Ако сте загрижени за тоа колку време вашите деца поминуваат на мобилен телефон, ајпад или на компјутер, не сте сами. Всушност, многу лидери од Силициумската долина се согласуваат дека треба да бидете загрижени.
Во неодамнешно интервју за „Гардијан“, извршната директорка на „Јутјуб“, Сузан Војцицки, вели дека таа и нејзиниот сопруг, кој е извршен директор во „Гугл“, на своите деца им го ограничуваат времето поминато пред екран.
– Има моменти кога им ги земам телефоните на моите деца, особено ако сме на семеен одмор, бидејќи сакам да комуницираат едни со други. Затоа им ги земам телефоните и им велам: „Сите ќе се фокусираме да бидеме присутни денес“ – вели Војцицки.
Фото: Јутјуб (принтскрин)
Таа вели дека сака нејзините деца да имаат здрава врска со уредите, како и разбирање за тоа кога треба да направат пауза. – Сè се сведува на балансирањето. Луѓето треба да научат кога е време да се фокусираат на разговор, а кога е во ред да одат и да гледаат видео или да прават некоја друга активност на интернет – вели таа.
Нејзините деца не добиле мобилни телефони сè до моментот кога не биле во ситуација да останат сами, на пример, да патуваат со автобус или да одат на други места.
– Постојат моменти кога станува важно да имаат телефон со нив. Мислам дека 11 години е разумна возраст кога треба да почнете да ги едуцирате за уредите, но тоа е и возраст кога можете да им ги земете телефоните – вели таа.
Освен Војцицки, и други лидери отворено зборуваат за тоа како се справуваат со времето што нивните деца го поминуваат пред екран. Бил Гејтс во една пригода откри дека тој и неговата сопруга Мелинда Гејтс не им дозволувале на нивните деца да имаат мобилни телефони до тинејџерските години.
– Немаме мобилни телефони на маса кога јадеме, а не им дадовме мобилни телефони на нашите деца до нивната 14. година, па тие постојано се жалеа дека нивните другарчиња имале уште мобилни многу порано – вели тој.
Претприемачот Марк Кубан признава дека во една пригода му платил на својот син да не гледа „Мајнкрафт“ видеа.
– Нема да лажам, му платив на син ми 150 долари да не гледа такви видеа во период од два месеца. Тој може да заработи пари ако гледа видеа со математика или ако решава математички задачи – вели Марк.
Според Американската академија на педијатри, децата денес поминуваат просечно седум часа пред екраните. Тука се вклучени телевизијата, компјутерите, телефоните и другите електронски уреди. Како резултат на тоа, децата што поминуваат седум или повеќе часа дневно пред екран имаат двапати поголема веројатност да им биде дијагностицирана анксиозност и депресија во споредба со децата чие време пред екран е ограничено на еден час дневно.
– Како што разговарате со вашите деца што треба да прават, а што не треба да прават кога се на улица, исто така треба да разговарате за безбедноста на интернет и да се најде начин да се менаџира со времето поминато пред екран и да се балансира со други активности – вели Војцицки.