Диетата базирана на леб, ориз, јаболка и чај не е корисна, а треба да се исфрлат пржената, зачинета и слатка храна и пијалаци. Дијарејата настанува како последица на стимулирањето на слузницата на цревата, вели педијатарот проф. д-р Миливој Јованчевиќ.

Заразниот пролив е честа болест, особено во сиромашните средини со низок комунално-хигиенски стандард, па претставува една од водечките причини за смртност кај децата во неразвиените земји. Во заедниците со повисок стандард, зачестеноста и тешките последици се значително помали поради подобрата превенција и лекувањето.

Во урбаните средини најчесто се работи за вирусни инфекции кои во најголем дел се пренесуваат по пат на капки, додека бактериските инфекции, кои се пренесуваат со здравствено неисправна храна и несоодветна хигиена, се значително поретки. Според дефиниција, проливот е појава на зачестено исфрлање фекалии, проследена со зголемен волумен и влажност на изметот. Треба да се има на ум дека постои значајна варијабилност на зачестеноста и густината на изметот кај здравите луѓе, така што за проливот може да се зборува и како нарушување на вообичаената цревна функција кое ги задоволува претходно наведените критериуми.

Изметот може да биде нешто поредок или, пак, целосно водест, може да биде со примеси на слуз или крв или без нив. Вообичаено се менува неговиот мирис – од киселкав до мирис на скапано, со зголемување на количината на гасови. Колку се поизразени промените во зачестеноста и густината на изметот, толку се поголеми изгледите проливот да биде проследен со грчеви и болки во стомакот и чест нагон за празнење.

Неретко дијарејата може да биде проследена и со знаци за инфекции на дишните патишта (особено кај децата), висока температура, треска и повраќање. Проливот настанува како последица од дразнењето на слузницата на цревата. Во настојувањето да се ослободи од предизвикувачите (бактерии, вирус, токсини), се зголемува секретот на течности и минерали и го забрзува празнењето на цревата. Последователно на тоа, доаѓа до оштетување на ресичката на слузницата од тенкото црево – врвот или понекогаш поголемиот дел од ресичката пропаѓа.

Треба да се има на ум дека во тие ресички се сместени ензими што ја варат храната, па затоа можноста за варење на намирниците кои детето ги консумира е ограничена. Особено е отежнато варењето на шеќерите, кои несварени навлекуваат вода и го отежнуваат заздравувањето на ресичката. Некои предизвикувачи со своите хемиски состави (токсини) непосредно влијаат врз сложени механизми за лачење на вода и минерали во слузницата, па предизвикуваат прекумерно губење.

Многу брзо доаѓа до недостиг на течност во целиот организам и нарушување на електролитите, што непосредно се одразува врз општата состојба и нивото на свест кај болното лице. За жал, уште често се спроведува диетата „БРАТ“ (скратено од англиски bread – леб, rice – ориз, apple – јаболка и tea – чај) иако повеќе од две децении постојат јасни податоци не само за некорисноста, туку и за штетноста на оваа диета. Имено, за да се подобри оштетената слузница на цревата, потребно е да се внесува храна. По правило, оброците треба да бидат помали од вообичаено и почести. Храната и пијалаците не би требало да содржат концентрирани шеќери. Затоа не треба да се даваат слатка храна и слатки напивки.

Може да се дава овошје кое не е слатко (јаболка, банана), готвен зеленчук и месо (супи, варива) со додаток од маслиново масло, житарици (леб) и млечни производи (свежо сирење, јогурт, кефир, кисело млеко, путер). Пржена, масна и зачинета храна треба да се избегнува. Доенчињата кои се исклучиво на мајчино млеко или надоместок за млеко продолжуваат со вообичаениот режим на исхрана.

Повикајте итна помош ако:

– Детето лежи без да се мрда или е преслабо за да стои.

Повикајте лекар ако:

– Детето изгледа тешко болно.
– Ако има изразени знаци за дехидратација – не мокри повеќе од 8 часа, нема солзи додека плаче и има многу сува уста.
– Има температура над 40 степени.
– Има крв во изметот.
– Ако е помладо од 12 недели и има температура над 38 степени ректално.
– Има болки во стомакот подолго од 2 часа.
– Повратило повеќе од 3 пати.
– Ако детето е помало од еден месец и има повеќе од 3 обилни течни измети.

Автор: проф. д-р Миливој Јованчевиќ



912

X