Кога бројот на дневните центри за деца со попреченост би се зголемил во нашата држава, родителите ќе можат да придонесуваат финансиски, но истовремено ќе се зацврсти нивната самодоверба и мотивот за поквалитетен начин на живот, вели Ирена Николоска-Ристановска, мајка на две малолетни деца – Лука (9) со аутистичен спектар на нарушувања и Јована (5) со типичен развој

Дневните центри ги посетуваат деца со умерени и тешки пречки во развојот. Димензионирани се да згрижат од 20 до 24 деца, а даваат услуги на дневно згрижување и престој, нега, исхрана, психо-социјална рехабилитација и реедукација на лицата со посебни потреби. Во Македонија се отворени и функционираат 34 дневни центри за деца и лица со попреченост лоцирани во урбани средини. Во пандемијата бројот на згрижени лица е намален според протокол. Но бројката нималку не одговара на потребите на родителите. Затоа што овие родители мора да се грижат по цел ден за своите деца, иако имаат потреба од работа, грижа за себе, како и во инцидентни случаи (за слободно време воопшто да не станува збор) кога немаат кому да се обратат да го остават детето ниту на еден час.

Освен тоа, дневните центри за децата со атипичен развој имаат задача да придонесат за нивна поголема инклузија во општеството, полесно справување на семејствата и подобар развој.

Родителите би ги подобриле и брачните релации

Ирена Николоска-Ристановска е мајка на две малолетни деца: Лука (9) со аутистичен спектар на нарушувања и Јована (5) со типичен развој. Таа смета дека е потребен поголем број на дневни центри за деца со попреченост, со што на родителите ќе им се овозможи и да работат и да си посветат барем миг на себе.

– Во прирачникот за активна настава „Низ детските очи на Џејн Пау, во подрачјето Диференцијација за задоволување на потребите на детето“ напишано е: „Да беше светот едно идеално место, ќе имаше по еден наставник за секое дете, и така би биле сигурни дека е направено совршено усогласување на подучувањето со потребите на единката“. Во тој контекст би направила компарација со дневните центри. Кога нивниот вкупен број би се зголемил за многу повеќе од постојните околу 25 на ниво на нашата држава, сите родители на деца со одредена тешкотија би биле во редовен работен однос, т.е. децата и лицата згрижени во дневните центри со организирани ефективни стратегии и балансирани активности би задоволиле дел од различните потреби со адекватна организираност со тимот од дневните центри. Тоа значи дека родителите ќе имаат можност да ја почувствуваат другата страна на животот. Ќе придонесуваат финансиски, но истовремено ќе се зацврсти нивната самодоверба и мотивот за поквалитетен начин на живот. Меѓусебните брачни релации исто така ќе имаат значително постабилен и функционален здрав темел, со тоа што брачните другари би имале можност да си дадат време за себе и време со партнерот. Подобрувањето на нивната релација директно влијае врз релациите на членовите во семејствата каде што има лице со одредена тешкотија. Во сегашниот момент се справуваме со секојдневен маратон во трчање – категорична е Николоска-Ристановска, која е психолог сум во ООУ „Браќа Миладиновци“, с. Жван – Демир Хисар и претседател на Здружение на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни „Рилука“ – Битола.

Нема време за основни потреби

Таа ни раскажа накратко еден дел од нејзиното динамично секојдневие.

– Утрата во нашето семејство почнуваат во 5 часот, во 6 веќе го напуштам домот и веднаш се појавува потребата од друга личност за помош во утринските подготовки. Во најголемиот дел тоа е мојата мајка, која живее на 30 километри од нашиот дом, принудена е да го напушти својот и да ни биде десна рака на сите нас. Сопругот го носи Лука во училиште во 7 часот наутро, се враќа по ќеркичката и ја носи околу 8 во градинка. Во 9:20 оди да го земе Лука. Следуваат рутините за појадок, прошетка, која секојпат е тензична поради звуците што можат да ја разнишаат и така несигурната земја под нозете на Лука (високосензитивен). Токму тука се појавува првата потреба од дневен центар по или пред прошетката на детето. Следуваат моменти во домот кои повторно се со акцент на неговите потреби. Помош при хранење, облекување, бањање. Овозможување идеална пријатна средина за да се сочува или пронајде момент спокој. Следува моето доаѓање од работа и веднаш продолжување со активности кои не ни завршиле. Преку еден ден во договор со сопругот одам веднаш по Јована и потоа два часа „мораме“ да сме надвор од домот за Лука ако не спие, барем да одмори. Нашето побрзо пристигнување би значело вознемирување за него. Во можност е да осети звук преку три ѕида и потребата веднаш да го напушти домот е неизбежна. И тука потребата од дневен центар се јавува како приоритетна. Помеѓу се и академски активности, домашна работа со Лука и заспивање, за кое е потребно да се задоволат максимални услови: светло, звук, фактор временски услови (доколку е дождливо, нема да заспие), музика…

Се случува да не сум во можност ни кафе да испијам. Потоа карате или час кај психолог, за тоа време дали домот да го средувам или да ѝ посветам внимание на Јована, на која ѝ се скратени многу типични потреби, и за крај вечера и спиење – ни раскажува таа.

Потребни се дневни центри и за претшколска возраст

Во текот на изминативе години ни таа, ниту другите родители што се во слична ситуација немаат време да посветат ни минута за своето здравје.

– Ненавременото одење на стоматолог резултира со губење на забите. Стресот и пребрзиот начин на живот зедоа значителен данок од здравјето на овие родители, кои константно се над децата и навидум забораваат на сопственото здравје и посета на здравствени прегледи од различен карактер. Да не дискутирам за неможноста да се отиде заедно со партнерот на свадба кај блиски роднини, за седенки не станува збор. Замислете како им е на еднородителските семејства, колку малку време имаат за сон – дополнува таа.
Искуството покажува дека постојните дневни центри во нашата држава се во прилично мал број.

– Осмислени се и опфаќаат од 20 до 25 деца, лоцирани се во урбани средини за непречена соработка со институциите на локално ниво. Но во практика двонасочната соработка не секаде е на она замислено високо професионално двонасочно ниво. Дневни центри се потребни и за децата со тешкотии од претшколска возраст. А кај нас нема. Државните градинки „немаат место“ за овие деца или имаат услов ,,да ги регулираат биолошките потреби“. Носењето пелени е една од причините да не бидат примени во градинка. Приватните две-три недели успеваат да се снајдат, а потоа со писмена одлука или со други изговори – дека немаат стручен тим за овие деца – културно се оградуваат и прават селекција – вели Ирена.

Што може да се промени, според Ирена?!

– Да се спроведе анкета за потребите на терен. Да се изнајдат стратегии за зголемување на бројот на дневните центри (постојат градови каде што нема ни еден). Да се земе предвид фактот за повозрасните родители, кои немаат можност да вклучат трето лице за помош. Да се разбере суштинската потреба и приоритетот над сите други потреби на овие лица и семејства. Овие лица можат да придонесат многу за себе и за општеството доколку им се даде можност да бидат видени, чуени. Овие лица, доколку би биле во дневен центар, би се почувствувале прифатени, социјализирани и целосно исполнети. Дневните центри би биле базата која ги поврзува со институции, клубови за танц, спорт, зависно од процената на стручниот тим и индивидуалните потреби и можности на поединецот – потенцира Ирена.

Центрите во моментов згрижуваат до 250 лица

Од Министерството за труд и социјална политика нè информираа дека во државата функционираат 34 дневни центри за деца и лица со попреченост, распоредени речиси во сите градови, а во Скопје работат четири дневни центри.

– Тие обезбедуваат дневно згрижување, индивидуални активности за стекнување животни и работни вештини, социјални, културни и рекреативни активности, социјална поддршка на лицата и нивните семејства и други слични активности. Пред пандемијата на ковид-19, дневните центри обезбедуваа услуга за околу 500 корисници – деца и возрасни со попреченост. За потсетување, во март 2020 година нивната работа беше привремено суспендирана заради превенција од ширењето на ковид-19. Притоа, со мерките на Владата за справување со пандемијата, еден од родителите на корисниците беше ослободен од обврската за физичко присуство на работното место за да може да се грижи за корисникот, при што платата беше на товар на работодавецот. Во август 2020 година, во соработка со Министерството за здравство, беше изработен протокол за безбедно функционирање на дневните центри, кои сега обезбедуваат услуги за 200 до 250 лица – информираат од Министерството.

Нови во Тетово, Липково и во Делчево

Зајакнувањето на достапноста на социјалните услуги во заедницата, во кои спаѓаат и дневните центри, е една од клучните долгорочни определби на Министерството за труд и социјална политика, велат оттаму.

– Настојуваме секое лице што има потреба да ја добие потребната социјална услуга, т.е. поддршка и нега онаму каде што живее. Во таа смисла, неодамна, при крајот на март, Министерството за труд и социјална политика го отвори новиот дневен центар во Скопје (при Заводот за рехабилитација на деца и млади во Топанско Поле) наменет за деца и млади на возраст од 14 до 26 години. Освен отворањето нови дневни центри, Министерството настојува да го зајакне нивниот капацитет, особено во поглед на можноста да обезбедуваат услуги согласно личните потреби на корисниците, за што се вршат континуирани обуки на вработените. Притоа, особено внимание се посветува на јакнење на соработката со општините и нивната вклученост во давањето социјални услуги бидејќи токму локалната самоуправа има јасен увид во потребите на граѓаните во локалните заедници. Министерството за труд и социјална политика објавува годишни повици за доделување средства на општините за развој на социјалните услуги. Кон крајот на 2020 година беа избрани 24 општини кои се поддржани со средства од државниот буџет за да развијат социјални услуги согласно приоритетните потреби на нивните граѓани. Од нив, три се однесуваат на отворање нови дневни центри за лица со попреченост во текот на 2021 година и тоа во Тетово, Липково и Делчево. Во јуни 2021 година ќе биде објавен новиот повик, со што дополнително ќе можеме да им излеземе во пресрет на потребите на граѓаните од урбаните и од руралните општини, еднакво во поглед на услугите на дневни центри за деца и возрасни со попреченост – потенцираат надлежните од Министерството.

Максималниот капацитет на еден дневен центар е 24 корисници. Тоа овозможува да се задржи индивидуалниот пристап кон потребите на секој корисник одделно. Во таа смисла, приоретизацијата на корисниците е дел од одговорностите на центрите за социјална работа.

– Веќе речиси во секој град во земјава постои дневен центар за деца и/или лица со попреченост. Потребно е мрежата да се прошири и да се опфатат и поголемите рурални општини, но еднакво важно е да се „збогати“ палетата на специфични услуги што ги нудат дневните центри за да прераснат во центри за поддршка во заедницата на лицата со попреченост и да нудат специјалистички третмани (на пример, логопед, образовна поддршка или работна терапија, согласно возраста), кои ќе придонесуваат за активно вклучување на децата и лицата со попреченост во нивната заедница – велат од Министерството.



912

X