Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ви пишувам со надеж дека ќе добијам некаква насока за тоа како да продолжам со воспитувањето на мојот поголем син. Тој во мај ќе полни 5 години, а има и брат кој е помал од него само 13 месеци. Во последен период неговото однесување е доста агресивно, односно го удира со рака и нога секој што ќе му укаже дека прави нешто што не е во ред (мајка, татко, баба, дедо). Го удира братчето за секоја грабната играчка и иако знае дека тоа што го прави е лошо, продолжува. Не сака да се покори, туку се расправа и не можеме да комуницираме повеќе. Ова е доведено до степен што ми доаѓа желба едноставно да кренам раце од него затоа што секој разговор е залуден. Сакам да напоменам дека преку ден не спие и можеби и од тука му доаѓа нервоза. Пробав да го запишам на неколку активности, но не го интересира ништо. Секаде каде што имаше инструктор кој е строг и понекогаш вика, не му одговараше. Упорно зборува дека ме сака само мене и на моменти плаче очајно и без престан, дека нема повеќе да прави така, но тоа не се случува.
ОДГОВОР: Од вашиот исказ можам да разберам дека се работи за петгодишно момче кое се однесува агресивно кон своите блиски од семејството, одбива места и активности во кои се бара дисциплина и повторува постојано дека ја сака мама ветувајќи дека нема повеќе да се однесува така. Во оваа возраст децата се во силен воспитен процес, односно се целосно внесени во семејната динамика и релациите со секој член посебно.
Можеби се работи за дете кое е подинамично и бара поголема посветеност и енергија за да биде дисциплинирано. Но она што е многу непожелно и најчесто причина за нарушена соработка родител-дете е начинот на кој комуницираме, особено присуството на критички и етикетирачки глас во носењето на барањата, очекувањата, правилата и границите во домот. Доколку неговата динамичност е постојано трн во очите на возрасните и не ја скротиме преку охрабрувачки глас, детето учи дека не е доволно, дека не е прифатено и со тоа манифестира агресија со цел да воспостави емоционална правда.
Неговото непожелно однесување треба да го регулирате најпрвин на ниво на емоции, а потоа на ниво на однесување. Кога сакате да го критикувате неговото однесување најпрвин пофалете ја неговата личност, посочете го и критикувајте го неговото однесување и повторно упатете пофалба кон неговата личност, на пример: „Ти си многу добар брат и удирањето не е карактеристика за тебе бидејќи ти го сакаш и покажуваш грижа кон твојот брат, особено кога некој него го удира“. Штом воспоставите добар комуникативен однос, тогаш е потребно да се работи на дисциплина и почитување на правила и граници во домот.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912