Облеката што ја носат, храната што ја јадат, времето кога одат во кревет, времето кога се капат…
Сето ова и многу повеќе кај малите деца е контролирано од страна на родителите. Тие носат најголем дел од одлуките, давајќи им тесен избор – дали сакате сендвич со пилешко или туна? Дали денес ќе носите зелена или бела јакна? Исто така, тоа е сосема логично бидејќи на 5, 6, 7 години децата не треба и не можат сами да ги носат повеќето одлуки. Но, годините минуваат и тие се веќе – тинејџери.
Тие копнеат по поголема контрола врз нивните животи, бараат независност, се обидуваат да го развијат својот идентитет и влијанието на родителите почнува да опаѓа.
Помеѓу желбата на децата за независност и нашата желба да ги држиме под контрола постои вистинско бојно поле.
Ваша задача е да ја оставите гордоста настрана, да ги спуштите копјата и да му дозволите на вашиот тинејџер да се бори и да победи. Не само што ќе обезбедите мир, туку и ќе ја зајакнете врската со него давајќи му го делот од автономијата што толку многу го посакува. Затоа ви предлагаме да ги изберете битките во кои ќе се предадете и оние во кои ќе истраете. Ви предлагаме да не губите енергија на овие шест, ниту тие да бидат причина за конфликт помеѓу вашиот тинејџер и вас.
Битка 1: Облечи јакна/поткошула
Надвор е 8 степени, дува ветер и се чувствувате како да сте на Арктикот. Вашиот тинејџер оди на училиште и одбива да носи јакна. Ако се прашувавте вие, ќе го завиткавте колку само да му се гледаат очите. Но немојте. Тргнете го белото знаме затоа што ова е битка која треба да ја предадете. Помина времето кога ги облекувавте и кога требаше и кога не требаше, тие пораснаа. Не сосема, но доволно за сами да сфатат дали им треба јакна или не. И ако решат да излезат на студ без неа, во одреден момент ќе сфатат дека тоа било грешка. Но, во секој случај, ако го терате детето да носи јакна затоа што мислите дека е потребно, не добивате ништо. Прво, веројатно ќе ја соблече јакната штом ќе знае дека не можете да го видите. И второ, не можете да го сочувате од реалниот свет трчајќи по него и преиспитувајќи ја секоја одлука што ќе ја донесе.
Битка 2: Неред во собата
Многу облека на столот, на креветот, дури и на масата. Маици кои висат од плакарите и чаши кои една недела стојат неизмиени. Но, ако го прашате вашиот тинејџер, тој веројатно ќе ви каже дека тоа е во ред. За него, детската соба е многу повеќе од место каде што само спие. Тинејџерите таму поминуваат време со пријателите, пишуваат домашни задачи, слушаат музика, се допишуваат со симпатии и понекогаш бегаат во својот свет. Иако нам тој свет ни изгледа како депонија. Не е поентата да помислите дека не треба да ги потсетувате да си ја средат собата и да не дозволувате мравки да се соберат околу нивните чаши со сок. На крајот на краиштата, тие се премногу големи за вие да го правите тоа за нив. Но, да ги принудите да имаат соба како аптека, уредна и средена, не е битка за која вреди да се борите.
Битка 3: Мора да ја скратиш косата
Момци чии очи едвај се гледаат од косата и девојки кои сакаат да обојат неколку прамени во розова боја? Тоа се нормални тинејџери. Време е да се соочите со фактот дека вашата визија за уредно потстрижено момче и девојче со коњско опавче и слатка насмевка не е начинот на кој вашите деца се гледаат себеси. Имајте на ум дека во адолесценцијата ќе има многу поголеми, посериозни и поважни битки кои се навистина важни да се добијат. А фризурата е ретко една од нив. Ниту нивниот начин на облекување, сѐ додека е во границите на пристојноста. Тоа е нивниот начин да покажат дека се свои, дека можат да носат одлуки, дека се големи и независни. Дозволете им и заштедете сила за поважни работи. Затоа што, длабоко во себе, знаете кои се тие навистина.

Битка 4: Повеќе би сакал/а да бидам со друштво
Работа, училиште, тренинзи, детето речиси и да не го гледате во текот на неделата. И конечно, таа една слободна вечер кога сите можат да бидат заедно дома, а тинејџерот ви доаѓа со изјавата: „Сакам да излезам со Душан…“ А сѐ што барате се тие неколку часа неделно. Може да биде само еден час. И тоа воопшто не му е важно.
Во вакви ситуации имате два избора. Или ќе го присилите вашиот тинејџер да остане со вас, во тој случај тој нема да сака да биде таму, веројатно ќе мрмори сакајќи да ви покаже како сте му ја уништиле вечерта, или ќе направите компромис давајќи му шанса да научи да поставува приоритети и можности и да избере колку време ќе му посвети на семејството.
Битка 5: Училиште и домашна задача
„Дали го заврши тој проект?“, „Дали те прашаа нешто по биологија?“, „Навистина е време да почнеш да учиш за писмената по математика!“
Уште ги потсетувате. Постојано ги испрашувате. Сè уште се расправате за на училиште. Старите навики тешко се губат, но мораме да се откажеме со текот на времето. Освен, се разбира, во екстремни околности кога на детето му е потребна нашата помош поради посебна состојба или дијагноза. Во спротивно нека понесат одговорност. Доколку не го завршат проектот или отидат неподготвени – останува сами да го решат проблемот. Не е далеку моментот кога ќе се запишат на факултет и кога на колоквиум нема да им „дишете во врат“. Тие треба да научат да управуваат со своето време, да се грижат за своите обврски и да ги завршат своите задачи.
Битка 6: Спиење до пладне
Будни сте со часови. Ја исчистивте кујната, една машина веќе заврши со перење, ги испеглавте алиштата. Речиси е пладне, а вашиот тинејџер сè уште спие. Колку и да е тоа фрустрирачки, оставете го. Прво, нивниот внатрешен часовник е поместен, што значи дека се будни до подоцна отколку кога биле мали деца. А на тинејџерите им требаат помеѓу 8 и 10 часа сон, па дури и повеќе. Плус, за повеќето тинејџери, иако можете да ги превртите очите на ова, животот е полн со стрес. Притисок на училиште, проблеми во општеството, љубовни маки, чувство на несигурност, дополнителни активности, обврски дома. Спиењето е нивниот најдобар начин да се регенерираат и да соберат сила за успешно да го апсорбираат целиот стрес.
Бидете попустливи кога станува збор за спиењето. Наскоро ќе имаат работа поради која ќе стануваат многу рано, а деновите на спиење до пладне ќе им завршат.