Сите деца се хистерични понекогаш. Дали е можно нешто да се направи или треба само да почекаме детето да порасне? Мајка од Бразил споделила свој рецепт – едноставен и лесен.

„Јас не сум психолог, ниту експерт за детска хистерија, јас сум обична мајка на 5-годишна ќерка. Сепак, ми се чини дека ја пронајдов формулата што сакам да ја споделам – како може брзо да се промени правецот на мислите на детето кое почнува да прави скандал поради некои ситници.

Прво, малку наша лична историја:

Мојата ќерка тргна во градинка и беше многу нервозна поради тоа. Зборуваше дека никогаш нема да може да се навикне на градинката. Дома, исто така, сè тргна наопаку: Алиса сè почесто се лутеше и имаше хистерија буквално од секаква причина, за секоја ситница. Во градинката ме советуваа да одам на детски психолог со надеж дека така ситуацијата некако ќе се нормализира.

Психологот навистина ни даде корисни совети, но еден беше просто фантастичен, а и многу едноставен. Токму за него сакам да зборувам. Психологот ми рече дека на децата треба да им се овозможи да разберат дека ние го уважуваме тоа што го чувствуваат.

Така, за време на криза, без разлика на причината, треба да му се помогне на детето (тоа се прави со деца над пет години), да размисли и да сфати што се случува со него. Тогаш ги признаваме нивните чувства и истовремено им овозможуваме да учествуваат во решавањето на проблемот, па можеме со самото тоа да ја спречиме хистеријата.

Па така, ситуацијата е следна: детето е подготвено да започне скандал. Поводот не е важен – раката на куклата паднала, време е да оди во кревет, домашната задача не е завршена и едноставно не сака да го прави она што вие го барате. Го гледам детето в очи и со мирен глас му поставувам едно прашање: Дали е тоа голем, среден или мал проблем? Кога мојата ќерка започна да размислува за тоа што ѝ се случува, тоа ѝ влијаеше на магичен начин, барем кога е дома.

Го поставувам ова прашање, таа одговара и ние наоѓаме начин да се реши проблемот, а притоа ќерка ми сама предлага каде да се бара решението.

Малиот проблем е обично најбрз и најлесно решлив. Некои од проблемите таа ги смета за средни. Најверојатно ќе ги решиме, но не во истиот момент – тоа помага се сфати дека постојат работи за кои е потребно време. Ако проблемот е сериозен – а тоа што вашето дете смета дека е важно дефинитивно не може да се игнорира, дури и ако мислите дека е бесмислено – на тој проблем треба да му се посвети малку повеќе време. Понекогаш е потребно да му се помогне на детето да сфати дека во животот не е сè онака како што сакаме.

Еве неодамнешен случај кога овој метод успеа

Одбираме облека за училиште, Алиса обично многу се грижи за тоа што ќе облече, особено кога надвор е постудено. Накратко, таа сакаше да ги облече своите омилени панталони, но тие беа ставени за перење. Веќе почна да се мурти кога ја прашав: Алиса, дали е тоа голем, среден или мал проблем? Таа ме погледна и тивко рече: Мал. Ние веќе знаевме дека малиот проблем лесно се решава. Ја прашав да предложи варијанта за решение (знаeв дека ѝ треба време да размисли), па таа рече: Да изберам други панталони. Велам: Имаш неколку панталони од кои можеш да одбереш. Таа се насмевна и отиде да избере други панталони. Јас ѝ честитав поради тоа што можеше сама да го реши проблемот бидејќи е важно да му се упати пофалба на детето за она во кое успеало, па тоа ќе ѝ стави точка на целата ситуација.

Не мислам дека постои магично стапче во воспитувањето на децата. Да се израсне дете, да се помине со него во сите фази на развој – тоа е вистинска уметност. Да, понекогаш го одбираме погрешниот пат, па тогаш треба да имаме мудрост да се свртиме и да се обидеме со друг пат“.

Извор

 



912

X