За силен имунитет, покрај исхраната, не треба да се заборави и важноста на квалитетниот сон, но и значењето на стресот, односно неговото намалување во секојдневните активности, за нашиот организам да може да се избори со потенцијалните патогени.

Зошто квалитетната исхрана е важна за добриот имунитет?

Секој ден преку исхраната внесуваме голем број хранливи состојки, кои покрај тоа што го помагаат нашето секојдневно функционирање и одржување на виталните функции, влијаат и врз квалитетот на клетките на нашиот имунолошки систем, но и имунолошкиот одговор во целост. Покрај тоа што одредени намирници му помагаат на имунолошкиот систем, постојат и намирници кои не ни носат ништо корисно, напротив – често му отежнуваат на имунолошкиот систем да се избори со потенцијални непријатели.

Шеќерот како главна пречка за квалитетен имунолошки одговор

Една од најприсутните намирници е шеќерот. Храна која содржи значајни количини шеќер ја зголемува продукцијата на инфламаторни протеини, а сето тоа негативно влијае врз имунолошкиот систем. Покрај тоа, додека организмот се бори со зголемената количина шеќер, одбранбената функција на неутрофили и фагоцити отпаѓа. Високото ниво на шеќер прави оштетувања во функцијата на цревата, кои се важен дел од имунолошкиот систем.

Кои други намирници го слабеат имунолошкиот систем?

Покрај шеќерот, кој доминантно се злоупотребува од страна на популацијата, негативно влијаат и претерано засолените намирници, храната богата со омега-6 масни киселини, пржена храна, процесирано месо, брза храна, како и храна богата со адитиви. Оваа храна го зголемува процесот на воспаление во организмот, ја отежнува работата на гастроинтестиналниот тракт и со самото тоа му одмага на организмот во борбата против инфекции. Покрај тоа, оваа храна има помалку хранливи состојки, па освен чувство на моментална ситост или привремено сетилно задоволство, на организмот не му носи вредни хранливи материи.

Кои намирници го подобруваат имунолошкиот систем?

Еден од главните поттикнувачи е витаминот Де, па вашата исхраната треба да биде богата со него. Тоа се најпрво рибата и морските плодови печурките и жолчките од јајцата. Рибата содржи и омега-3 масни киселини – исто така добри за имунитетот. Цинкот е еден од главните „актери“ на здравиот имунитет, а најмногу го има во говедското месо, морската храна, мисиркиното месо и друга живина, телешки црн дроб, тиква и семки од тиквата. Покрај цинкот, важен е и селенот, со кој се богати житариците, школките, бразлискиот орев.

Витамин Це – неопходен сопатник на добриот имунитет

Освен што поттикнува синтеза на колаген и ѝ дава на кожата убав и младешки изглед, неопходен е за да останете здрави. Најмногу е присутен во цитрусно овошје, брокула, пиперка, карфиол, грашок. Не треба да се заборави дека иако го има и како суплемент, најдобро е да се консумира природно. Неколку пиперки, киви или портокал дневно може целосно да ги задоволат дневните потреби за овој витамин. Може да се консумира колку што сакате, бидејќи сѐ што е вишок се исфрла преку урината.

Значењето на пробиотикот во одбраната на организмот

Пробиотиците заземаат сѐ поважна улога во одбраната на организмот, како преку чување на гастроинтестиналниот систем, кој е еден од главните носители на имунитетот, така и преку зачувување на кожните бариери, кои се главна физичка препрека за микроорганизмите. Токму намирниците богати со пробиотски култури се многу важни за здрав имунитет, а најквалитетно е да ги добиете од домашен кефир, кој се прави од кефир габи. Многу ефикасен е и јогуртот, особено овчиот или козјиот.

Дали суплементите може да ја заменат квалитетната исхрана и да го подобрат имунитетот?

Може да помогнат, но не треба да се заборави дека не се замена за здравата исхрана, а и не можат самите да бидат фактор за изградба на силен имунолошки систем. За да бидеме здрави, а организмот доволно силен да се избори со различни бактерии, потребно е содејство на многу фактори – од квалитетна исхрана, додатоци на одредени суплементи ако постои докажан дефицит, здрав сон, балансиран живот и што помалку стрес.

Храната е важен фактор во зачувувањето на целокупното здравје и во градењето квалитетна основа за иднината. Не треба да заборавиме дека таа, всушност, е редок фактор на кој можеме да влијаеме, па затоа и би требало повеќе да размислуваме за она што го консумираме. Во околностите во кои живееме, секако не треба да се предвиди дека превентивата е всушност половина здравје и дека сѐ што можеме да направиме за да спречиме инфекција, бара многу помалку време од потенцијалната зараза или нејзините последици. Не заборавајте дека вие сте храната што ја јадете, па затоа за себе одбирајте го најздравото.

Автор: д-р Јована Мајсторовиќ

Извор



912

X