Д-р Даниела Хајдињак-Прихиќ, стоматолог од Бјеловар, Хрватска, покрена пилот-проект под наслов „Да ги спасиме шестките“. Таа на децата ќе им ги залева забите за да спречи кариес. Хрватска е втора во Европа по бројот на кариес меѓу помладата популација, пишува „24 сата“.

Кадифениот Здравко и Суперзабарката Даниела ги дочекаа децата од бјеловарската градинка „Цицибан“ во стоматолошката ординација во Булинец. Со оваа весела средба почна пилот-проектот „Да ги спасиме шестките“ на стоматологот Хајдињак-Прихиќ (38). Таа го покрена овој проект поттикната од фактот што Хрватска според појавата на кариес меѓу помладата популација е на чело во Европа – веднаш по Бугарија. Иако во Хрватска пред речиси три децении е усвоена Националната програма за превентива и заштита на оралното здравје, таа сè уште стои само на хартија.
– Веќе четири години чекам потпис од менторот за да заминам на специјализација по ортодонција, а во меѓувреме ги посетувам последипломските студии по менаџмент на квалитет во здравството – вели д-р Хајдињак-Прихиќ.

Додека децата чекаа во чекалницата со негувателките и директорката на градинката „Цицибан“, стравот за миг им го однесе кадифениот Здравко, а потоа и забарката со голема четкичка во рацете, облечена во костим на суперхерој. Додека таа им објаснуваше на децата како правилно се мијат запчињата, Здравко испрска едно детенце со вода по лицето, па смеењето го победи стравот. По првиот контакт, кој докажа колку лесно може да се стекне довербата на децата при средба со забар, малите пациенти еден по еден влегуваа во амбулантата и седнуваа на столот.

Габриела, која веќе имала искуство со Даниела, храбро ја отвори устата, но во ниту еден момент не го тргна погледот од инструментот што го држеше докторката, која ѝ објаснуваше што ја чека – преглед на трајната шестка, која е прв траен заб, а никнува околу четвртата или петтата година и затоа е подложен на кариес.
Кај Габи, како што нагалено ја вика докторката, шестката е во ред и наскоро ќе ѝ ја залие за да се сочува забот.

Некои од родителите посочуваат дека повеќето забари не пристапуваат како забарката од Булинец бидејќи единствено таа води сметка за шестките, кои излегуваат први и затоа први се на удар од кариес. За да се спречи тоа, д-р Хајдињак-Прхиќ во својот проект става акцент токму на зачувување на шестките. Мајката на едно 10-годишно девојче ни кажа дека пред неколку месеци ќерката морала да ја извади шестката бидејќи забот ѝ пропаднал.
– Да знаевме порано за проектот на докторката, ќе одевме кај неа за да го спасиме првиот траен заб. Стоматологот каде што одевме не забележа ништо. Бев во шок бидејќи не ни кажа дека шестките можат да се залеат и така да се зачуваат – рече мајката, додавајќи дека сега нејзината ќерка со насмевка седнува на забарскиот стол.

Децата ѝ објаснија на докторката дека редовно ги четкаат запчињата, освен, како што рече Иван, ако се разбуди подоцна, па го прескокнува утринското четкање. Но, навечер родителите ги потсетуваат на таа обврска.

Родителите на сите 220 деца дале согласност децата да ги пратат на превентивен преглед на усната шуплина според посебната програма која единствено се спроведува во Булинец. Откако и последното дете се симна од забарскиот стол, Суперзабарката им подари четкичка за заби и паста, со ветување дека ќе се сретнат повторно.

 



912

X