Родителството никогаш не било лесна задача. Родителите од сите генерации се соочуваат со свои предизвици. Она што е карактеристично за денешното родителство е што тие се под голем притисок поради брзиот проток на информации во дигиталното општество и особено поради социјалната споредба што се случува несвесно на социјалните мрежи, каде што „жртва“ се и родителите и децата, вели авторката на книгата, Соња Китановска-Кимовска

Како родителството да стане уживање? Како да се биде подобар родител? Како да се оствари подобра комуникација со децата? Како родителите да се справат со сите предизвици што ги носи воспитувањето на децата? Ова се само дел од прашањата на кои одговара Соња Китановска-Кимовска во својата книга за самопомош – „Разбуди го родителот во себе“.
Таа е преведувач, универзитетски професор, активист и едукатор за родители, и воедно е мајка на три малолетни деца. Вели дека идејата за една ваква книга настанала откако се соочила со проблеми и дилеми за кои не била лично подготвена и почнала да бара помош во книгите за родители.
Во последните 5 години активно се занимава со проучување на детската психологија и родителството и има завршено неколку курсеви од овие области. Основач е на Здружението за едукација и развој „Родители од акција“.

Интригантен наслов на книгата, како да го разбудиме родителот во себе и како родителството да стане уживање, од каде дојде идејата?

– За да одговорам на овие прашања, напишав цела книга (се смее). Ако треба во неколку реченици да ги пренесам главните вредности на кои се заснова книгата, тогаш би рекла – ќе го разбудиме родителот во себе ако имаме отворен ум и приод, ако сме подготвени да се свртиме кон себе и да направиме самоанализа, да се самоспознаеме, да ги увидиме сопствените предности и недостатоци во родителската улога, да ја прифатиме сопствената несовршеност и да си признаеме дека понекогаш едноставно не знаеме како, ако го прифатиме сопствениот удел во комуникацијата со детето. Воедно, важен е сопствениот придонес кон подгревањето на конфликтите со него, ако си ги признаеме и простиме грешките во родителствувањето и притоа покажеме спремност и решителност за промена, но и цврста верба дека промената е можна и дека таа почнува од нас. Накратко, со себеиспитување, со учење, со осознавање, со мали чекори кон личен развој родителството ќе стане уживање кога ќе ги приспособиме очекувањата и од себе и од детето, кога ќе ја напуштиме хипотезата за т.н. „малиот возрасен“ (децата не се возрасни луѓе во мало тело!) и ќе станеме свесни за развојните можности на детето.

Треба да го прифатиме она што е типично да се очекува за неговата возраст, а што не (на пр., дека поради тоа што сѐ уште нема добра самоконтрола, за навидум ситни нешта малото дете понекогаш ќе плаче или ќе легне на земја, додека тинејџерот ќе ни се развика и ќе ни ја тресне вратата). Ќе уживаме во родителството кога ќе се ослободиме од стравот и нема да градиме лоши сценарија за иднината на детето врз основа на сегашната состојба, кога ќе се потсетиме дека детето е „проект во развој“ и дека правецот во кој ќе се развива во голема мера зависи и од нашиот однос кон него (а тоа е нешто врз што имаме целосна контрола и може да го коригираме), да го прифатиме детето такво какво што е со сите негови силни и слаби страни и да работиме како тим кон заедничката цел да порасне во самостојна, исполнета и самоуверена личност.

За кого е наменета книгата и какво родителство има намера да поттикне?

– Книгата е наменета на сите родители, старатели, баби, дедовци, негуватели, воспитувачи, наставници, психолози, педагози, студенти на психологија, педагогија и сродни дисциплини и сите што се грижат за деца или имаат редовни контакти со деца и адолесценти. Целта на книгата е да поттикне свесно, проактивно и позитивно родителство кое еднакво ги открива скриените потреби и на родителот и на детето и бара начини да ги задоволи.

Кои внатрешни конфликти Ве предизвикаа да ја напишете книгата?

– Книгата произлезе многу спонтано кога тргнав во потрага по решенија за проблемите и дилемите со кои се соочував како родител на три малолетни деца. Почнав да читам книги за самопомош за родители и дела што опфаќаат прашања од развојната психологија. Како што читав, осознавав колку, всушност, малку знам за децата, а паралелно со тоа применував дел од сознанијата и почнав да ги гледам првите придобивки. Тоа ме охрабруваше да продолжам да истражувам и да експериментирам со различни техники и методи. Дојдов до степен кога имав толку многу прочитано од различни извори, што чувствував потреба да го систематизирам сето тоа знаење на едно место.

Како го оценувате родителството на денешницата? И какви корекции ни требаат за да бидеме подобри родители?

– Родителството никогаш не било лесна задача. Родителите од сите генерации се соочуваат со свои предизвици. Она што е карактеристично е што родителите денес се под голем притисок поради брзиот проток на информации во дигиталното општество и особено поради социјалната споредба што се случува несвесно на социјалните мрежи, каде што „жртва“ се и родителите и децата. Како да сме вовлечени во некаков невидлив натпревар во кој несвесно учествуваме, а кој нѐ оптоварува и нѐ ограничува. Преплавени со објави и слики од блиски, помалку блиски или славни личности, децата се споредуваат со нивните врсници, а родителите со другите родители, сите во потрага по „идеалната слика за себе во очите на другите“. Менталитетот на стадо добива уште посилна верзија: ако нештото го прават другите, тогаш морам и јас. Оттука, ако не се контролираат, социјалниот притисок и социјалната споредба може да доведат до сериозни последици и врз индивидуата и врз семејството. Забораваме дека секој родител е различен, како што е различно и секое дете, со свои потенцијали и ограничувања и различни услови за растење. Неблагодарно е да се споредуваме со другите родители, ниту да ги споредуваме децата со нивните браќа или сестри или со други деца од нивното опкружување. Така што корекциите што се потребни се многу индивидуални и секој треба да тргне од својата посебна позиција. Она што е неопходно и заедничко за сите што сакаат да бидат подобра верзија на родител е желбата и решителноста да се учи, да се прифати посебноста на детето, да се победи стравот од грешки, да се прости, да се напредува, да се има визија и да не се отстапува, да се стане по секој пад и да се биде истраен, да се биде доволно доблесен да се признае слабост и да се побара помош кога треба (од блиските или од стручни лица). Исто така, подобар родител се станува кога се гледа перспективата на детето, кога се покажува емпатија и кога се прифаќаат сите негови емоции, кога се трудиме да сфатиме што се крие зад детските солзи, изливи на бес, пркосење или повлеченост, кога се обидуваме да читаме меѓу редови и да им кажеме на децата што чувствуваат дури и кога самите не знаат или не умеат да кажат. Никогаш не е доста од емпатичност во односот родител-дете и тука секогаш има простор за подобрување.

Во последно време многу родители се карактеризираат со проактивност, хиперактивност, паралелно максимално се посветени и на себе, кариерата, семејството и на децата… Возможно ли е да се биде присутен секаде?

– Разбирливо е родителите да сакаат да бидат еднакво посветени и на семејството и на кариерата. Семејството е основната заедница на заемна топлина, поддршка и љубов, додека кариерата за некои родители е неопходна од финансиски аспект, а за други произлегува повеќе од потребата за самореализација и лично остварување. И едното и другото се сосема легитимни. Сепак, ми се чини дека освен од разноликите професионални и семејни обврски, чувството на растргнатост и хиперактивност делумно произлегува и од фактот што родителите се преплавени со повеќе и помалку потребни информации од секакви проверени и непроверени извори. Обидот да се биде сеприсутен може да биде голем извор на нервоза, замор, па дури и прегорување. Затоа, нужно е да се воспостави баланс кој е можен со добро поставување приоритети, добра организација, вклучително и подготвеност да се побара помош од поблиското или поширокото семејство или од мрежа за поддршка, и конечно со ослободување од желбата за совршенство.

Современите родители постојано се во недоумица и преиспитување или притисок дали го прават вистинското за децата, дали се добри родители, дали се соодветен пример…

– Преиспитувањето и дилемите не се нешто што е својствено само за современите родители. Родителите никогаш не биле сигурни во своите постапки, што главно се должи на нужните генерациски разлики и природниот јаз меѓу родителите и децата, како и постојаните промени во општественото и социјалното опкружување. Преиспитувањето на сопствените постапки покажува дека родителот се обидува да заземе што е можно пообјективен став за неговиот однос со детето. Ако нема таков свесен пристап, тогаш при недоразбирањата со децата, обично првичната реакција на родителот е инстинктивна и одбранбена, а неретко преминува и во напад кон детето, со што само се продлабочува конфликтот и не се наоѓаат решенија. Ако родителот препознае како со својата реакција ја предизвикува или ја засилува реакцијата на детето, тогаш е на добар пат да ја прифати реакцијата на детето и да го смири односот. Што се однесува до тестирањето на родителските вештини, тоа е нормален и неопходен дел од процесот на учење. Колку повеќе методи имаме на располагање и ги тестираме, толку е поверојатно дека ќе откриеме што функционира со кое дете и во која ситуација.

Позната е фразата „среќен родител, среќно дете“. Има ли барем приближна формула за да се оствари оваа фраза?

– Во денешниот материјален свет потхранет со комуникација на социјалните мрежи, каде што несвесно и многу чесно паѓаме во замката на социјалната споредба, многу лесно го губиме ориентирот за тоа што нѐ прави среќни, па се вртиме кон опипливите предмети и нивна акумулација како мерило на среќа. Но, среќата е чувство што доаѓа однатре, водено од сопствените потреби и желби, ослободено од наши очекувања од околината и неоптоварено со очекувањата на другите од нас. Ако родителот е доследен и упорен во одржувањето на сопствената автентична среќа, тоа чувство несомнено им го пренесува и на децата. Децата се многу вешти, иако несвесни за тоа, во читање на невербалните сигнали што им ги праќаме, умеат да ја читаат енергијата на родителот и соодветно да се адаптираат и да реагираат. Истражувањата покажале дека децата на родители кои се оптимисти постигнуваат значително подобри резултати во животот од децата на родители кои се депресивни. Ваквите сознанија нѐ охрабруваат како родители да се бориме за сопствената среќа, да не се запоставуваме и да не ги занемаруваме сопствените потреби. Така грижата за себе добива нова димензија, таа не е израз на себичност и негрижа за детето, напротив, таа е неопходна за родителот да може да го извлече максимумот во својот однос со детето и притоа да му даде најдобар пример за тоа како детето треба да се грижи за себе. Книгата „Разбуди го родителот во себе: како родителството да стане уживање“ содржи идеи како може да се грижиме за себе.



912

X