Многумина од нас сега сме во позиција нашите деца да бидат постојано дома со нас за време на неизвесноста, и за многумина овој период може да биде екстремно анксиозен. Имањето добри рутини и навики е она што го прави животот предвидлив и ни помага да се чувствуваме безбедни и сигурни. Ако го избришеме тоа, што ќе ни остане? Па – една работа што е навистина важна. Семејството и поврзаноста. Принудени сме да погледнеме како ги живееме нашите животи и да се соочиме со себеси. Принудени сме да бидеме свесни и совесни.
Често го поставуваме животот на автопилот. Имаме нездрави механизми за справување, што подразбира дека бегаме од себеси. Се оттргнуваме од реалноста така што постојано работиме. Игнорираме да извршиме евалуација на нашите животи додека сме зафатени со социјализирање. Креираме лажна илузија за контрола над нашиот распоред преку трчање од една активност на друга, секогаш сме во движење, па сето тоа не остава простор за нешто друго во нашите животи. Сега сме принудени да забавиме и да погледнеме длабоко во себе.
Верувам дека нема подобро време за да се пристапи кон примена на „совесен родител“ и тоа е она што им е потребно на нашите деца. Па како да се осигуриме дека сме совесни родители? Ви нудам неколку појдовни точки.
– Бидете совесен набљудувач – ова бара да ја гледате поголемата слика. Бара да бидете свесни за своите мисли, за внатрешните дијалози додека набљудувате како се поврзувате со вашите деца. Само кога ќе се набљудуваме себеси ќе можеме да станеме самосвесни и преку таа свесност да креираме промена. Во следните неколку недели правете белешки и поставувајте си ги следните прашања:
„Што добро се случи денес?“,
„Што лошо се случи?“,
„Како се чувствував?“,
„Како се чувствуваше моето дете?“,
„Ако можев да направам нешто подобро денеска, тоа ќе беше…“,
„Најсилното чувство што го имав денес е…“
Овие прашања се само појдовната точка во процесот на евалуација на денот што поминал. Со текот на времето ќе забележувате шеми и кога ќе можете да ги препознавате овие шеми, ќе видите каде можете да воведете промени.
– Одговор наместо реакција – како што ќе станувате посовесни, така ќе имате поголема способност да одговорите наместо да реагирате. Тоа ќе му дозволи на вашиот ум во тие неколку секунди да се ослободи од товарот што ја чувствувате во моментот и ќе ви овозможи совесно да одговорите. Па кога вашето дете ќе направи нешто што ќе ве испровоцира, на пример, да истури чаша со млеко, вие ќе можете да разберете дека тоа било несреќен случај, дека детето не го направило тоа намерно и дека сите прават грешки. Ќе можете да сведочите на тоа како се чувствувате во моментот и како вашата состојба влијае врз тоа дали ќе одговорите или ќе реагирате. Ако сте посвесни за сопствените чувства и состојби, подобро ќе го сфаќате и однесувањето на вашето дете, односно ќе согледате дека тоа не е проблемот, туку дека неговото однесување зависи од вашиот пристап.
– Извинете се и разговарајте со детето за сопствените чувства – никој не сака да го изгуби трпението пред децата, но нивоата на стрес и грижа некогаш знаат да бидат многу високи, особено во ова време на пандемија на коронавирусот. Сега мораме да прифатиме дека сме луѓе и дека грешиме, но и дека треба да им испраќаме сигнали на децата дека нашето однесување некогаш нема врска со нив, туку со други работи што се случуваат. Исто така, не сакаме да дојде до замена на улогите – децата да ни се постават како родители.
„На мама ѝ е жал што викаше. Не е поврзано со тебе. Не спиев доволно и имам многу грижи што се за возрасни, поврзани со работа и понекогаш ми е тешко да се справам. Те сакам толку многу и ќе се трудам да се грижам и за себе за да не бидам толку под стрес“. (Ова можеби изгледа како многу, но на децата им е потребно ова високо ниво на објаснување во детали).
– Негувајте го вашето внатрешно дете – начинот на кој одговараме на стресот е најчесто начинот на кој тоа го правеле нашите родители. Ако нашите родители не ги регулирале своите емоции на здрав начин, многу е веројатно и ние да имаме слични механизми за справување. Добро е во тој случај свесноста да се зголеми, а вие да комуницирате со детето во себе. „Што му е потребно на моето внатрешно дете во моментов?“ Можеби ви треба шолја топол чај или кафе, да излезете надвор, да вдишите чист воздух, или да му се јавите на пријател кој ве поттикнува да бидете разумни.
– Потврдете ги чувствата – ова треба да се применува и со чувствата на децата, но треба да го правите и со сопствените. Кога детето ќе ви рече „Тато, се плашам“, треба да го валидизирате тоа наместо да му речете нешто како „нема од што да се плашиш“. Треба да го сослушате и да му укажете дека разбирате зошто се плаши од нешто. Охрабрете го и кажете му дека сите понекогаш се плашат. Со тоа поттикнувате и дискусија за чувствата, па можете да работите заедно и да дојдете до некои идеи за тоа како да постапите во такви моменти во иднина. На пример, потврдете дека вашето дете е исплашено и потоа го прашувате: „Дали има нешто што може да го направам кога се чувствуваш вака?, и да понудите решение. „Дали сакаш да те прегрнам? Дали да ти донесам нешто за пиење? Сакаш повеќе да зборуваме за ова? Каде го имаш ова чувство во телото?“ Ќе бидете изненадени колку ваквите нешта може да ви помогнат и вам.
Автор: Фиона Нг.