Здравјето на забите, покрај правилната хигиена, го условува и внесувањето храна и пијалаци. Исхраната влијае врз целокупното здравје на една личност, вклучувајќи ја и состојбата на забите и околните ткива. Па дури и ако одржувате „школска“ хигиена, ако исхраната не го следи тоа, здравјето на забите ќе страда.

Познато е дека во ерата на слатките, кога стана сосема општествено прифатливо детето да грицка бонбони наместо овошје, не е лесно да се биде доследен и упорен родител. Сепак, нема да ве советуваме да не им давате на вашите деца слатки. Ниту пак е потребно да се укинат. Важно е само да знаете како децата можат да ги консумираат и како штетата да биде што е можно помала или воопшто да ја нема.
Ова се неколку совети кои ги кажува специјалистот за орална хирургија од соседна Србија, Дубравка Јовановиќ.

Поттикнете здрава исхрана

Балансираната исхрана богата со калциум, витамин Д, фосфор и витамин Ц е од големо значење за здрави заби. Погрижете се оброкот да вклучува храна што ги содржи овие хранливи материи, како и исхраната да е разновидна. Витаминот Д го има во рибата, јајцата, печурките и млекото, додека витаминот Ц во најголема количина во цитрусното овошје, доматите и брокулата. Калциумот е најзастапен во млечните производи и бадемите, додека гравот, леќата и јаткастите плодови се полни со фосфор. Со комбинирање на овие и слични намирници, можете да бидете сигурни дека вашето дете секојдневно ги добива сите потребни витамини и минерали, кои позитивно влијаат врз оралното здравје и севкупниот развој.

Ограничете го внесот на слатки и кисела храна

Шеќерот и киселата храна, како што се бонбоните, газираните сокови и овошните сокови, може да бидат лоши за вашите заби доколку се консумираат секојдневно. Тие доведуваат до кариес и ерозија на забите. Кај малите деца, прекумерното внесување шеќер може да предизвика кружно расипување на забите кое се појавува прво како бела дамка, а потоа како кафеава или црна површина на забот во близина на непцата. Овој тип кариес може да настане поради секојдневно консумирање сокови, лижавчиња, лепливи слатки, како и поради пречестото и долгогодишно доење. Охрабрете го вашето дете наместо сокови, да избере вода или незасладени чаеви, особено навечер, бидејќи навечер природно се лачи многу помалку плунка, а плунката содржи ензими кои ги разградуваат бактериите. Затоа, помалку плунка значи и поголема можност за расипување на забите.

Соодветна хидратација

На децата им треба околу еден литар вода за да се смета дека ја консумирале соодветната количина. Водата е важна бидејќи ги мие остатоците од храна и бактериите од устата и на тој начин ја спречува појавата на кариес.

Изберете здрави закуски

Денес ни се достапни разни блогови кои пишуваат за здрави грицки и намирници кои можете да ги комбинирате. Наместо бонбони, дајте му на детето овошје, наместо млечна чоколада, дајте му темно чоколадо. Можете и сами да направите овошни јогурти без скриени шеќери.

Доколку сакате да го наградите вашето дете со некое слатко кое содржи нездрави шеќери, тоа нека биде веднаш по оброкот, а никогаш како посебна ужина. По здрав оброк, гореспоменатите здрави хранливи материи во одредена количина ќе го неутрализираат штетното дејство на шеќерот и киселоста во устата.

Правилната исхрана игра голема улога во оралното здравје, но не ја заменува правилната орална хигиена. Децата мора да ги мијат забите двапати на ден по две минути. Можете да му ја пуштите на детето неговата омилена песна и да поврзете некој забавен настан со четкањето на забите. По нездрав оброк кој содржи шеќери се советува да ги миете забите по половина час, а не веднаш по оброкот. Додека има киселост во усната шуплина, четкањето на забите може механички да им наштети на непцата и глеѓта, а се смета дека половина час по оброкот е оптималното време кога pH-вредноста на усната шуплина се враќа на неутралните вредности.

Доколку веќе има кариес, совет е да почнете да користите конец бидејќи тоа е единствениот начин да се исчисти површината помеѓу два заба. Со редовното одење на стоматолог му создавате навика на вашето дете да се грижи за себе и за своето здравје, а навиките најлесно се усвојуваат уште од мали нозе. Секако, најважна е превенцијата, па затоа советот е да се пополнат фисурите во млечната и трајна дентиција.

Извор



912

X