Спиењето е една од главните работи за кои се грижат новите родители. Не е важно дали го имате најдобриот монитор за бебиња или најдоброто креветче, ноќните часови со бебињата може да бидат фрустрирачки, збунувачки и стресни. Тоа е двоен удар бидејќи колку повеќе проблеми имате со спиењето на вашето бебе, толку помалку спиете самите. И колку сте поуморни, толку помалку се чувствувате способни да се справите со сите барања на новороденчето.
За среќа, постојат многу совети и трикови што можете да ги испробате за да му помогнете на вашето бебе да спие подобро и за возврат, самите да се одморите. Форумите на „Mumsnet“ се полни со совети и корисни информации од родители кои веќе го искусиле тоа и точно се сеќаваат како е да се биде лишен од сон. Сепак, како и советите, треба да ги користите и најновите уреди достапни за помош.
Користете монитор за бебиња за подобар сон
Добриот монитор за бебиња ви овозможува да се опуштите и да бидете сигурни дека ако му требате на вашето бебе, веднаш ќе дознаете. Тоа што вклучува видео и други додатоци значи дека можете да го следите вашето бебе во текот на ноќта (од вашиот уред) или кога има попладневна дремка, без ризик да го разбудите.
Прескокнете ги домашните обврски
Можеби мислите дека треба да го одржувате домот чист постојано, но всушност има многу нешта што можете да ги избегнете. Сè додека шишињата и играчките на децата се стерилизирани и тие не ползат каде што е навистина валкано, нема потреба секојдневно да бришете прашина или да ја чистите бањата. И пеглањето може да се избегнува некое време. „Доволно добро“ е апсолутно во ред кога имате бебе – и ако некој што доаѓа во посета даде коментар, заблагодарете се и подајте му ја крпата.
Нахранете го бебето пред спиење
Никој не сака да спие со празен стомак. Новороденчињата природно се будат во текот на ноќта и вие само треба да го пребродите тоа. Но, можете да се обидете да воведете храна пред спиење. Направете го тоа тивко, исто како што одите в кревет во темница, а храната нека биде лесна и повторно нека го наполни стомачето на бебето за да го натера да спие малку подолго пред следното хранење. Не функционира за секого, и важно е да го правите она што ви одговара вам и на вашето бебе, но вреди да се проба.
Спијте кога вашето бебе спие
Да, знаеме дека веројатно веќе сте го слушнале ова од стотина добронамерни роднини. Но, исто така, се знае дека понекогаш може да биде речиси невозможно да се постигне, но кога имате можност, обидете се да го искористите максимумот од времето кога вашето дете спие, па и вие да се одморите.
Чувајте го вашето бебе блиску до вас ноќе
Најдобрата практика е вашето бебе да има сопствено креветче, но во иста просторија со вас барем во првите шест месеци. Не само што ќе ви биде полесно да се наведнете и да го земете бебето в прегратка за го надоите, туку исто така тоа што детето е до вас значи дека е побезбедно. И кога знаете дека вашето бебе е безбедно, вие ќе спиете малку полесно.
Обидете се со повивање за да му помогнете на вашето бебе полесно да заспие
Многу новороденчиња имаат чувство дека светот е премногу голем за нив откако поминале 40 недели во утробата. Тоа значи дека движењата со рацете често ги будат, така што безбедното повивање со рацете припиени до телото може да им помогне да спијат подобро, а со тоа и вие повеќе да спиете.
Побарајте помош од семејството и пријателите
Ако бабите и дедовците, тетките и чичковците или добри пријатели се нудат да помогнат, нека помогнат! Без разлика дали се работи за прошетка на бебето за да можете вие да спиете или да зготват нешто за бебето кога сте премногу исцрпени за да готвите, понудите да ви помогнат не треба да ги одбивате. Вклучете ги луѓето со тоа што ќе им кажете што најмногу би ценеле ако направат за вас.
Размислете за сопствената „хигиена на спиење“
Многу е лесно да станете опседнати со тоа што можете да направите за да го подобрите спиењето на вашето бебе, но не заборавајте да се грижите и за вашите навики за спиење. Обидете се да не консумирате кофеин по ручек. Обидете се да дишите свеж воздух и да вежбате во текот на денот, не јадете премногу доцна навечер и одржувајте ја вашата спална соба темна, со удобна температура и, пред сè, тивка.
Бидете свесни за дивеењето на хормоните
Ако се чувствувате малку раздразливи, бесни, збунети, запомнете дека во деновите по раѓањето вашето тело страда од голем хормонален дисбаланс. Тоа е сосема нормално, затоа обидете се да не се грижите. Понекогаш тоа може да биде и знак на постнатална депресија, но доколку имате навистина сериозни симптоми, обратете се кај вашиот лекар.
Споделете ги должностите за бебето во текот на ноќта
Ако имате партнер, дефинитивно не треба да ги правите сите ноќни обврски околу бебето сами. Да, дури и ако вашиот партнер има тешка работа, а вие сте на породилно отсуство. Лишувањето од сон не е метод за залудна тортура врз себеси. Вистина е, ако доите, поголемиот дел од доењето ќе зависи од вас, но вашиот партнер може да помогне со тоа што ќе направи какви било промени во ноќнниот распоред или ќе го однесе бебето надвор од собата и ќе го врати заспано откако ќе завршите со доењето. Ако го храните со вештачко млеко, тогаш сè е подготвено и вашиот партнер дефинитивно треба да ви помогне.

Пуштете звук на бел шум преку уред
За среќа, во денешно време сите имаме уреди преку кои можеме да пуштиме звук на бел шум за бебињата побрзо да заспијат. Лесно е и да преземете апликација за бел шум на вашиот телефон, но ако не сакате да го оставите телефонот покрај креветчето на вашето бебе, можете да купите разни уреди кои испуштаат бел шум, како и приспивна песна и звуци од природата.
Воведете рутина пред спиење
Луѓето постојано ќе прашуваат дали вашето бебе „има рутина пред спиење“. Обидете се да не дозволите тоа да ве стресува. Бебињата навистина немаат некаква рутина во првите денови и обидот да им се наметне ќе заврши само со солзи – и за бебето и за вас. Рутината пред спиење не треба да биде голема работа – треба само да му дадете на вашето бебе некои знаци дека е време да заспие. Значи, рутината може да биде: капење, читање приказна и пеење приспивна песна. По некое време бебето ќе почне да ги препознава знаците и ќе знае дека доаѓа времето за спиење.
Постапете на свој начин
Некои нови мајки сакаат да се одморат, да се релаксираат и да бидат смирени наутро. Други сакаат да споделуваат искуства со други мајки. Како и да е, постапувајте како што вам најмногу ви одговара.
Обидете се да ја задржите перспективата
Кој и да рекол дека за нов родител деновите се долги, но годините се кратки, бил само половина во право – ноќите се навистина долги! Многу е лесно да се изгуби перспективата во 3 часот наутро на четвртото будење од ноќта, но кажете си себеси: „И ова ќе помине“. Исто така, корисно е да водите дневник за шемите на спиење на вашето бебе и колку пати се буди во текот на ноќта, така можеби ќе откриете дека работите полека се подобруваат без вие да забележите.