Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 6-месечно бебе и, за жал, таткото реши да нè напушти и да замине во странство да работи. Човекот никако не се пронајде во улогата на родител, ниту во тоа што значи семејство и одговорност. Јас бев сама во текот на бременоста, тоа беше прво негово одење во странство и договорот беше дека потоа нема заминување. Откако се врати, се роди ќерката, тој цело време беше со мисла како да замине, не бараше никаква работа тука и чекаше да дојде момент да каже си одам. Иако го знаеше мојот став за тоа, сепак стигна до тоа да нè напушти. Јас кажав дека не сакам да останам во таков брак, на детето му треба љубов тука, а не оддалеку, а исто и мене, и сега сме кај адвокат за развод, иако и за тоа не изгледа дека е нешто потресен. Едноставно нема емоции и соодветна реакција на ништо. Со изговор дека оди поради парите, иако можеше тука да најде работа или какво било решение, ама фамилијата да биде заедно, тој си го одбира најлесното и тоа што само нему му одговара. Заминува за една недела и тоа на неопределено време (може година-две, никој не знае колку), а јас останувам сама со бебето.
Премногу ми е тешко да се помирам со помислата дека едно невино дете ќе нема топол дом со двајца родители што го сакаат, и дека јас сè ќе правам сама. Јас исто така сум дете на разведени родители и многу добро знам што значи да немаш ни еден семеен ручек и ни една прошетка со фамилијата. Бебето е мало и најверојатно нема ни да го памети, но јас не знам како да се помирам со целата ситуација, да ја прифатам и да останам присебна кога имам толку мало бебе што бара внимание 24/7.
Секој ден мислам што ли не направив за да го зачувам и дали воопшто имало таква можност кај таква личност што има срце да го направи ова. Дали јас сум крива и како понатаму? Би била благодарна да слушнам ваше мислење и совет.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Оваа ситуација што ја споделувате е тешка сама по себе, и најтешка е за вас, затоа што и вие првпат сте родител. Таа ве допира на начин кој не може никој да го замисли. И се согласувам, сите прашања што ги поставувате се прашања кои секој би си ги поставил во таа ситуација. Она што сметам дека ве спасува во овој момент е вашата свесност дека нема да биде лесно, дека ќе мора да пронајдете поинакви начини да не се откажете од вашата улога на мајка, а никако од грижата за вашето дете. Вашето дете сега само вас ве има, за жал, и знам дека ќе направите сè за да ја добие целата грижа на овој свет. Значи вие како мајка нема воопшто да потфрлите затоа што веќе го правите најдоброто за вашето дете, се борите за него, се грижите за него и никогаш нема да се откажете да бидете негова мајка, тоа е таа доживотна одлука.
Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт/ Фото: Борче Поповски
Од друга страна, вашиот избор на партнер, за жал, бил погрешен, не сте биле свесни кого одбирате, дали партнерот има капацитет да биде родител, а сигурна сум дека сте претпоставувале на каде ќе тера работата и, за жал, сега ќе треба да научите да живеете со таа лоша одлука што сте ја донеле. Очигледно вашиот партнер нема изградено никаква зрелост на вистински партнер, а многу помалку на родител. Очигледно е дека вие сте многу позрели во однос на овие одлуки.
Оваа ситуација, колку и да се чини тешка, сепак, одлуката да не живеете под неподносливи услови, т.е. да одржувате лик и присуство на родител кој не сака да биде присутен, може за некој период да ви донесе и големо олеснување. Замислете да продолжите да живеете со целиот конфликт дека треба да сметате на некого, а тој некој воопшто го нема. Како тоа ќе му го објасните на вашето дете? Многу потешко. Кога ситуацијата е ваква каква што ја опишувате, тогаш вие одлучувате како да го донесете ликот на таткото во животот на вашата ќерка. Таа толку мала расте со вашиот телесен одговор на страдање и напуштање што го преживувате, не толку со отсутната татковска фигура, и бидете свесни и најдете начин како таа да расте првенствено со вашиот присутен телесен и негувачки однос кон неа, со значајноста на нејзиното присуство во вашиот живот, со радоста, а не со болката.
Јас за тоа пишував во еден одговор на мајка со слична ситуација, можете да го прочитате на овој ЛИНК.
Она што сакам да ви го кажам е дека сега е многу побитно да изградите близок и полн со разбирање и грижа однос со вашето дете, да бидете свесни да не ја преплавите вашата релација со оваа загуба, затоа што она што таа ќе го сфати како загуба или огромна загуба зависи од вашиот однос и вашата приказна за случувањата. Би ве поддржала да живеете како да сте единствената опција за тоа дете, да сфатите дека вие сте единствениот одговорен возрасен во оваа релација и да ги оставите неправдата и очекувањата понастрана, затоа што сега е време кога на вашето дете ќе му е потребна целосната и присутна мајка, која нема да се обвинува, казнува, потиснува, обезвреднува и која не заслужува.
Вие и вашето дете најмногу од сè ја заслужувате вашата заемна присутност и љубов. Она што станува ваш наратив/приказна е она што ќе ве води низ животот.
Секако, свесна сум дека ќе биде многу напорно и тешко, и како млада мајка, имате право и одговорност да барате поддршка за себе, било да е во чување на вашето дете во средини кои нема да го гледаат со сожалување, туку средина која ги прифаќа сите предизвици на животот, затоа мора добро да изберете. Исто така, да побарате и стручна поддршка од психолог-психотерапевт за стратегии за живеење на вака нетипична и комплицирана ситуација, и за развој и поддршка на односот со детето од позиција на голема животна повреда. Искрено се надевам и посакувам во вашето мало семејство да најдете мир и радост во вака немирни времиња.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912