Детето со помош на фантазијата креира некоја своја страшна ирационална приказна и мисли дека постојат опасности кои демнеат насекаде

Се будите среде ноќ и го слушате детето кое плаче во неговата соба? Трчате за да видите што не е во ред, но го наоѓате седнато на креветот со празен и фиксиран поглед. Уплашени сте и не знаете што да правите. И така, секоја вечер по ред. Ова е типична слика кога дете се соочува со страв. Стравовите на децата се нормална појава и секое дете во одреден период од нивниот живот се плашело од нешто, во различна мера.

-Моето дете немирно спиеше еден период. Неколку вечери по ред стануваше од креветот и доаѓаше кај мене со зборовите: Мамо, страв ми е дека ќе умреш и ќе дојде лоша маќеа. Му објаснував дека станува збор за кошмар. Мислам дека не се снаоѓав најдобро во ситуацијата. Не знам дали влијаат приказните што ги читаме – вели С.М., мајка на петгодишно дете.

Што треба да направиме кога стравовите кај детето не поминуваат? За оваа прашање, побаравме помош од психолог.

– Стравот има и позитивни страни. На пример, тој му овозможувал на човекот да се заштитува уште од времето кога цивилизацијата не била на вака високо ниво. Но зошто стравуваме од нешто од што не би требало да стравуваме? Ваков страв најчесто се јавува кај децата бидејќи тие го немаат тоа ниво на свесност и ирационализам за да можат секогаш да разберат дека некои стравови не се оправдани. Детето со помош на фантазијата креира некоја своја страшна ирационална приказна и мисли дека постојат опасности кои демнеат насекеде. Затоа тие се склони да чувствуваат стравови кои за нас возрасните се чудни, ирационални и несватливи – вели психологот Мирослав Пендароски.

Отсуство на родителот како најголем страв

Најчести детски стравови се стравот од темница, инсекти, животни, митолошки суштества и разни други нереални и имагинарни ликови. Стравот од темни простории постои поради неизвесноста која темницата ја носи со себе. Стравот од нереални и имагинарни ликови денеска лесно се создава поради разни филмови и цртани кои децата ги гледаат секојдневно.

– Сепак најприсутен страв кај детето е отсуство на родителот. Тука пред сѐ мислиме на отсуството на мајката. Детето кое е на ниво на конкретни операции во конгитивниот развој чувствува дека доколку мајката не е физички присутна, таа навистина веќе нема да се врати – вели Пендароски.

Преку разговор со детето до надминување на проблемот

Клучната игра на родителите е да се обидат да му помогнат на детето да го надмине својот страв. Ако родителите се успешни во ова, детето ќе се чувствува безбедно како во детството, така и понатаму во животот.

– Родителите треба со многу љубов и внимание да се обидат најпрво да разберат од каде произлегол таквиот страв и да му објаснат на своето дете дека тоа не постои во ралноста. Најдобро е да се направи реален приказ на појавата на конкретно, практично ниво. На пример, доколку детето се плаши од темница, родителот заедно со него во рака да го одведе во темна или полутемна просторија и да му објасни дека предметите се тука, но не се гледаат заради отсуството на светлина. Ако пак детето се плаши од измислени и имагинарни ликови родителот треба да му образложи дека тие ликови се измислени со одредена цел и дека се работи за борба на доброто и злото, ама дека тие не постојат дома, на улица или каде било – кажува Пендароски.

Кога да се бара помош од психолог?

Ако стравот е долготраен и го оневозможува детското севкупно функционирање, неопходно е да се побара помош од стручно лице, психолог, психотерапевт или психијатар.

– Јас ги советувам родителите да не создаваат паника од прва рака и да разберат дека детскиот развој на психата мора да помине низ сите фази, а тоа подразбира и осознавање на животот низ очите на стравот. Најчесто стравовите со текот на времето исчезнуваат низ самиот развој, а само некои од нив бараат стручна помош –додава психологот.



912

X