Љубовта кон децата подразбира постојана грижа, како и потреба да се заштитат од разни опасности кои демнеат во нивната околина.

Реалност на денешницата се потенцијалните опасности што го опкружуваат вашето дете, без разлика дали е на пат кон училиште, во двор или во парк.

Клинт Ван Зант, поранешен агент на ФБИ, предлага неколку стратегии за вас и вашето дете како да избегнете опасност, но и како да се однесувате доколку дојде до несакани ситуации.

Совети за децата

  1. Не влегувај во нечиј автомобил освен ако твојот родител не ти каже да го сториш тоа лично. Исто така, не приоѓај им на луѓето кои те следат со автомобил или пеш.
  2. Не верувај му на возрасен кој бара помош од тебе, како на пример ако ти рече дека бара изгубено куче или некоја улица.
  3. Тргни се од личност кој те присилува да одиш со неа. Слободно почни да викаш: „Оваа личност не е мој татко (мајка)“.
  4. Избегнувај да одиш некаде сам. Доколку сакаш да излезеш од дворот или паркот, задолжително побарај дозвола од родителите, особено ако одиш некаде.
  5. Немој никогаш да одиш некаде со автостоп. Ако родителите не ти дозволуваат, немој да се возиш со други луѓе.
  6. Возрасните не би требало да ти ги кажуваат нивните тајни. Ако се случи такво нешто, кажи им на родителите или наставникот. Исто така, не дозволувај никој да те фотографира.
  7. Никој не смее да го допира твоето тело на места покриени со костим за капење, ниту ти да ги допираш другите. Твоето тело е нешто посебно и интимно.
  8. Имаш право да им кажеш НЕ на возрасните, па дури и на роднините и пријателите, доколку те тераат да направиш нешто против твоја волја.
  9. Договори се со родителите на кој начин ќе ти кажуваат дали е безбедно да одиш со некого.
  10. Вежбај посебен извик, кој е гласен и трае долго. Така ѝ кажуваш на личноста која се обидува да те повреди: „Знам што се обидуваш да направиш! Не сум лесна жртва!“, а на луѓето во близина им кажуваш дека си во опасност.

Совети за родителите

  1. Клучот за успехот е комуникацијата. Важно е отворено да разговарате со децата за сите теми поврзани со безбедноста, па дури и можното киднапирање.
  2. Знаењето е моќ. Разговарајте со децата за потенцијалните напаѓачи, научете ги дека изгледаат како сите нормални луѓе и дека ќе се обидат да го намамат детето на различни начини.
  3. Научете ги основните методи кои напаѓачите ги користат за да намамат дете: барање изгубено милениче, прашување за насоки, нудење бонбони или пари на децата за да влезат во нивниот автомобил, заканувајќи се дека ќе повредат член на семејството ако детето не оди со нив…
  4. Не означувајте облека, ранци или други лични предмети со името на детето. Напаѓачот може да ги искористи тие информации за да ја стекне довербата на детето.
  5. Договорете се со детето што да прави ако случајно се одвои од вас и се изгуби во трговски центар, супермаркет или некое друго јавно место. Советувајте го да побара помош од мајка со деца или друга жена. Тие можат да бараат информативно биро или полицаец.
  6. Кажете му на вашето дете дека треба да ги знае сопственото име и презиме, адреса и вашиот телефонски број. Треба да ги знае и броевите за итни случаи.
  7. Секогаш треба да знаете каде се вашите деца, како и адресите и телефонските броеви на нивните пријатели.
  8. Не заборавајте да ги ажурирате информациите за детето. Фотографирајте го на секои 6-12 месеци.
  9. Бидете упорни во едукацијата на детето за сите опасности, вежбајте заедно и глумете можни несакани ситуации.
  10. Ако вашето дете исчезне, обидете се да не паничите. Прво, пребарајте ја куќата, па проверете да не е кај соседите или пријателите. Ако сè уште не можете да го најдете, повикајте полиција. Не постои временски период што мора да помине пред да можете да пријавите исчезнато дете.

Како да избега од киднапер?

Поранешниот агент на ФБИ, Клинт ван Зант, вели дека ниту едно дете не треба да се плаши да им каже на родителите ако некој му се заканува, дури и ако насилникот конкретно му каже да молчи. Децата треба да знаат дека тоа што некој им се заканува не е нивна вина и дека не треба да се срамат од тоа, ниту да го кријат од родителите.

На децата треба да им се објасни дека не мора никаде да одат со некого ако не сакаат.

Во случај на обид за киднапирање, детето треба да вреска, да вика и да се извлекува колку што е можно повеќе. Без разлика што ќе каже киднаперот, тој треба да прави врева и да привлече што поголемо внимание.

Во повеќето случаи, киднаперите се обидуваат да ги натераат децата да влезат во автомобили. Ако некој се обиде да го направи тоа, детето треба да трча на спротивната страна од правецот од кој доаѓа автомобилот, за да го натера киднаперот да ја заврти колата и на тој начин да добие време да избега.

Потоа треба да трча до родителите, до продавница или на некое јавно место, викајќи дека некој се обидува да го киднапира.

Агентот ги советува децата да трчаат, дури и ако киднаперот им впери пиштол.

– Повеќето киднапери не сакаат да привлечат внимание со пукање, а постои голема веројатност да не го погодат детето – вели агентот Клинт Ван Зант.

Во случај киднаперот да успее да го пикне детето во автомобилот и да го стави на предното седиште, детето треба брзо да се пресели на задното седиште и да се обиде да излезе од задната врата. Исто така, се препорачува детето, доколку седи на предното седиште, да свири на сирената за да го привлече вниманието на другите возачи.

Извор



912

X