За среќа, службените патувања не траат со денови. Повеќе има влези – излези во домот. Одам на некое снимање – се враќам, одам до работа за кратко и слично. За неколку часа одиме некаде во регионот, па и во Бугарија и Грција, и се враќаме. Повеќе би се рекло дека немаме вообичаено работно време бидејќи еден репортер-дописник покрива регион со околу 200 илјади жители, но мислам дека стекнуваме умешност за организирање, вели Мицева

Сузана со своето семејство

Новинарството не е само професија. Станува збор за начин на живот, прашање на идентитет, би рекла. Како мала, живеев во големо семејство од десетина души. Тоа беше заедница во која сите бевме сплотени, комунициравме, споделувавме информации и моравме да бидеме тим за да се организираме и никој никому да не му го нарушува мирот и редот. Во таков амбиент многу се разговараше, се кажуваа приказни, легенди и случки кои беа чист фолклор – споделува струмичанката Сузана Мицева, новинарка и уредничка на регионалната телевизија „ТВ Вис“.

Таа плени со својата сестрана личност. Сузана е еден од првите новинари што ги сослушуваа горките приказни од терен за време на бегалската, мигрантска криза. Сузана е мајка на три дечиња – Јанко (12), Магдалена (11) и Кирил (5).

Ѝ ги пренесував собраниските седници на баба ми, која беше наглува

Многупати наградуваната новинарка и поетеса се наврати на своето детство и ни раскажа од каде ѝ е љубовта за новинарскиот повик.
– Преку лето, на нива, пладнувавме и се рецитираше Кочо Рацин. Овој пример не е во смисла да се прикаже некаква пасторала, туку сакам да доловам каква беше разонодата во миговите за одмор. Натпревар помеѓу постарите сестри и татко ми, кој се сеќава најубаво на песните, кој ќе погоди одредена асоцијација. Баба ми, пак, беше наглува и постојано ѝ ги пренесував собраниските седници. Тоа особено ме радуваше, чувствував дека сум значајна, а саканата баба ми беше потребната врска со светот на „возрасните“, кој тогаш не ми беше многу познат и разбирлив. Цврсто сум убедена дека тоа опкружување, пуштениот корен во природата и слободата на мислата да се крили над полињата е причината што јас растев како личност што во себе развиваше дете-новинар и книжевник – раскажува Сузана.

До својата 27 година Сузана ги родила трите деца

Кога завршила средно школо, почнала да работи во тогашната локална, денес регионална „ТВ Вис“. Со новинарство се занимавала уште во средношколските денови, со неколку ТВ-проекти во некогашната телевизија Струмица.
– Во 2005 година бев матурантка и се запишав на маркетинг–менаџмент во Прилеп и на едногодишната школа за новинарство на МИМ во Скопје. За неа би рекла дека вреди повеќе од факултет. Длабока почит имам за сите прекрасни луѓе што ни всадија љубов, одговорност и професионалност кон новинарството.

Приказните се нејзиниот најголем предизвик. Таа речиси секој ден е на терен, и тоа рурален.
– Најмалку време имам поминато по институции, додуша, така е за секој репортер-дописник. Ние сме гласот на најневидливите, обичните луѓе. Секоја година нивните зборови се сѐ понечујни, се губат како далечно ехо донесено од ветрот. Високата политика ги полни вестите, а граѓаните не можат да дојдат на ред од политичарите. Не само јас, туку и многу мои колеги се обидуваат да го променат тоа – вели таа.

Најголемиот товар е врз родителите на мојот сопруг

Да се биде новинарка која е речиси постојано на терен и мајка на три деца е секојдневен предизвик. Сузана станала мајка на 20 години. Признава дека има голема поддршка од сопругот Димитар, но и од нивните родители.
– Тие широкоградо ги нудат своето време, љубов и внимание за нас и нивните внуци. Најголемиот товар, се чини, го носат родителите на мојот сопруг. Сепак сме под еден покрив и тие ми се секојдневна поткрепа. Јанко упорно се обидува да влезе во духот на кошарката, свири на клавир и на контрабас во музичкото училиште, а со тато и дедо вежба гитара. Најмногу, сепак, го интересира науката. Магдалена, пак, е уметничка душа, свири на пијано и од три години почна да везе и изработува рачни изработки под влијание на баба Магдалена. Кирил е, дефинитивно, радост за сите, освежување од училишните обврски на бато и дада и работните на мама и тато Димитар. Тој е суперносач на љубов и во оваа возраст е опседнат со суперхерои – се смее Сузана.

На промоција на дело на Владимир Мартиновски во Струмица

Некако се наметнува прашањето како се носи со отсуствата од дома, а особено како реагираат нејзините деца на тоа. Но, олеснителна околност, според неа, е што новинарите од релативно помалите градови никогаш не се далеку од ништо, па ниту од дома.
– Нема долго патување до работа и назад. Јас, на пример, сум на околу пет минути пеш од дома. Повеќе има влези – излези во домот. Одам на некое снимање – се враќам, одам до работа за кратко и слично. Патувањата не траат со денови. За неколку часа одиме некаде во регионот, па и во Бугарија и Грција, и се враќаме. Повеќе би се рекло дека немаме вообичаено работно време бидејќи еден репортер-дописник покрива регион со околу 200 илјади жители, но мислам дека стекнуваме умешност за организирање – од нужност – вели Мицева.

Со снимателот Пиличев сведочевме за многу трауми на бегалската криза

Една фаза од нејзината кариера сигурно никогаш нема да ја заборави. Тоа е периодот на бегалската криза, кога Сузана и снимателот Кире Пиличев тргнале барабар со цели семејства по шуми и патишта за да ги пренесат потресните приказни на овие луѓе. Еден датум сигурно нема да го заборави.
– Беше 24 април 2015 година. Ги затворавме вестите на „Вис“ за тој ден. Колегите почнаа да коментираат дека се случила голема трагедија некаде на пругата Велес – Скопје. Загинале 14 мигранти. Таа не беше прва таква несреќа на шините и силно ме потресе фактот дека македонските пруги наместо да се спас – патоказ на патот до Западот, стануваа смртоносна рута за многумина. Тргнавме со снимателот Кире по пругата од Гевгелија кон Демир Капија и тогаш наидовме на првата поголема група луѓе – мажи, жени и деца, сокриени во грмушки и напуштени објекти. Таа потресна репортажа во која испокрадени и претепани луѓе сведочеа како ја минуваат балканската рута, всушност, беше навестување на страшната бегалска криза. Оттогаш, во текот на целата година неколкупати пеш ги минав сите можни патишта и патеки – раскажува Сузана.

Заслужена награда, заедно со колегата Кире Пиличев

Таа раскажува и за средба со едно семејство на кое одлучила да му помогне повеќе отколку само да го ислуша. Тоа било момент на прекршување меѓу новинарот и човекот во неа.

– Тоа беше еден ден пред изгласувањето на Законот за азил. За секој еден што полицијата ќе го фатеше нелегално да премине граница следуваше депортација. Јас и Кире одевме кон Гевгелија, тогаш сѐ уште беше отворен познатиот „камен 59“. На автопатот видовме татко како вози велосипед со четири мали дечиња. Тоа неразумно храбро движење во едно пеколно топло пладне нѐ трогна и застанавме да го интервјуираме. Тој ни рече дека пред шест месеци му загинале најголемата ќерка и сопругата во бомбашки напад во Сирија, а другиот поголем син стигнал во Германија пред него. Тој со малите деца беше упатен натаму. Децата беа ситни и уморни. Најголемото немаше повеќе од десет години, најмалото седеше во кошницата на велосипедот на таткото. Се погледнавме со колегата и ги зедовме велосипедите во автомобилот заедно со сите деца. Таткото покрај нас возеше со неговиот велосипед сѐ до првата железничка станица. Најверојатно десетина километри сме возеле така, со полн автомобил деца, велосипеди, телевизиска опрема и страв и адреналин, сѐ измешано во сите нас – децата и таткото, затоа што не знаеја што ќе направиме со нив, а ние, затоа што во тој момент го кршевме законот со дело за кое се оди во затвор. Иако тогашната власт беше силно притисната и се чекаше да се промени Законот за азил, сепак, можевме да имаме сериозни проблеми доколку наидеше полиција – се навраќа Мицева.

Промоција на Никола Маџиров

Додава дека, за среќа, сѐ поминало добро, а следниот ден активистите ѝ испратиле фотографија од семејството во воз додека патувало кон својата дестинација.

– Добив и уште посреќна фотографија по некој месец, седеа на ручек заедно со синот. Снимивме и ТВ-документарен филм кој трае еден час. Сѐ уште не сме го емитувале, иако е готов. Сѐ ми се чини дека со колегата Пиличев видовме премногу тага и премногу трауми, па не сме подготвени да го прикажеме. Немам друго објаснување.

Сакајќи да избега од многуте информации што секојдневно ги обработува, Сузана пишува поезија, а организира и настани и разни истражувања.
Ја прашавме дали наоѓа време за себе.
– Секој миг во кој моето битие е исполнето со радост, некаква позитивна енергија дека сум токму таму каде што треба да бидам, е всушност само мое време. Па макар да сум на терен како новинар, со семејството, со пријателите книжевници, сама со кафето. Единствено – празнењето на умот, а и на духот ми е важен момент, тоа е некое време од десетина минути до еден час за моето полноќно кафе. Се преиспитувам тогаш, буричкам низ себе да видам како поминал денот, што се случило и како сум го почувствувала тоа. Во тие мигови читам или пишувам, во зависност како ја чувствувам сопствената енергија: празна – ќе читам или полна – ќе пишувам. Сакам да живеам што поедноставно и се стремам кон тоа моето постоење и дејствување да не е непријатност за светот – завршува Сузана.



912

X