Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 3,5-годишно девојче. Сама ја чував 9 месеци, немав никаква помош (многу ретко од маж ми бидејќи е цел ден на работа). Кога почнав на работа во смени, детето го носевме кај свекрвата (а дотогаш не ја имаше видено), која е груба во пристапот. Кога ќе си дојдеше дома, врeскаше, плачеше, клоцаше при пресоблекување и потешко ја смирував. Со маж ми имавме кавги бидејќи очекува да ги организирам работите со неа, неа да ја слушам што и како да правиме, како да го гледаме детето, а трошоците сама да ги плаќам. Тој со мене не разговара, не се договара, туку тоа го прави со неговите родители и потоа мене ми прави притисок, па за сè сум јас виновна. Знае и лут да си излезе.
Детето на 1,5 година почна во градинка и свекрвата знаеше да си влезе и да ја грабне оттаму (оти не знаеле да ја нахранат и облечат). Сопругот не реагира на нејзините постапки, ги премолчува, а мене ми вика. Почна и учителките да ги клоца, да ги гребе. Откако разговарав со нив, љубезни и приемчиви, веќе немаме никаков проблем во градинка. Маж ми од градинка ја носеше кај неговите, иако сакав дома да ја носи. Од 2 години свекрвата почна да ѝ зборува: „Не сакај ја мама, не гушкај ја мама, ништо не ѝ кажувај, не ѝ зборувај на мама, искуби ја за коса, не јади со мама, не спиј со мама, остави ја и оди си од мама…“ Ѝ вели: „Дојди со баба ќе си седиме, сè ќе ти купувам“, „Мама не те сака, ќе те остави, ќе ти избега“…


Кога имаше 2,5 години, маж ми си замина (се налути по обичај бидејќи сум сакала пак нешто да разговараме) и веќе една година живеам сама со детето, но кога сум втора смена, тоа е кај нив дома. Кога бевме дома, од почеток ме прашуваше: „Мамо, може да те гушнам?“ Инаку брзо се лути, не ме остава ништо да фатам низ дома, бара само до неа да сум. Почнуваше да плаче, вреска, да фрла што ќе дофати, лупа, ме мава, бега и се затвора во собите во темница, сама се плескаше, тепаше (се сомневам да не ја тепаат, затвораат). Ми велеше: „Ќе си одам, не те сакам, бегај, ништо не ти кажувам“. Сега по една година, бесот е стивнат, но што и да ја прашам (како си поминала, што правела) ништо не ми кажува – или молчи или ќе смени тема, или без врска ќе каже нешто. Дури и да се повреди, ќе сокрие и не кажува. За сè се лути и не соработува. Дури понекогаш и ми забранува да пеам, каде и како да седнам или да стојам, да (не)зборувам. А во градинка ми велат дека е супер. Ко ќе сме на гости со други деца е повлечена, многу слабо зборува, а сака да си игра, но очекува да ѝ ги погодиш мислите, инаку ќе се налути и ништо не прави.
Забележав дека сè што правам, што ја учам, ѝ велат дека не е така и поинаку ѝ кажуваат. Што и да ѝ облечам, ѝ кажуваат дека е грдо, мало, големо… Сега веќе и не знам што сè ѝ зборуваат и прават, сè повеќе се оддалечува од мене.
Помогнете ми со совет.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, според тоа во каква семејна динамика сте се наоѓале досега и сè уште се наоѓате, вие покажувате дека во себе носите некакво посебно мајчинско срце. Вие сте посебна жена. Толку истрајна, но сепак и ранлива. Верувам дека тешко се носите со зборовите на вашата ќерка. Но сепак сте присебна, смирена и знаете дека детето сите тие зборови не ви ги упатува лично вам со некаква внатрешна причина, туку едноставно ги научило и усвоило по пат на учење по модел. Релациските односи во семејството во овој момент се конфузни за вашето дете, но воедно и премногу токсични.

Манифестирањето автоагресивно однесување, односно себеповредување и интензивно плачење, врескање, фрлање сè што ќе дофати, удирање по вас, се доволен доказ дека психо-физичкиот развој на вашето дете е загрозен. Колку што можам да ве разберам, вие со вашиот сопруг веќе една година не живеете заедно, но никаде не споменувате дали е тоа само физичка разделба на одредено време или правно регулиран развод во кој вие сте старател на вашата ќерка. Оттаму треба да тргне и структурирањето на семејните односи со цел создавање подлога за здрава и хармонична средина за раст и развој на детето. Во таа динамика важно е вие, доколку сте во можност, да си обезбедите едносменско работење со чија помош би имале поголема контрола врз настаните и структурирање на денот на детето, со што би се овозможило амортизирање на стресот и воспоставување рутина која ќе му помогне на детето полесно да ги прифаќа промените.

Негувајте заеднички нешта во односот со вашата ќерка. На пример, одберете си заедничка омилена песна, омилено јадење, омилен десерт, заедничка омилена игра. Потенцирајте го тоа во комуникацијата, како на пример: „Дали сакаш да го јадеме денес нашето омилено овошје?“ Читајте заедно, но и секојдневно книги како ритуал на заспивање. На пример „Приказни за добра ноќ на мама Ана“. Гушкајте се секогаш кога е тоа можно. Кажувајте ѝ колку ја сакате, колку сте горди на неа, колку ѝ верувате. Раскажувајте ѝ за себе, раскажувајте ѝ каква бевте вие кога бевте мала, гледајте слики од минатото кога вие бевте дете. Поддржете ја со зборовите: „Гледам дека си вознемирена, сигурна сум дека имаш причина за тоа. Но ти не си сама. Ме имаш мене. Со мене си секогаш сигурна и безбедна.“ Обидете се да се себепотврдите во градењето на вашиот однос, но не и да се себедокажувате. Мајчинската љубов е бесценета. Продолжете да ѝ покажувате дека ја сакајте силно, силно и силно.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X