Пушењето и големите количини на кофеин (повеќе од две шолји инстант кафе дневно) се поврзани со зголемен ризик од компликации во бременоста, предвремено породување и забавување на растот на бебето.
Но, една студија од „Кембриџ“ не нашла докази дека натпросечниот внес на кофеин за време на бременоста е поврзан со предвремено породување или раѓање помали бебиња. Спротивно на тоа, студијата пресметала дека жените што пушеле во бременоста имале речиси трипати поголеми шанси да се породат предвреме, во споредба со непушачите – повеќе од двојно од претходната процена. Исто така, откриено е дека бебињата родени од мајки пушачи имале четири пати поголема веројатност да бидат мали за нивната гестациска возраст, што ги изложува на ризик од сериозни компликации, вклучувајќи тешкотии со дишењето и инфекции.
Претходните студии што ги испитувале врските помеѓу пушењето, кофеинот и негативните исходи од бременоста главно се потпирале на податоци кои жените сами ги приложиле во однос на пушењето цигари, често во една точка од бременоста, што не е секогаш веродостојно.

Оваа студија, објавена во „International Journal of Epidemiology“, ги испитувала метаболитите на пушењето (котинин) и кофеинот (параксантин) во примероци од крв кај повеќе од 900 жени кои учествувале во студијата за предвидување на исходот на бременоста, помеѓу 2008 и 2012 година. Истражувачите ги анализирале нивоата на котинин и параксантини пронајдени во крвта во 12., 20., 28. и 36. недела од бременоста и соодветно ја класифицирале изложеноста на жените на пушење и консумирање кофеин. Иако не е докажано дека кофеинот предизвикува предвремено породување, тоа не значи дека трудниците сега можат да пијат големи количини еспресо, на пример.
Претходните истражувања покажале дека многу високиот внес на кофеин е поврзан со поголем ризик од спонтан абортус и перинатална смрт. „Ги проучувавме само жените што имаат натпросечно ниво на метаболити на кофеин, но не и оние што пијат екстремно високи количини на кофеин. Затоа, овие резултати не сугерираат дека сегашните препорачани количини на кофеин (до две шолји дневно) треба да се менуваат“, вели шефот на Одделот за акушерство и гинекологија на Универзитетот во Кембриџ, професор Гордон Смит.
Друга студија од Универзитетот во Есекс, пак, неодамна покажала дека бремените жени имаат двојно поголем ризик од спонтан абортус доколку тие или нивните партнери ја загубат работата.
Автор: Карина Шиждрак