Два месеца и повеќе без престан мајките истовремено работеа, готвеа, помагаа околу домашните задачи и воспитуваа деца. Сето тоа придонело за зголемување на стресот на вработените жени и чувството дека не можат да одговорат на очекувањата што ги имаат семејството и околината.

Секоја трета мајка во Србија имала намалени примања во текот на вонредната состојба, секоја петта морала да оди на работа бидејќи имала работни обврски, а 4 отсто од нив ја изгубиле работата поради пандемијата, покажало истражувањето на Центар за мајки. Студијата со наслов „Мајчинство во доба на корона“, која е спроведена од 28 април до 8 мај на примерок од 1.909 мајки во Србија, исто така покажала дека дури 60 отсто од вработените мајки не успевале да ги усогласат работните обврски со обврските околу децата и балансирањето потешко им паднало од вообичаено.

– Иако е научно докажано дека жените се подобри во мултитаскинг, мислам дека ниту една студија на светот не анализирала мајки што истовремено работат, готват, држат часови, помагаат околу домашната работа, воспитуваат деца и тоа 2 месеца без престан. Ми изгледа дека оваа ситуација повеќе од кога било покажала колку се очекува од жените во Србија да бидат супержени со престилки, со дрвена лажица во едната и тастатура во другата рака, кои со едното уво го слушаат работодавецот, а со другото сопругот, кој очекува упатства како се вклучува машината за миење садови. Сето тоа придонело за зголемување на стресот кај повеќето вработени жени и чувство дека не можат да одговорат на очекувањата што ги имаат семејството и околината, вели Јована Ружичиќ, директорка на Центарот за мајки, кој од 2012 година се залага за подобрување на положбата на мајките во Србија.

Ружичиќ додава дека 46 отсто од мајките во земја работеле од дома во текот на вонредната состојба, што значително им влијаело на нивната продуктивност. Имено, повеќе од половина испитаници изјавиле дека работата од дома негативно влијаела врз нивната ефикасност – вниманието им било одвлечено кон децата, потоа и останатите семејни обврски, но и стресот и анксиозноста во врска со ситуацијата во која се нашле е голем фактор.

– Во анкетата учествувале 82 отсто од вработените и 18 проценти од невработените мајки, а речиси третина од нив рекле дека платата им била намалена во текот на вонредната состојба – само 3 проценти од мајките добиле зголемена плата, а две третини имале исти примања како и пред вонредната состојба. Кога е во прашање бројот на обврски, повеќето мајки во текот на вонредната состојба работеле помалку од вообичаено, третина имале вообичаен обем на работа, додека петтина од мајките имале повеќе работа од вообичаено. На прашањето во која мера пандемијата влијаела врз нивното секојдневие, дури 63 отсто од мајките рекле дека имале повеќе обврски, четвртина од нив оценуваат дека ништо не се променило, а секоја десетта мајка изјавила дека има помалку обврски – ги сумира добиените податоци соговорничката.

И ова истражување ја потврдило тезата дека образованието на децата е „обврска“ на мајката, без разлика дали состојбата е вонредна или редовна. Имено, повеќе од 80 отсто од жените во брак потврдиле дека исклучиво тие или, пак, повеќе од партнерот учествувале во онлајн-наставата. На прашањето како го оценуваат квалитетот на онлајн-наставата, мислењата на мајките биле многу поделени. На повеќето мајки ваквата настава не им се допаѓа, додека позитивно мислење имаат само четвртина од нив.

Повеќе од половина мајки изјавиле дека не им била потребна дополнителна помош со материјалот, додека една петтина оцениле дека им била неопходна поддршка. Размислувањата се поделени и кога е во прашање процената дали на децата им се допаднал новиот пристап на наставата – 42 отсто од мајките велат дека на децата не им се допаднала онлајн-наставата, третина сметаат дека им се допаднала, додека четвртина од нив не се сигурни.

Јована Ружичиќ додава дека вонредната состојба воведена поради пандемијата на коронавирусот укажала на проблемот кој веќе долго постои кај нас, а тоа е непостоење на системска и државна помош за самохрани родители.

– Тие во регуларни времиња успеваа да се снајдат со помош на пријатели, соседи и роднини, но во моментите кога секое семејство се борело за себе, биле препуштени сами на себе. Анкетата покажала дека дури 62 отсто од самохраните мајки не добиле понуда за помош од пријатели во текот на вонредната состојба, а петтина од нив во набавка морале да одат со детето бидејќи немале кому да му го остават. Ако им била потребна некоја неочекувана помош во текот на оној дел од денот кога не бил во сила полицискиот час, повеќе од половина мајки немале кому да се јават. Затоа не чуди податокот дека петина од мајките што самостојно одгледуваат дете не успеале да ги усогласат работните и семејните обврски – истакнува Ружичиќ.

Ова истражување покажало и како мајките ја доживеале пандемијата на вирусот во емотивна смисла – на третина од нив доминантна состојба им била анксиозноста, кај петтина грижата, 9 отсто чувствувале мир, а 6 отсто страв. Повеќе од половина испитани мајки во текот на вонредната состојба успевале да пронајдат време за себе, а тоа време главно го поминувале гледајќи филмови и серии, читајќи, вежбајќи или занимавајќи се со некое хоби. Очекувано, на мајките најмногу им недостигала слободата на движење, дружење со драги луѓе и надворешната помош околу семејните обврски.

Автор: Катарина Ѓорѓевиќ

Извор



912

X