Која е првата работа на која помислувате кога некој ќе спомене снимање за забите? Дали се согласувате без размислување кога стоматологот ве упатува или сте скептични?

Снимањето на забите е поврзано со голема доза на зрачење. И, додека овој став некогаш преовладуваше, денес експертите тврдат дека нема причина за грижа. Д-р Дубравка Јовановиќ од Србија дава одговори на неколку прашања, меѓу кои и на клучното – дали е штетно снимањето на забите за децата?

Најпрво, докторката објаснува некои основни поими, како што се 2Д- и 3Д-снимки.

– 2Д-снимките вклучуваат мали ретроалвеоларни, насочени снимки на забите и голема ортопана слика, која е дводимензионален приказ на целата горна и долна вилица со зглобовите на вилицата и сите заби присутни во устата. Често велиме дека ортопанското скенирање е прегледно скенирање бидејќи таму се гледа комплетната ситуација во устата, состојбата на забите, состојбата на коската, постоењето на патолошки промени во коската и слично. Кога станува збор за децата, на ортопанот може да се види состојбата на млечните заби, но и ембрионите на трајните заби кои го чекаат својот ред – вели докторката.

За 3Д-снимката, таа вели дека тоа е подетално, тродимензионално претставување на забите и анатомските структури со кои тие се во контакт. Им служи на стоматолозите при планирање индивидуални орално-хируршки интервенции и посложени стоматолошки третмани.

Дали е ризично снимањето на забите кај децата?

Многу често прашање што ги мачи родителите е дали тие ги изложуваат децата на ризик од зрачење при снимање на забите? Самиот факт што треба да ги извадат обетките, да стават заштита, а оние што го извршуваат снимањето излегуваат од просторијата додека се снима, кај родителите создава чувство на несигурност и страв.

– Секако, снимањето не треба да го правите сами, туку стоматолозите проценуваат дали е потребно снимање. Ако е потребно, стоматолозите одлучуваат каква треба да биде снимката. Секое изложување на зрачење мора да резултира со добро поставена дијагноза. Едноставно кажано, ризикот од изложеност е далеку помал од последиците од погрешна дијагноза и толкување на симптомите без снимки – вели д-р Јовановиќ.

Дози на зрачење

Дозата на зрачење за 2Д-снимка се движи од 1 до 8 микросиверти, за ортопанско снимање 4-30 микросиверти и 3Д снимка 50-100 микросиверти.

– Пред снимање, заради заштита, се поставуваат јака и престилка. Тие имаат оловен слој кој ја намалува дозата на зрачење за 10 отсто. Значи, она што останува е речиси занемарливо. Во 21 век технологијата напредуваше и сè уште напредува, така што поранешните дози на зрачење сега дополнително се намалени со појавата на дигиталните уреди – вели д-р Јовановиќ.

Со што може да се спореди зрачењето на кое сме изложени за време на снимањето на забите?

На повеќето меѓународни летови ние сме изложени на незначителни нивоа на космичко зрачење. Колку подолго трае летот и колку поблиску се лета до Северниот Пол, толку е поголемо зрачењето.

– Еден лет од Лондон до Њујорк ќе ве зрачи како да сте направиле рендген на градниот кош. Космичкото зрачење припаѓа на природните извори на зрачење на кои сме секојдневно изложени. Покрај космичкото зрачење, има и зрачење од Земјата, воздухот, храната и пијалаците. Цело време е насекаде околу нас и не размислуваме многу за тоа зрачење. Исто така, речиси секоја храна ги содржи, барем во траги, радиоактивните елементи калиум и радиум.

Накратко, еднодневната изложеност на природно зрачење е од редот на една мала интраорална снимка. А тоа значи дека секој ден, со самиот факт што живееме, дишеме, јадеме и пиеме, сме изложени на дозата на зрачење што се создава кога снимаме еден заб.

Заклучок

– Епилогот на приказната е дека во модерно опремени рендген-центри и ординации, каде што се користат дигитални интраорални или екстраорални методи на снимање, со употреба на заштита (јака околу вратот или заштитна престилка), дозата на зрачење што ја прима телото е минимална, а информациите што ги добива вашиот стоматолог со добра интерпретација на снимката е од огромна корист – заклучува д-р Дубравка Јовановиќ.

Извор



912

X