потребата да биде исплашено.
Значи, истакнува д-р Бојанин, во оваа вонредна ситуација мораме да научиме да разговараме со децата и да се навикнеме да бидеме сами со себе и со своите семејства. Со малите деца што не го разбираат говорот, исто така можете да „разговарате“, можете да играте или да слушате музика. Не треба децата да ги заплашуваме со коронавирусот, туку да ги научиме како да реагираат во вакви ситуации. Денес стресот и депресијата станаа водечка дијагноза во психијатријата, но можам да ви порачам дека стресот не го лекуваат психијатар и лекови, туку луѓето, семејството и пријателите.
Следните практични совети за превенција и надминување на стресот поврзан за коронавирусот ги дава психологот Николина Шарац:
– Немојте многу да читате различни текстови и совети за коронавирусот, за вакцините, за бројот на заболени. Направете некоја селекција и ограничете колку време ќе поминете во читање теми поврзани со коронавирусот. Лесно се надминува границата помеѓу потребата да се информираме и состојбата кога се „давиме“ во сите тие вести. Ако ве вознемируваат информациите, тогаш прескокнете ги и читајте нешто друго.
– Смислете некои интересни активности за себе и за семејството. Разговарајте со децата и посветете им малку поголемо внимание од вообичаено.
– На сите им е тешко да прифатат дека нашите стари рутини веќе не се можни поради мерките за заштита, но важно е да бидете флексибилни и да започнете нова рутина која може да ви помогне да се чувствувате помалку вознемирени и да се чувствувате пријатно. Воспоставете рутини како вежбање, подготвување интересни оброци или порано одење на спиење, бидејќи сето тоа е многу важно за регулирање на нашето расположение и нашите грижи.
– Доколку децата се дома и следат онлајн-настава, потребно е да им помогнете да направат структура на денот. Децата лесно запаѓаат во досада или вознемиреност доколку не постои структура на денот. Покрај задолжителното учење, неопходно е децата да имаат контакт и со врсниците. Доколку сте се договориле да се намали директниот социјален контакт, тогаш овозможете им на децата да комуницираат со врсниците преку различни канали на интернет. Сепак, внимавајте децата да не поминуваат премногу време покрај телефонот или компјутерот, бидејќи тоа ќе доведе до други последици.
– Децата учат според модел и затоа обидувајте се да им бидете добар пример. Важно е вие да бидете добро. Главно, децата го преземаат моделот на однесување од родителите, не само во детството, туку во текот на целиот живот.