Поради распространетото акушерско насилство и трауматичните искуства, без разлика дали се сопствени или оние за кои слушале од други жени, многу бремени жени инсистираат на породување со царски рез. Сепак, многу жени не се доволно информирани за самите ризици, како и за процесот што треба да се помине за да се направи овој рез. Желбата на една бремена жена да се породи на тој начин не е доволна. Главната причина е што царски рез се прави само кога тоа го бара состојбата на жената и детето, а конечната одлука ја носи докторот.
Мелиса пред две години се породила во едно државно породилиште во Босна и Херцеговина. Бременоста ја следела приватно кај докторка која работела и во породилиштето каде што се породила. Поради претходна повреда на колкот, мислела дека ќе има право на царски рез. Поради лошата здравствена состојба, од шестиот месец на бременоста морала да мирува.
– Кога бев примена во болница, имав ненормални болки. Ѝ пишав на мојата докторка, која ме посети само еднаш и потоа не ми се јави. Ме посетуваа на секои шест-седум часа. Бев исцрпена, без апетит и молев да ме породат со царски рез за моите маки да завршат. Верувајте, бев подготвена на сѐ бидејќи немав сила за породување. Родив здраво бебе, откако неколку пати форсираа природно породување – вели таа.
Докторката била информирана за повредата на колкот, а Мелиса претпоставила дека ќе ѝ бидат понудени две опции. Таа мислела дека тоа се природно и породување со царски рез.
– Мојот свршеник беше сведок на моите болки и плачеше со мене бидејќи не можеше да ми помогне. Кога почнаа контракциите, еден од техничарите ми рече: „Тука пишува дека ќе те подготвуваат за царски рез“, а јас му реков дека ми било кажано дека ќе ми се понуди таа опција, но докторката не ми одговараше на пораките. На крајот мораше да бидам породена природно, а креветите беа толку неудобни што болката на колкот беше речиси неподнослива. Не ми е јасно зошто не бев подготвувана за царски рез поради проблемот со колкот, за кој беа однапред информирани. Зошто ми беше дадена провокација за породување за да се предизвикаат контракции кои се многу поболни од природните? Тоа беа трауми што ми останаа во сеќавањето – се сеќава таа.

Иако родила здраво бебе, тука не завршува болното искуство на Мелиса. Се трудела да го дои бебето, но болките продолжиле. Бебето било исцрпено по породувањето, а подоцна имало и сериозни грчеви. За жал, по два месеца, бебето починало од синдром на изненадна смрт. И таа и нејзиниот свршеник се чувствувале виновни, сметајќи дека направиле нешто погрешно.
– Не се чувствував како добра мајка бидејќи не можев да ја дојам поради болките. Чувствував дека не можам да се приближам до неа. Немав самоубиствени мисли, но бев постојано уморна и исцрпена од болките. По смртта на бебето, бев скршена. Побарав помош од психијатар и ми беа пропишани антидепресиви. Кога дознав за втората бременост, ми беше пропишан само еден лек. Ми беше препорачано да направам НИПТ-тест за да се открие дали лековите му наштетиле на плодот. Тоа повторно ме скрши, не знаев дали ќе го задржам бебето поради психичката и физичката состојба. Меѓутоа, резултатот беше добар и решив дека ќе го родам – вели таа.
Се споменува и дека нејзината сестра била подготвена да плати за царски рез, откако Мелиса три дена ги поминала во болницата со силни болки.
Претседателката на здружението „Бејби степс“, Амилa Татаревиќ, посочува дека многу жени инсистираат на царски рез токму поради акушерското насилство и трауматичните искуства, што отвора врата за корупција. Жените често бараат врски или даваат пари за да добијат царски рез без медицинска индикација, а таквата практика го нарушува интегритетот на здравствениот систем бидејќи се изведуваат непотребни операции кои носат поголеми ризици за здравјето на жените.
– Голем проблем е недоволната информираност на бремените жени за ризиците на царскиот рез. Иако многу мислат дека тоа е најлесниот и најсигурен начин на породување, царскиот рез е голема операција која носи многу поголеми ризици отколку природното породување, вклучувајќи инфекции, компликации и долготрајно закрепнување – објаснува Татаревиќ.
Таа, исто така, укажува на сведочења на жени кои се соочиле со сериозни проблеми поради ненавременото изведување на царски рез. За време на планираните операции и поради корупција, операционите сали или докторите не биле достапни за итни случаи, што довело до загрозување на здравјето на трудниците и дури смртни исходи.
– Иако жената има право да изрази желба за царски рез, одлуката за оваа операција мора да биде базирана на јасни медицински индикации, кои се клучни за здравјето на мајката и бебето – додава Татаревиќ.
Царскиот рез не е нешто што се добива поради личен избор или заради удобност, туку сериозна хируршка интервенција која се прави исклучиво кога постои медицинска потреба.
912