Летото е доволно долго и има време за сѐ. Детето има потреба да се почувствува ослободено од обврски исто како и ние
Читачко катче во дворот или на балконот, кое ќе го направите заедно со вашите деца, ноќно читање во шаторче со рачно изработени фенерчиња заедно со другарчињата… Ова се само дел од предлозите на една од најкреативните наставнички – Весела Богдановиќ, со чија помош ќе го инспирирате детето да чита и во текот на летниот распуст.
Богдановиќ вели дека во почетокот на распустот на децата треба да им дадете оддишка од учењето. Да заборават на сѐ, па дури и на читањето.
– Не прашувајте ги веднаш кои им се лектирите за следната година доколку знаете дека тоа нема да им биде омилена тема. Да ги оставиме да си играат, сами да си го планираат слободното време. Летото е доволно долго и има време за сѐ. Детето има потреба да се почувствува ослободено од обврски исто како и ние. Замислете некој постојано да нѐ потсетува кога да го испегламе купот облека што нѐ чека. Самото нека избере што сака да прави, нека се дружи со врсниците – вели Богдановиќ.
Потоа, советува таа, треба да почнеме да настапуваме мудро. На пример, при прошетка во град заедно да се посети книжарница и да се купи првата лектира или сликовница за ова лето, заедно со пластелин или боички.
– Потребни се и креативни паузи со цртање и моделирање за време на читањето на книгата. Независно дали е лето и распуст, книжарниците им се омилени места на децата и мислам дека сепак таму најлесно почнува тоа што е наша мисија. Дури и едно ново шарено моливче може да предизвика фокус што нам ни оди во прилог за полека да ги вратиме пишувањето и читањето како активност во слободното време. Но, да не ја заборавиме и магијата на градската библиотека како гаранција за успех и супер сојузник – вели Богдановиќ.
Таа предлага и дигитални сликовници кои бесплатно може да се најдат и на страницата на фондацијата „Чекор по чекор“ http://www.stepbystep.org.mk/mk/biblioteka.
– Искрено ги препорачувам, проверени се во наставната практика и дома, магични се и привлечни за секое дете.
Читајте енциклопедии и сликовници
Во училницата таа читањето секогаш го прави забавно бидејќи го врзува со ликовната уметност. Предлага изработка на читачки кутии за време на читањето. Потребна е само кутија за чевли која понатаму ќе ја украсувате согласно темата.
– Детето ќе прави паузи за време на читањето за да запише клучни зборови кои ќе го потсетат што би можело да нацрта или да моделира подоцна. Така кутијата полека станува дом на книгата, но и збирка на играчки, предмети, ликови, запишани важни дијалози или делови од неа. Детето чита додека истовремено си игра, тоа е истражувач чија цел е да открие важни податоци кои ќе му помогнат да ја збогати својата кутија со предмети од пластелин, сцени, ликови… На тој начин книгата оживува во детската соба, станува играчка за која може да се раскажува, може да се покажува – објаснува.
Важно е и покрај задолжителната литература, да се посегне и кон слободна. Она што е задолжително, како по некое непишано правило, не е толку омилено, еве дури и за нас, возрасните – вели наставничката Богдановиќ.
– Енциклопедиите, сликовниците и детските книги што не се задолжителни се навистина привлечен начин да го измамиме детето да чита. Затоа, во секоја пригода апелирам за зачленување во градските библиотеки. Делот со книжарниците останува, но да не ја заборавиме и библиотеката, таа може да биде наш сојузник. Независно дали имаме финансии да купуваме шарени книги за нашите дечиња, библиотеката сепак е друг, поинаков магичен свет кој има многу повеќе од она што родителот може да го понуди. Самиот чин на зачленување, картичката со негово име, обврската и одлуката да избере книга и да ја врати во одреден рок, љубопитноста да се допре секоја книга што мами со креативен дизајн, одлуката која книга да ја земе денес иако го привлекуваат неколку истовремено – вели таа.
Не заборавајте ја библиотеката
Таа советува да не се грижите дали детето денес ќе избере книга што му одговара на возраста. Дури и кога би избрало шарена енциклопедија со податоци и детали кои можат да се разберат на поголема возраст, сликите ќе му ја поттикнат љубопитноста да прочита и да се обиде да разбере за што се работи.
– Важно е да ја развиваме навиката и потребата за дружење со книгите, но и ние како родители да учествуваме во читањето, да покажеме интерес, да прочитаме наглас нешто што е примамливо, да го поттикнеме да истражува за да ни помогне да откриеме интересни податоци. Да, ние можеме да бидеме строги, да утврдиме час за читање, да ги условуваме шетањето и игрите со број на прочитани страници, но тоа со сигурност не е гаранција за успех, ниту пат кон поттикнување навики. Детето може мирно да ја држи книгата и со часови да имитира читање, нели? Сме го правеле тоа како деца, да бидеме искрени. Токму кога сме свесни за тоа, ние прифаќаме дека нашата задача како родители не е толку лесна, потребни се време, труд и мудри решенија – објаснува Богдановиќ.
Летото е навистина време за одмор на дечињата и тоа треба да се почитува. Само мудро и ненаметливо можеме успешно да преминеме на читање и на она што е задолжително, повторно во партнерство со детето.
– Кога ќе се поставиме дека лектирите се наш заеднички предизвик, а не обврска само на детето, тогаш сѐ ќе ни биде полесно. Изгледа тешко, но навистина не е. Децата растат. Овие години кога сме им потребни брзо минуваат. Понатаму ќе бидеме желни за мигови со нив, а тие веќе ќе бидат самостојни менаџери на своето слободно време. Затоа, да ја искористиме можноста да бидеме блиску и блиски со нив, независно дали се работи за игри или за нивни обврски.
Читачки час со другарчињата во двор
Децата може да читаат и кога не се дома. А и читањето во домашни услови може да се направи многу поинтересно и да биде вистинска авантура.
– За оние што имаат двор, навистина е штета кога не би се обиделе да направат читачко катче со комбинација на празно базенче, чадор, можеби со комбинирани гајби како куќа, картонски кутии како замок или едноставно мало шаторче. Има безброј идеи како да се направи вакво катче со употреба на она што веќе го имаме во домот. Организирајте ноќно читање во вашиот двор. Повикајте неколку дечиња од соседството, запалете фенерче или децата можат да си изработат свои фенерчиња за читање со украсување на теглички. Вклучете го детето во изработката на катчето. Секое дете сака да чита во ваква магична атмосфера. Ова може да се направи дури и на тераса. Простирка на плочките во аголот, неколку перничиња, свеќичка во тегличка и магијата е тука. Грицки, сендвич, сокче. Ова може да биде интересна авантура која долго ќе ја памети. И сега веќе можеме да договараме читачки час затоа што ќе биде забавен, особено ако поканиме и другарчиња – советува Богдановиќ.
Може да се чита каде било
Според неа, може да се чита каде било. На пример, ако патувате во Охрид, веројатно одите на прошетка во градот, на тврдината.
– Со едноставно пребарување на информации можеме да го поттикнеме детето да ни прочита за Самуиловата тврдина, за градот Охрид и легендите, за тајната на изработка на охридските бисери, да зборуваме со него за податоците. Читање понуди за посета на интересни места, каталози со понуди на производи, рекламен материјал за местото. Со еден збор, нашата мисија е да ја поттикнеме љубопитноста и да ја искористиме во функција на читањето, но и да формираме личности кои ќе имаат сензибилитет за светот што ги опкружува.
Таа советува и по секоја посета на некое место да го намамите детето да напише писмо, бидејќи читањето и пишувањето одат заедно како партнери.
Ја прашуваме наставничката и колку на македонските основци им е достапна добра литература? Вели дека таа секогаш размислува да го извлече најдоброто од секоја ситуација.
– Колку и да се менува задолжителната литература, секогаш некому ќе му се допаѓа, а некому не, дури и една иста книга, и на наставниците и на децата. Независно кој прави избор на лектири, секогаш ќе има доза субјективен став при изборот. Ова е сложена тема. Но, ние како наставници сепак имаме и наслови за избор, па на таков начин можеме да ги испочитуваме и да ги следиме интересите на децата – вели Богдановиќ.
Таа се труди да ги поттикне учениците да ѝ кажат дали лектирата им се допаднала, да зборуваат што не им се допаѓа, зошто, која лектира им била поинтересна и сл.
– Овие дебати се одлични за децата. Сфаќаат дека секој има право на свое мислење и дека секој различно доживува иста работа, дека имаме различни и интереси и доживувања, но дека тоа е добро сѐ додека се почитува другиот.
912