Воспитување

„Совршените интернет-мајки“ и зошто не треба да ги сфаќате сериозно

Овој текст им го посветувам на мојата пријателка и на сите мајки што можеби ќе се пронајдат во оваа приказна.

„Како си?“ – ја прашувам пријателка која поради коронавирусот не сум ја видела долго, а пред неколку месеци стана мајка. „Добро сум, малку сум изморена, дури сега почна малку поредовно да спие“, ми вели таа со изморен глас, но и радост кога зборува за детето. И тамам да поставам уште некое прашање, таа вели: „Всушност, нервозна сум… синоќа најдов 3 минути слободно време да го земам телефонот и после не знам колку дена да погледнам што се случува ново. И сакав малку да се опуштам и релаксирам, но наидов на објава на мајки чии домовите се средени, имаат време да одат на фризер, насмеани се, бебињата не им врескаат, туку мирно спијат и тоа го видов само за неколку минути кога најдов време… Јас едвај стигнувам да се истуширам и да се исчешлам. Подочниците не ми биле никогаш поголеми, хормоните ми дивеат, ме болат градите од доење и не можам ниту да ги допрам, да не ти зборувам за куќата, бидејќи сопругот работи, а мене ме чека и ручек и чистење и јас навистина не разбирам како тоа им успева… Што правам погрешно?“, ме прашува таа очајно.

„Знаеш дека тоа е само фотографија за социјални мрежи. Знаеш дека тоа е само еден ќош кој го прикажале на фотографијата, а остатокот од домот е токму како и кај тебе, и самата знаеш колку лажат социјалните мрежи, немој воопшто да го гледаш тоа“, се обидувам да бидам гласот на разумот. „Знам, но преголема промена е и многу се трудам околу сè и свесна сум дека не можам да имам сè под контрола, колку и да сакам, но не ми треба уште некоја инстаграм/фејсбук-мајка да ми набива под нос колку сум лоша, а колку е таа добра. Навистина ми треба поддршка сега, а не вакви глупави фотографии. И навистина не ги барам, сами излегуваат, бидејќи претходно се зачленував по групи и следев различни страници за да се спремам за животот со детето. Невозможно е да се спреми човек…“, не можеше да звучи поискрено.

Остатокот од разговорот не беше долг бидејќи малиот се јави по својата доза млеко, но не беше ниту важен. Навистина сочувствував со неа и бидејќи ја познавам и знам дека дава свој максимум во сè, ми беше жал што така се чувствува. Силна е и кревка истовремено, а интернет-просторот, колку и да има добри страни, умее да ни го забие пред нос токму она што не треба. Како објективна личност, прелистав некои од женските групи со цел да видам кои се тие совршени „интернет-мајки“. И она што го видов заслужува „интернет-шлаканица“.

Типови совршени мајки:

Мајки докторки – најчесто немаат ниту м од медицина, имаат малку искуство, не знаат ништо за вашата ситуација, не ја знаат вашата историја, немаат никакви параметри… Но, така великодушно даваат медицински совети и се чудат како тоа не го знаете, а и за најмалиот проблем одат на лекар или поставуваат исти или слични прашања.

Мајки совршени готвачи – тие точно знаат како треба да се храни детето. Вашето дете не сака зелени каши, спанаќ? Не е можно! Кај нив детето јаде сè, тие умеат, тие се трпеливи – на фотографија, додека веројатно ѕидот покрај нив има зелени дамки.

Морални мајки – секогаш го имаат вистинското решение, дури е да и без врска она што сте го прашале, бидејќи тие никогаш немале никаков проблем, тие едноставно знаат сè. Аха, да!

Мајки доилки – ако во некој случај не сте во можност да доите, или едноставно не сакате, исто како да не сте мајка. Оваа категорија е посебна приказна бидејќи како да не е само по себе стресно тоа што жената нема млеко, туку мора и некој тоа јасно да ѝ го посочи. Мајките доилки би ги доеле своите деца сè додека можат, нема врска колку години има детето, бидејќи не постои ништо подобро од мајчиното млеко.

Мајки со свекрви и проблеми во бракот – тие се многу несреќни поради тоа, а и немаат некое решение, но затоа на социјалните мрежи даваат толку совети, дека би „го зеле детето и никогаш да не го види“, „би ја истерале свекрвата таму каде што не треба“ итн. Празни приказни.

Беспрекорно чисти мајки – на кои не им е јасно како го поднесувате нередот бидејќи кај нив сè блеска. Само во еден дел од дневната соба, сè друго е најчесто во хаос, но кој го гледа тоа, важно е да кажеме дека во нешто сме најдобри.

„Каква си ти мајка“ мајки – кои ќе ве распнат на ѕидот на срамот поради некоја фотографија каде што сте нашминкани, средени или сте посакале да имате повеќе време за себе, а во нивниот телефон имаат најмалку 50 селфи-фотографии и едвај чекаат да се подготват и да излезат.

Своеглави мајки – кои не сакаат туѓ совет, ниту мислење, туку сакаат да го одгледуваат детето по свои правила и притоа никој ништо да не им каже, но затоа тие имаат зборови за осуда за секој што сака да следи насоки од лекар или од поискусен од себе.

Списокот не завршува тука, прилично е долг и овие групи знаат да бидат повеќе токсични отколку корисни. Сакам да ве потсетам дека сите овие категории мајки поради кои се прашувате дали сте доволно добри, исто така не се совршени. Ја кријат својата несигурност така што ќе одберат една тема на која ќе се посветат и за која ќе солат памет. Тие се сè само не совршени мајки. Имаат потреба за одобрување, за внимание и признание. Веројатно и вие, но тоа го наоѓате или барате во семејството, кај пријателите, не се обидувате подобро да се чувствувате така што ќе направите некоја мајка да се чувствува помалку вредна од вас.

И за крај, ова ви го пишува жена која била прерано родено бебе, па пораснала со вештачко млеко, кашички, еурокрем, маргарин и шеќер, чорби, се разбира и овошје и зеленчук, пржени компири и плескавици. Жена која некогаш била дете кое не сакало млеко ако во него не здогледа кекси, кое едвај сакало да јаде, а денес има совршен апетит. За сè. И пораснав голема. Многу. И среќна сум и благодарна на мојата мајка и семејство, баби, кои ми овозможиле сè – и она што совршените мајки никогаш не би му го дале на своето дете и она што денес се вклопува во рамка и се нарекува органско.

Затоа, дајте да бидеме помалку лажно совршени, а повеќе искрено несовршени. Повеќе ќе си помагаме една на друга. А и ќе ни биде полесно со самите себе.

Автор: Јулија

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top