Корисници на апликацијата и учесници на форумот за помош има многу, а задоволството на креаторите е уште поголемо зашто голем број од тие учесници не се плашат да ја раскажат својата приказна, надевајќи се дека со споделување на своето искуство ќе помогнат некому
„Во основно одлично се согласував со моите соученици и со мене тие секогаш беа коректни. Но, таму беа и оние деца што беа поголеми од нас. Тие постојано ме исмејуваа за мојот изглед, иако тоа не е мој избор, таква сум родена. Ја искористуваа секоја можна шанса за да ме потценат, а бидејќи беа главни во училиште, голем дел од децата беа на нивна страна. Немаа некоја посебна причина за да го прават тоа. Јас отсекогаш бев мирно и повлечено дете. Поголем дел од нив тоа исмејување го правеа на социјалните мрежи, каде што забележав дека и моите соученици ги поддржуваат во тоа. Јас никому не кажував како се чувствувам. Ми беше срам и не бев воопшто храбра. Она што ме мачеше го чував во себе поради тоа што немав рамо на кое можев да се потпрам“.
Ова е приказна на девојче кое побарало и добило помош од ангажираните и членовите на првата македонска апликација за решавање разни проблеми на младите.
Данче Петрушевска
Предизвиците со кои секојдневно се соочуваат младите неретко им создаваат дилеми, проблеми, па дури и стравови како да постапат во одредена ситуација, каква одлука да донесат, како да го решат проблемот со кој се соочуваат. Уште поголема е нивната потреба со некого да разговараат за тоа што ги мачи, да слушнат туѓо искуство и мислење, да побараат стручна помош.
ЗА ШТО ДИСКУТИРААТ
Ова е мал дел од прашањата и темите на кои дискутираат младите на апликацијата:
-Имам другар што многу ми се допаѓа, ама е вљубен во моја другарка.
-Другарка ми има многу ниска самодоверба. Како да ѝ помогнам?
-Професорка не ме сака и не сака да ми покачи оценка. Што да правам?
-Ужасен крај или ужас без крај?
-Другарка ми се навлече на дрога и алкохол. Свесен сум дека тоа ќе ја упропасти. Сега не знам што да направам, дали да бидам добар другар и да не кажам на нејзините или да ја исполнам мојата морална обврска?
-Кога е вистинско време за секс?
-Мотивација за учење?
Токму тоа била идејата-водилка на тимот од Скопје наречен Андромета, да создаде чат-апликација со форум на кој младите анонимно можат да споделат искуства, да отворат дискусии и да коментираат на постовите на другите корисници и со тоа да си помогнат едни на други при решавање разни проблеми – од другарски и љубовни, па сè до насилство, ситуации од кои не се чувствуваат доволно силни или способни сами да излезат неповредени и без последици.
Лично искуство и обучени волонтери
Тимот Андромета е составен од 6 амбициозни тинејџери од различни училишта и делови на Скопје, кои се споиле со една идеја – да им помогнат на своите врсници, нешто што, како што велат, им овозможило да ја постигнат целта, иако како тим не се познавале долго време. Апликацијата што ја создале се нарекува SpeakOut, а за нејзината корисност кажува наградата што овој тим ја добил од УНИЦЕФ.
Освен тимот, на форумот работат и волонтери кои претходно завршиле стручна обука за ваков вид помош за младите. Во создавањето и работата на целиот проект голема улога имало и личното искуство, бидејќи, како што велат од Андромета, речиси сите што учествуваат во работата на SpeakOut барем еднаш во животот искусиле или биле сведоци на насилство.
– Апликацијата моментално можат да ја симнат само андроид-корисниците на Google Play Store и по едноставно регистрирање да ја користат. Секој корисник се најавува со свое корисничко име и лозинка. На апликацијата има форум на кој корисниците анонимно можат да споделат искуства, да отворат дискусии и да коментираат на постовите на другите корисници. Најважниот дел е чатот со волонтерите. Чатот е целосно анонимен за корисниците да се чувствуваат безбедно и да можат слободно да си ги искажат своите мисли и чувства – велат од Андромета.
Не се плашат да ја споделат приказната
Корисници на апликацијата и учесници на форумот за помош веќе има многу, а задоволството на креаторите е уште поголемо зашто голем број од тие учесници не се плашат да ја раскажат својата приказна, надевајќи се дека со споделување на своето искуство ќе помогнат некому.
– Нашите корисници најчесто бараат совети како да се справат со некои проблематични ситуации што им се случуваат, но дефинитивно голем број од нив веќе не се плашат јавно да ја напишат својата приказна во која биле жртви, биле сведоци или дури и сторители на насилство. Најголемиот број од учесниците во форумот се тинејџери, па поради тоа, темите за кои најчесто се дискутира или се бара помош се љубовни и пријателски проблеми – објаснува Данче Петрушевска од Андромета.
Освен желбата да им се помогне на младите, мотив за Андромета бил и предизвикот на УНИЦЕФ, наречен Generation Unlimited.
– Идејата од која потекнува оваа апликација најпрво беше самиот предизвик на Generation Unlimited и УНИЦЕФ, но, се разбира, и нашата желба да им помогнеме на сите оние што се соочуваат со некакво насилство и да им овозможиме што е можно побезбеден начин да се справат со нивните психички проблеми – додава Петрушевска.
Сакаме да допреме до што повеќе млади
Изработката на апликацијата, иако специфична, завршила брзо, а набрзо стасала и наградата од УНИЦЕФ, пари кои Андромета ќе ги искористи за развој на апликацијата, што ќе овозможи да се прошири кругот на млади кои ќе можат да побараат помош на ваков начин.
– Апликацијата ја изработија Матеј и Александра. Александра работеше на самата мобилна апликација и дизајнот, додека Матеј работеше на тоа како апликацијата да ги складира податоците. Користевме различни технологии, како што се React Native и Flask. Особено сме горди на Александра, која немаше никакво познавање во изработката на мобилни апликации, но во многу краток рок, со помош на ресурси како оние што ги нудат StackOverflow и GitHub, го постигна тоа. Моментално работиме на финалната верзија на апликацијата, која ќе излезе во следните неколку месеци. Парите што ги добивме ќе се трошат во понатамошниот развој на апликацијата, настани и материјали со кои ќе успееме да допреме до повеќе млади луѓе и да ги запознаеме со нашата апликација – вели нашата соговорничка.
Иако апликацијата цело време била во т.н. бета-верзија, во Андромета се многу задоволни од досегашните резултати, а неодамнешното затворено тестирање на новиот дизајн, на кое од корисниците добиле многу добри повратни информации, ги охрабрува да одат чекор понатаму.
– Апликацијата во целиот овој период беше во бета-верзија и имаме многу позитивни резултати досега. Таа има голем капацитет за да функционира добро, меѓутоа, бидејќи во овој период се работи на нов дизајн и дополнителни функции кои ќе бидат ставени на апликацијата, бројот на корисници малку се намали. Неодамна направивме затворен настан на кој го тестиравме прототипот на новиот дизајн и добивме добри повратни информации од корисниците кои ќе ги искористиме за да ја подобриме апликацијата – велат од тимот Андромета.
912