Постојат многу начини на кои можете да го поттикнете развојот на интелигенцијата на бебето. На оваа тема зборува научникот Даглас Доман од Институтот за остварување на човечкиот потенцијал од САД.

Зошто е важна раната стимулација на децата и кој период е најдобар за развој на мозокот?
– Мозокот најбрзо расте и се развива во првите шест години, потоа растењето и развојот постепено се намалуваат. Од раѓањето, до шестата година, мозокот расте со огромна брзина, и токму тој период е најдобар за учење бидејќи бебето има неверојатна способност да ги впива сите информации, па можете да го научите сѐ што сакате. Голем број родители ја отфрлаат оваа можност – вели научникот Даглас Доман, автор на голем број книги.
– Мојот татко Глен Доман, основач на Институтот за реализирање на човечките потенцијали, еднаш рече: „Секое дете се раѓа со интелигенција што според потенцијалот е поголема од онаа што познатиот Леонардо да Винчи некогаш ја користел“. Нашата цел е да им укажеме на родителите како да го развиваат мозокот на своите деца и да им помогнеме да го развијат максимумот во интелектуалните, физичките и социјалните постигнувања, а тоа ќе им послужи како добар темел на патот кон реализирање на животните желби и цели.

Дали можете да кажете нешто за Вашите методи?
– Кога институтот почна со работа, се сметаше дека мозокот на малите деца не е во состојба да прими и да усвои голем број нови информации. Се веруваше дека интелигенцијата е генски одредена и непроменлива. Мојот татко Глен Доман и неговиот тим ја оспорија оваа теза и докажаа дека мозокот има огромен потенцијал кој не е целосно искористен. Низ годините имавме можност да ги едуцираме родителите и да откриеме дека децата можат да научат апсолутно сѐ, доколку со нив се работи со внимание и со разбирање.
Сите методи што ги користиме потекнуваат од нашата работа со деца со оштетен мозок, а се покажаа како ефикасни во спречувањето или намалувањето на епилептичните напади, развивање на сетилото за вид и слух кај слепите и глувите деца, оспособувањето на неподвижните деца да можат да ползат, одат и да трчаат, подучување на комуникацијата кај децата што не можат да зборуваат и постигнување исклучителен интелектуален напредок кај децата со аутизам и со Даунов синдром.

Дали Вашите методи се исти за сите родители?
– Нашите истражувања и работа се наменети за сите деца во светот. Сепак, родителите од некои земји можеби оставаат посилен впечаток врз персоналот во Институтот отколку некои други. На пример, забележавме дека родителите од Русија и од Италија имаат голема почит кон интелигенцијата на своето дете и поради тоа, во работата со нив постигнуваат одлични резултати.
Родителите од Јапонија се доста посветени на програмата со своите деца и на тој начин постигнуваат неверојатни резултати.

10 совети што да работите со детето:
1. Дајте му на детето можност да се движи што е можно повеќе.
2. Создајте идеално опкружување за вашето дете да може да се движи, дајте му неограничен простор и чист, топол и безбеден под.
3. Настојувајте секое учење со вашето дете да биде забавно и успешно. Успехот поттикнува мотивација, што води до нови успеси.
4. Обезбедете стимулативно интелектуално опкружување за вашето дете. Секој ден читајте му книги и разговарајте со него на ист начин како што тоа го правите со возрасните.
5. Додека учите со вашето дете, овозможете му многу љубов и внимание и уживајте во заедничкото учење.
6. Веднаш почнете да го учите вашето дете да чита. Колку е помладо детето, толку полесно ќе ја совлада оваа вештина.
7. Врз работата на мозокот значително влијаат нашата исхрана и квалитетот на воздухот што го дишеме.
8. Здравата и добро избалансирана исхрана позитивно влијае врз растот и развојот на мозокот. Лошата исхрана може да го намали или да го запре мозокот да расте и да се развива.
9. Поминувајте време со вашето дете колку што можете повеќе, па така од вас може да ги научи правилата за добро однесување и да стекне добри манири.
10. Бидете доследни во тоа што го правите со вашето дете, искрени и праведни кон него.

Автор: Весна Станимировиќ



912

X