Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син е второ одделение и некогаш знае да биде немирен на училиште, т.е. станува да се шета и им пречи на другарчињата и на наставничката. Тој во принцип е многу дружељубив и сака со сите да се дружи, но во последно време другарчињата почнаа да го избегнуваат, па дури и да го задеваат. Пред неколку дена наставничката излегла накратко и две деца почнале да му го шутираат ранецот на трето дете, па кога дошла наставничката ѝ рекле дека мојот син е виновен, но тој го негира тоа. Прашањето ми е како да се постапи во вакви ситуации!? Ме плаши тоа што понекогаш знае да почне да вика во нервоза, дури и се удира самиот. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Децата често имаат тешкотии во приспособувањето на улогата „на ученик“ и на сето она што го носи училиштето, па за тоа им е потребно малку повеќе време. Од вашето прашање имам чувство дека малку се запоставени и границите кај вашето дете. Велите дека во повеќето случаи е доста активно и тешко ги прифаќа работните навики и обврски, како во училиште така и дома. Поради ваквото однесување, веќе почнал да има непријатности во односот со другарчињата.

Кога детето одбива да ги извршува училишните обврски, тоа го прави затоа што му е тешко да го прави она што се бара од него или е премногу разиграно и има проблем да се концентрира на задачата. Кога станува и шета и им пречи на другите деца, веројатно бара внимание или има потреба за прекинување на активностите и движење.

На негова возраст очекувано е децата да се разиграни и допрва да ги совладуваат работните навики, па затоа им е потребно трпение и помош од нас, возрасните.

Би било добро да обрнете внимание на границите што ги воспоставувате дома и на кој начин комуницирате со вашето дете. Кога детето ќе има структура дома, таа полека ќе се рефлектира и во училиште.

Направете структура во неговото време, внесете ред и распоред во неговиот живот. Направете мали обврски и правила кои треба да се следат и почитуваат заедно со поставувањето на границите. Доследноста на сето ова полека ќе создава нови навики кај вашето дете кои понатаму нема да му претставуваат голема тешкотија во нивната реализација.

Посветете малку повеќе внимание и инсистирајте на завршување на задачите, на тој начин тој полека ќе ги развива работните навики и ќе ја продолжува концентрацијата. Обрнете внимание на вежбањето на крупната и фина мотирика и играјте игри за развивање на вниманието и концентрацијата.
Ќе биде потребно време, доста трпение и упорност за да дојде до промена во однесувањето на вашето дете и до прифаќање на одговорноста, воедно бидете полни со разбирање и љубов и поминувајте квалитетно и забавно време заедно.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X