Воспитување

Социјалните приказни како дел од воспитниот процес на децата

Социјалните приказни се важен дел од формалното и неформалното образование на децата. Освен што ги развиваат когнитивните процеси на мислење, логичко расудување и заклучување, тие влијаат и врз развојот на социјалните вештини на децата поттикнувајќи ги на пожелно однесување и стратегии за решавање социјални проблеми. Специфично за нив е што се кратки, а некои немаат формиран крај и бараат од детето да го создаде.

Една таква кратка приказна која е чест дел од мојата психолошка практика е приказната за двете мравки.

ДВЕ МРАВКИ

Мајката мравка ги испрати своите две мали мравчиња на училиште.

Фатени за рака, мравчињата тргнаа кон училиштето кое беше сместено во големата печурка под стариот даб.

Пред влезот на училиштето, мравчињата видоа зрнце пченица.

-Мое е, јас прва го видов! – извика поголемата мравка. – Не, јас прва го видов! Мое е! – извика помалата мравка.

Двете мравки се караа пред училишниот влез.

Прашања за разговор:

Кој тргнал во училиште?

Каде се наоѓало училиштето?

Зошто се скарале двете мравки? 

Како можеме да им помогнеме да го решат овој проблем?

Кој друг може да им помогне на мравките да го решат овој проблем?

Постојат и социјални приказни наменети за децата со аутизам кои имаат тешкотија во разбирање на социјалните правила кои многу често сите ние ги учиме од интеракција со другите деца. Овие приказни претставуваат посебен облик на учење за социјалните очекувања на светот околу нив. Се креираат според методот на Карол Греј. Тие можат да овозможат совладување на нови сценарија кои би се користеле во нови ситуации.

Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top