Од почетокот на пандемијата некои научници се фокусираа на развој на вакцини, а други на откривање лекови кои можат да помогнат во борбата против вирусот или да ги ублажат симптомите на ковид-19.
Вакцините, кои се најдобриот начин да се спречи инфекцијата, се развиени во рекордно време. Но, сѐ уште нема ефективни лекови.
Бидејќи развојот на нови лекови обично трае со години, а ние немаме толку време, некои научници се прашуваат дали некои постојни лекови или додатоци во исхраната може да бидат ефикасни во борбата против ковид-19. Таквите лекови веќе ги поминаа безбедносните проверки и ги добија сите одобренија, така што дел од макотрпната работа и трошоци може да се избегнат.
Една нова студија објавена во „Зборник на Националната академија на науките“ покажа дека постојат некои одобрени лекови и еден додаток во исхраната што го блокираат или намалуваат количеството на вирусот САРС-КоВ-2 во клетките.
Вештачката интелигенција бара лекови
Истражувањето користеше вештачка интелигенција која овозможува анализа на снимки на човечки клетки за време на инфекцијата.
Клетките биле третирани со повеќе од 1.400 индивидуални лекови и соединенија одобрени од Американската администрација за храна и лекови (ФДА) пред или по вирусна инфекција, а анализата на резултатите откри 17 можни кандидати. Десет од нив неодамна се одобрени, од кои седум се веќе идентификувани во претходните студии за пренамена на лекови. Меѓу нив беше и ремдесивир, кој веќе доби одобрување како еден од ретките лекови за ковид-19 кај хоспитализирани пациенти.

– Традиционално, процесот на развој на лекови трае една деценија, а ние едноставно немаме една деценија. Терапиите што ги откривме се добро позиционирани за клиничките испитувања во фаза 2, бидејќи нивната безбедност е веќе утврдена – вели д-р Џонатан Секстон, асистент професор по интерна медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мичиген, и еден од авторите на трудот.
Најефикасно е мајчиното млеко
Тимот потврди 17 кандидатски соединенија во неколку типови клетки, вклучително и белодробни клетки добиени од човечки матични клетки, во кои се обидувале да создадат услови за имитирање инфекција на респираторниот тракт со вирусот САРС-КоВ-2. Девет соединенија покажаа антивирусна активност кога се користеле во разумни дози, вклучително и лактоферин, протеин присутен во мајчиното млеко кај цицачите и достапен без рецепт како додаток во исхраната добиен од кравјо млеко.
– Утврдивме дека лактоферинот е исклучително ефикасен во спречувањето на инфекцијата – дејствува подобро од сѐ што сме истражувале – вели Секстон.
Тој додаде дека раните податоци посочуваат дека ефикасноста постои дури и кај инфекции со новите соеви, вклучувајќи го и делта-сојот.
Тимот планира да започне клинички испитувања на соединението наскоро за да ја тестира неговата способност да го намали вирусното оптоварување и воспаление кај пациенти со инфекција со САРС-КоВ-2.
Овие испитувања ја проширија листата со можни студии за намена на лекови што во моментов се користат низ целиот свет. Секстон истакна дека за време на пандемија, некои други студии за пренамена на лекови идентификувале некои други соединенија со потенцијална ефикасност против САРС-Ков-2.
– Се чини дека резултатите зависат од тоа кои клеточни системи се користат – вели д-р Секстон.