Научи се да го користиш она што веќе го имаш, а да не купуваш ново. Од твој цртеж направи торбичка за подарок или интересна декорација

Сведоци сме на фактот дека планетата Земја сè повеќе страда поради нашето невнимание. Луѓето фрлаат ѓубре насекаде, пластиката се користи и онаму каде што нема потреба. Затоа е добро секое дете да создаде добри навики уште од најрана возраст.
Биљана Илиева, наставничка по биологија во Основното училиште „Климент Охридски“ од Драчево, советува што треба да прави секое дете за да ѝ помогне на природата. Истите совети се добредојдени и за родителите. Наставничката Илиева е позната по својата посветеност на екологијата. Нејзини ученици постојано добиваат награди на многу конкурси, а со нив произведува и органска храна во дворот на училиштето.

Штедете храна и вода: Храната што ќе ви остане внимателно затворете ја и чувајте ја во фрижидер за подоцна.
Кога миете заби, употребете чашка за водата или чешмата пуштајте ја по потреба. Не оставајте ја водата да тече постојано. Така ќе заштедите околу пет литри вода.

Штедете хартија – така ги чувате дрвјата: Хартијата е материјал кој се произведува најчесто од стеблото на дрвјата. Затоа, кога цртате, употребете го листот од двете страни.

Користете платнени торби за пазарење: Пластичните кеси се направени од материјал кој бавно се разградува во природата. Денес најчесто во маркетите се нудат пластични кеси што штетно влијаат врз животната средина. За да го намалите загадувањето, користете платнена торбичка за пазарење.

Кога одите на роденден или на гости, користете биоразградливи кеси (хартија, картон): Можете и од некој ваш нацртан цртеж да направите торбичка за подарок или направете некоја интересна декорација.

Користете еколошки средства за чистење: Чистењето не е работа само на возрасните. Кога ја чистите својата соба, користете еколошки средства – за стаклата на прозорците и за површините употребете раствор од оцет и вода и пребришувајте ги со стари весници.

Гасете ги електричните апарати кога не ги употребувате – така штедите електрична енергија.

Отпадоците секогаш фрлајте ги во канта. Ако имате можност, селектирајте ги отпадоците! Така ја чувате околината.

Возете велосипед секогаш кога сте во можност – на училиште, на игралиште, со другарчињата…

Научете се да го користите она што веќе го имате, а да не да купувате ново. На креативен начин пренаменете некој предмет и повторно користете го. На пример, конзерва од грашок може да ја претворите во кутија за моливи и пенкала.

Зачленете се во екоклуб: Така ќе учите за животната средина и со кои проблеми се соочува таа. Во исто време ќе учествувате во разни еколошки акции кои ќе помогнат за нејзина заштита.



912

X