Децата на возраст од три до седум години се пребирливи кога станува збор за храната. Родителите често се загрижени поради (според нив) малото количество храна што го внесуваат децата и губитокот на апетит или промената во однесувањето и навиките врзани за исхраната.
Децата знаат дека гладот и апетитот се две сосема различни работи. Гладот е предупредување на телото за недостиг на енергија, а апетитот е стекнато, односно научено однесување кое се поврзува со доживувањето на задоволство. Проблем, исто така, може да претставува и доколку детето е научено со јадењето да не ја задоволува потребата во смисла на глад, туку за дружење и привлекување внимание. Не треба да се заборави дека навиките што сме ги стекнале несвесно им ги пренесуваме и на нашите деца. Секое дете има својствени метаболички потреби и добро знае што му одговара, а што не. Не треба да се инсистира детето да го јаде она што не го сака бидејќи на тој начин создаваме тврдоглава личност и дете со слаб апетит кое им се спротивставува на родителите.
Што да направите ако детето има намален апетит?
Најважен чекор е прегледот кај педијатарот кој ќе утврди причина за слабиот апетит. Најчести причини за слабиот апетит кај децата се: зголемен внес на слатки, грицки, сокови, нередовни оброци, никнување на заби, воспаление на грлото, зголемен внес на млеко, кое е врзано за навиките и задоволувањето на потребите, на пример, околу заспивањето, анемија.
Исхраната што ќе ја препорача педијатарот е смислена така што детето ќе ја засака храната, ќе усвои здрави навики и ќе ги добие сите неопходни хранливи материи за правилен раст и развој. Правејќи посебно мени за децата со слаб апетит, ќе се утврди правилен распоред на оброците, неговата структура и количина на храна која му е потребна на секое дете посебно.
Оброците треба да се редовни, во мирна семејна атмосфера, а најдобро би било децата да учествуваат во нивната подготовка, како и во поставувањето на масата. Ваквиот пристап создава здрав и правилен однос кон храната и го подобрува апетитот. Децата што долго биле доени (до втората година), често го одбиваат кравјото млеко. Обидете се со кисело-млечни производи во кои во почетокот може да додадете овошје или житарици и да го именувате вашиот специјалитет како специјален оброк.
Ако имате проблем бидејќи детето го одбива целиот оброк или гледате дека само си игра, дајте му до знаење дека тоа е знак оти оброкот е завршен и почекајте го следниот оброк (за 2,5-3 часа), а во меѓувреме не нудете му никаква ужина, ниту сок.
Се разбира дека и нашите деца имаат право на слаб апетит кога се болни, кога им излегува нов заб, но ако таа состојба потрае, потребен е совет и преглед кај педијатар. Пуштете ги децата сами да ги изберат намирниците при купување, нудете им разновидна храна и обидувајте се нешто да научат за здравата исхрана бидејќи во овој период најмногу учат, а не заборавајте и да им бидете добар пример!
912