Се чини дека битката околу играњето видеоигри е вечна. Тоа е нешто што нема да исчезне и тоа е нешто што нема да престане да ги интересира децата. Најдобро е да го прифатите и да научите како да се справите со тоа. Овој психијатар најдобро го знае тоа бидејќи и самиот е гејмер.
Видеоигрите се свет кој денес не го разбираат многу родители. Токму тоа е причината што многу родители не знаат како да се справат со поставување граници во играњето, со зборување за тоа, ниту пак можат да разберат што е тоа што ги привлекува децата во овие виртуелни светови. И токму затоа има тепачки, расправии, претерано играње, попуштање во учењето и многу други проблеми.
Факт е дека светот на видеоигрите не заминува. Ниту, пак, на децата ќе им здосади. Не можеме да ги игнорираме, ниту пак да се трудиме целосно да ги укинеме. Сепак, важно е да се носат одлуки на вистински начин и да им се помогне на децата на вистински начин да научат да се справуваат со сè што носи овој свет.
Ова го почувствувал на своја кожа Алок Каноџа, психијатар кој за малку не го завршил факултетот поради игрите. Денес тој е психијатар кој се занимава првенствено со овој проблем и често советува како да се биде гејмер на здрав начин.
Во своите видеа и во својата работа, тој сака да им помогне на младите гејмери и нивните родители да продолжат да уживаат во видеоигрите, но на здрав начин. Еве ги неговите совети како да му помогнете на детето да има здрав однос со видеоигрите.
Охрабрете ги децата да размислуваат за тоа како времето на екранот/видеоигрите влијае врз нив
Двете деца на д-р Каноџа играат видеоигри. Еве како тој управува со времето поминато пред екран.
– Да речеме дека гледаме еден час телевизија во сабота наутро. На крајот од часот, ги прашувам дали сакаат да престанат? Секако дека велат не. Затоа, ги оставам да гледаат уште 30 минути. Потоа ги прашувам: дали се забавувавте вторите 30 минути еднакво како првиот еден час? Дали ова е повеќе или помалку забавно?
Потоа, ги носи на игралиште и поставува слично прашање: дали сакате да си одите и да гледате телевизија или ова ви е позабавно? Со ова, тој сака да ги поттикне своите деца да го разберат влијанието на уредите врз нив.
– Друга важна работа е давањето избор. Важно е да им помогнете да разберат, можете да го направите тоа сега или подоцна. Тоа им го зајакнува фронталниот лобус затоа што им овозможува да го одложат задоволувањето – вели докторот.
Но, ако одлучат да играат толку што ќе им пречи во секојдневието (оценките се полоши, изолирани се, нерасположени), тогаш треба да интервенирате.
Како да им помогнете на децата да сакаат помалку да играат игри?
Игрите се бегство од реалноста, па затоа е важно да се утврди дали постои друг проблем.
– Ги охрабрувам родителите да ги прашаат своите деца што им се допаѓа во врска со игрите. Вашиот родителски инстинкт за заштита функционира вака: ако вашето дете си игра со остар нож, тргнете го. Сепак, предизвикот е што кога ќе го одземеме, понекогаш наидуваме на отпор од нив бидејќи задоволуваат некои нивни потреби. Ако размислуваме за дете кое е изложено на малтретирање, сите негови пријатели се на интернет. Значи, кога му ја одземате играта, не му ја одземате САМО играта. Му го одземате социјалниот излез – вели тој.
Можеби звучи многу необично, но докторот препорачува да не им се одземаат игрите или конзолите. И важно е да им кажете дека нема да им ги одземете. Можете да поставите граници, но тие треба да знаат дека искреноста со родителите нема да доведе до тоа целосно да им бидат одземени.
Придржувајте се кон границите или претрпете ги последиците
Ова е многу тешко, ние го знаеме тоа, но од други примери знаеме дека многу предупредувања („Уште пет минути!“ или „Ако го повториш тоа, ќе ја исклучам играта“), без реални последици водат детето да ги поместува границите, а не да ги почитува веќе поставените. Така всушност го учиме детето да ги голта нашите зборови, бидејќи нема никакви последици. Му велите да престане, но ако не го стори тоа, не се случува ништо. Тоа е исто како кога велиме: кога велам стоп, всушност не мора да престанеш.
– Ако навистина сакате вашето дете да биде одговорно, треба да му дадете одговорност. А тоа понекогаш значи лоши оценки или заборавање на нештата. Така вашето дете навистина ќе учи – вели докторот.
Додавајте, не одземајте активности
Ако откриете дека има некој друг проблем поради кој детето бега во светот на игрите, големи се шансите детето всушност да сака да ги реши своите проблеми на друг начин, но не знае како. Наместо да му го скратите овој „излез“, воведете му нови активности, како што се воннаставни активности кои можат подобро да ги задоволат неговите потреби отколку игрите.
– Колку повеќе играте игри, толку повеќе вашите социјални вештини атрофираат. Тоа никогаш нема да го реши постојниот проблем – советува докторот.
Важно е да останете вклучени и да го поддржувате детето.
912