Логопедијата доживеа голем подем во последните десет години. Причините за тоа се растечкиот број на деца на кои им е потребна логопедска интервенција, поголемиот број специјалисти, поголемото значење што се дава на раната интервенција за децата со попреченост и тимската работа во која е вклучен логопедот, како и многу други причини поради кои повеќе млади луѓе сакаат да се запишат на овие студии и да се занимаваат со логопедија.

Има многу написи за тешкотиите поради кои децата треба да се вклучат во логопедска терапија, за начините и пристапите за решавање на тие тешкотии, но нема многу текстови кои соодветно би нагласиле еден многу важен дел од самиот процес – соработката со родителите.

Родителите (најчесто) први забележуваат проблем кај своето дете и бараат соодветна помош. Секојдневно во мојата работа нагласувам дека е многу важно родителите да се вклучат во целиот тераписки процес и дека само така напредокот ќе биде соодветен и побрзо постигнат.

Однос заснован на доверба меѓу родителите и логопедот

Да почнеме од почеток. Во мојата долгогодишна работа со деца запознав различни профили на родители. Среќна сум што повеќето родители се многу отворени, подготвени да соработуваат, слушаат и спроведуваат совети, така што логопедската терапија придружена со работа дома покажува многу брзи, позитивни резултати.

Но, има и родители кои ги носат децата кај логопед мислејќи дека тој ќе ги „среди“, дека го решиле проблемот и дека не треба ништо да прават дома. Родителот е најголемиот фактор, со кој делумно можеме да предвидиме дали терапијата ќе оди во позитивна или во негативна насока. Доколку родителот активно учествува во целиот процес, терапијата ќе биде ефикасна. Особено кога работите во приватна ординација, каде што понекогаш родителите немаат можност да доаѓаат неколку пати неделно (што би било оптимално за одредена тешкотија), логопедот го насочува родителот и тој е продолжена рака на работата на логопедот… Сите вежби што детето ги добива на часот по терапија мора да ги прави и дома, во спротивно целиот труд ќе биде залуден.

Кога родителите контактираат со логопед затоа што нивното дете има одредени тешкотии, како што се тешкотии во читањето и пишувањето, тие често се загрижени, па дури и исцрпени од тоа што постојано седат до своето дете додека ги прави домашните задачи, додека учи или чита. Доколку логопедот стручно, јасно и детално го објасни процесот неопходен за подобрување, тоа ќе развие однос на доверба, па родителот ќе ја добие потребната поддршка, а и детето добива помош од две страни – од логопедот и од родителот. Во идеални услови, логопедот ја спроведува терапијата, а родителот – водејќи се од упатствата на логопедот, помага дома, па ваквата терапија многу брзо дава резултати. Се зголемуваат самодовербата и мотивацијата на детето, со што станува понезависно.

Колку вложен труд, толку и резултати

Родителите често на првата посета, по завршеното дијагностицирање, ме прашуваат колку често треба да доаѓаат на логопедските вежби. Одговорот на тоа прашање не е едноставен затоа што зависи од повеќе фактори, но како и за сè друго, важи истото – колку што ќе има работа и вложен труд, толку ќе има и резултати. Доколку детето и родителот се мотивирани и упорни да ги изведуваат вежбите по совет на логопедот дома, резултатите ќе дојдат дури и ако детето оди на терапија малку поретко од препорачаното.

Примерот кој добро го опишува тоа е следниот: ако сакате детето да научи да свири виолина, разбирливо е дека нема да биде доволно само да вежба да свири по еден час, на секои две недели. Потребна е упорна секојдневна практика за да научите нова вештина. Истото е и со фудбалот – детето нема да стане фудбалер ако вежба еднаш неделно, по половина час. Истото е и со практикување правилен изговор на гласот, техниката на читање или флуентноста на говорот. Тоа не значи дека треба секој ден да се подложувате на работа со логопед во неговата ординација, туку дека треба да ги изведувате научените вежби и техники дома, според советите и препораките на логопедот.

Во мојата работа ја нагласувам и важноста од соработката со други експерти кои работат со деца, без разлика дали се тоа воспитувачи во градинка, наставници, психолози или физиотерапевти. Сите ние што се грижиме за дете со одредени тешкотии, можеме најдобро да придонесеме за развојот на сиот потенцијал што детето може да го реализира преку тимска работа. А родителите се најважната алка во тој процес.

Автор: Маја Винцек Слунјски/ логопед/интегративен психотерапевт за деца и адолесценти

Извор



912

X