Воспитување

Спречете ги нападите на кучиња врз децата – совети за родителите и за сопствениците на кучињата

Најлошата грешка што може да ја направи родител е да ја занемари едукацијата за безбедноста на своето дете, кога се работи за справување со кучиња. Според јавните податоци на Американската ветеринарна медицинска фондација, во просек околу 4,5 милиони луѓе се каснати од куче во САД секоја година. Околу половина од нив се деца. Исто така, во нивната студија тврдат дека за 1 од 5 каснувања е потребна медицинска помош. Ако се земе предвид таа статистика, може да се претпостави дека 450 илјади од 2,25 милиона деца се испраќаат во болница секоја година во САД поради каснување од куче.

Иако овие бројки се груби процени, сепак, се застрашувачки. Дали кучињата се навистина опасни за децата? Големите бројки може да бидат намалени ако луѓето малку вложат труд во врска со ова прашање. Едукацијата и набљудувањето се примарните и клучните сегменти во превенцијата на какви било потенцијални инциденти. Ова се однесува и на родителите на децата и на сопствениците на кучиња. Советите за родителите се однесуваат на учење на децата како да се справат со кучињата, а за сопствениците советите се однесуваат на тоа како да го тренираат своето куче за да биде попријателски настроено кон деца.

За родителите

Вашето дете треба да знае како да се однесува околу кучиња

Ова е мерка на претпазливост за безбедноста на детето. Повеќето деца се многу игриви и непредвидливи, па тоа може да предизвика несакани инциденти ако родителите не се внимателни. Детето може да има добри намери кога му се приближува на кучето, но кучето некогаш тоа го гледа како закана, па може да нападне. Во таа смисла, ова се неколку совети за родителите:

Никогаш не се доближувајте до кучиња што веројатно немаат сопственик

Кучињата-скитници не се тренирани и често се непредвидливи, па можат секое доближување да го сметаат за закана. Често се и валкани, па може да се носители на многу болести. Не изложувајте ги децата на овој ризик и објаснете им дека секогаш е подобро да не се доближуваат до куче-скитник.

Заедничка учтивост

Секогаш прашувајте го сопственикот за дозвола при интеракција со неговото куче. Без разлика дали е куче на вашиот најдобар пријател, член на семејството и слично, мора да прашате пред да играте со кучето или да го галите. Тоа не само што е искажување почит кон сопственикот, туку е и придобивка за децата бидејќи сопственикот може да даде совети за да се избегнат некои несакани ситуации.

Како безбедно да му се пристапи на куче

Најдобар начин за пристапување е да го оставите кучето да дојде до детето. Не пуштајте го детето прво да пристапи за кучето да не го сфати тоа како знак за агресија или попречување на приватниот простор. Оставете го кучето да пријде и да се запознае со детето. Кучето ќе дојде и ќе почне да душка, па за кратко ќе се спријатели со детето. Потоа, детето може да продолжи да игра со него или да го гали. Исто така, научете ги децата да не ги вознемируваат кучињата кога јадат или кога спијат. Кучето во тие случаи може да реагира незадоволно. Истото е со луѓето, па разјаснете им го тоа на дечињата.

Како соодветно да си играте со куче

Прво, познато е дека милувањето по главата е многу честа метода користена со кучињата, но вистината е дека повеќето кучиња не сакаат да бидат милувани по главата. Наместо тоа, научете го детето да го милува кучето на места како под брадата или на вратот од горната страна. Што се однесува до играњето со кучињата, не  оставајте ги децата да го прават следното:

– Влечење на кучето за опашката;
– Земање на играчките од кучето и задевање;
– Удирање или на кучето;
– Јавање на кучето како да е коњ;
– Облекување на кучето;
– Грубо однесување со кучето.

Наместо тоа, децата треба да ги практикуваат овие методи:

– Да му фрлаат топче;
– Да играат криенка;
– Да го изнесат кучето на прошетка;
– Да го учат нови трикови.

Што да се прави кога се случуваат несакани ситуации, дури и кога се почитуваат препораките?

Некогаш е можно и тоа. Природната реакција на човекот кога кучето е агресивно е да бега, но тоа може да биде една од најопасните одлуки. Зошто? Затоа што инстинктот на кучињата е токму во намирисување и бркање, а и е малку веројатно дека ќе успеете да побегнете, освен ако не сте веќе многу оддалечени од него. Наместо тоа, научете го детето да стои исправено додека гледа надолу. Целта на агресивното куче е да предизвика паника и да доминира. Сепак, ако детето стои исправено без страв, тоа ќе предизвика или да се повлече или да паузира. Тогаш детето може полека да се оддалечи од кучето. Ако вашите деца се движат сами низ регион каде што има кучиња-скитници, бидете сигурни да носат нешто како ранец или чадор. Во случај претходниот совет да не функционира, може и да се вметне некој предмет во забите на кучето. Чадорот е идеален за таа ситуација бидејќи може да се користи и како штит.

Други мерки за претпазливост

Многу е важно да ги научите децата на овие мерки за да се избегне несакано искуство. Секогаш е добро да почнете со советување додека децата се мали, за тоа знаење да им служи и понатаму. Не заборавајте дека децата се само деца. И покрај внимателноста, може да се случи кучето да биде опасно и непредвидливо, а детето да не може да се справи. Затоа не треба детето да биде оставано само со куче во која било ситуација. Потребен е постојан надзор од возрасно лице.

За сопствениците на кучиња

Тренирајте го вашето куче да биде трпеливо со деца

Сопствениците на кучиња се морално одговорни за однесувањето на нивните миленичиња. Колку и да не чувствува некој сопственик одговорност, обвинувања и тужби може да затропаат на неговата врата поради однесувањето на миленичето. Затоа, подобра опција е да одгледувате пријателски настроено куче. Ова се неколку совети во таа смисла:

Стерилизирајте го кучето

Ова е најочигледниот чекор. За стерилизираното куче е статистички познато дека е помалку агресивно и ретко повредува луѓе.

Тренирање преку социјализација

Ова е многу важен дел во тренирањето на кучето, особено ако кучето е на возраст од 8 до 16 недели. Исто како и кај луѓето, и кучињата учат полесно на рана возраст. Едноставно вадете го кучето надвор да го запознае надворешниот свет. Запознавајте го со други луѓе, па со текот на времето тоа ќе навикне постепено да толерира и други луѓе освен вас, па ќе биде и пријателски настроено.

Глумете

Друг начин да го тренирате вашето куче да биде пријателски настроено е понекогаш да се однесувате како дете. Постапувајте како што би се однесувало некое дете, на пример, прегрнете го или повлечете го за опашка. Но, бидете сигурни дека секогаш ќе имате со себе нешто за да го наградите, некоја ужина или слично, кога нема да изреагира агресивно на некоја ваша постапка.

Запознајте го кучето со детски играчки

Така кучето ќе ги научи разликите помеѓу играчките на децата и сопствените играчки. Давајте му конкретни наредби секогаш кога ќе гризе или ќе земе некоја детска играчка: „Пушти ја!“, „Остави ја!“ Вашето куче ќе се навикне на такво однесување и тренирање и со текот на времето ќе развие добри навики, како што е пуштање или игнорирање на детските играчки.

Креирајте безбеден простор за своето куче

И кучињата имаат свои граници на толеранција. Ако некои деца постојано ја посетуваат вашата куќа, добра идеја е да одредите простор каде што кучето ќе може да се одмори и да се оддалечи од децата. Само научете го да оди таму ако е вознемирено, а и објаснете им на децата дека тој безбеден простор е надвор од нивните граници.

Други мерки за претпазливост

Колку и да го тренирате вашето куче, секогаш е најдобро да бидете блиску до него и да го набљудувате. Никогаш не оставајте го само со некое дете подолг период. Можете да оставите повозрасни деца сами со кучето накратко, но бидете сигурни дека децата ги имаат сите инструкции – да знаат што смеат, а што не смеат да прават.

Истото важи и за кој било човек што ќе го сретнете надвор додека го шетате кучето – бидете одговорен сопственик и предупредете го ако сака да стапи во интеракција со вашето куче. Исто така, внимавајте на говорот на телото на вашето куче додека се дружи со деца. Ако покажува очигледни знаци на непријатност, на пример оближување, завивање, ‘ржење, тргнете ги децата пред некој да биде повреден.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top