Почетокот на учебната година претставува стрес за целото семејство бидејќи секоја новина, секоја промена е стресна и бара приспособување. Треба време за да стекнете рутина.

Како ќе тече приспособувањето, зависи од детето, родителите, но и од семејството во целост, односно од тоа како функционирате како тим. Некои деца се совесни, одговорни, амбициозни, со изградени работни навики, па успешно се приспособуваат, но има и деца кои ги затвораат ушите кога родителите ќе им го споменат училиштето. Постојат родители кои многу го ценат образованието, кои мислат дека училиштето е многу важно. Тоа се семејства каде што многу се чита. Се купуваат сликовници, книги, едукативни игри за децата. Позитивниот став на родителите се пренесува и на децата, вербално и невербално. Со тоа, поголеми се шансите детето подготвено да го дочека почетокот на учебната година. Но, немаат сите позитивен став кон училиштето, па им велат на децата: – Жал ми е што најубавите години ќе ги поминеш на училиште. Некогаш училиштето се ценеше, сега не се исплаќа. Колку и да сте разочарани, сфатете дека ваквите изјави ги демотивираат децата.

Некои семејства функционираат како тим. Добро се организираат во различни ситуации, па голема е шансата и приспособувањето на училиштето да помине незабележително. Кај некои се јавува тензија, префрлање на одговорноста, кавги, па настанува хаос. Факт е дека не се сите деца исти, ниту родителите, но она што многу мајки ги интересира е како да излезат на крај со чувството на лутина бидејќи не успеале да се одморат, со чувството на тага бидејќи одморот завршил, со чувството на вознемиреност поради обврските што следуваат. Како да се мотивира детето да ги извршува обврските? Како да се врати семејната рутина?

Еве неколку совети:

Нов почеток, нови предизвици

Ќе го расположите детето ако му кажете дека училиштето не е учење и само учење, дека и натаму ќе има време за игра, спорт, дружење, дека го чекаат екскурзии, зимски празници. Објаснете му дека училиштето е ново поглавје во неговиот живот, дека го чекаат нови искуства, нови предизвици, нови познанства.

Добра организација – половина решена работа

Добрата организација ќе придонесе за намалување на напнатоста и стресот поради брзото темпо на животот и новите обврски врзани за почетокот на училиште. Направете план, договорете се однапред околу поделбата на активностите. Децата треба да имаат обврски и одговорности во семејството во согласност со нивната возраст и треба да ги вклучите во организирањето на семејниот живот. Мајките нека ја користат секоја можност за да ги соберат сите членови на семејството околу масата, бидејќи на децата тој ритуал многу им значи, а придонесува и кон јакнење на тимскиот дух.

Детето е помотивирано за извршување обврски што самото ќе си ги одреди

Наместо да давате наредби (треба, мора), помогнете му на детето да си направи свој план за станување, учење, играње. На пример, во 7 часот да се тргне кон училиште, па да се размисли колку време е потребно за подготовка. Во колку ќе стане детето, кога планира да оди на спиење за да може наутро да се разбуди? Потоа да одреди време за пишување домашна, дали пред играње или половина час по ручекот, кога најмногу би му одговарало. Колку време дневно планира да посвети на учење?

Предлозите на детето запишете ги на хартија, доколку детето не умее самото да пишува. Нека има договор меѓу вас, па подоцна ако детето не се придржува кон планот, можете да му кажете дека самото одлучило да стори нешто, а сега не го почитува.

Треба време да се приспособите

Не очекувајте сѐ да оди брзо и мазно. Понекогаш е потребно време работите да си дојдат на свое место. Човекот не е машина, па веднаш да влезе во петта брзина. Дајте си време.

Вие сте движечка сила на семејството

Се вели дека мајките се столбот на општеството, движечка сила на семејството, симбол за борбеност, истрајност, пожртвуваност. И кој друг, ако не мајките, ќе ја врати првобитната семејна рутина. Од вас се очекува да ги сослушате, утешите, собирате и мотивирате членовите на семејството.

Автор: Бранка Василев, психолог

Извор



912

X