Според психолозите, родителите не им кажуваат намерно фрази и реченици на децата кои се всушност потенцијално штетни. Некогаш поради замор, притисок или фрустрација откако по 600. пат ќе ги замолиме да ги расчистат чиниите или да излезат од дома навреме, а тие не го прават тоа. Ние, родителите, честопати неволно ги повторуваме работите што сме ги слушале во нашето детство. Како родители, секогаш се трудиме да дадеме сѐ од себе, но понекогаш – многу пати – не успеваме. Затоа може да биде корисно да знаете некои од потенцијално штетните фрази кои родителите често ги кажуваат без да го сфатат нивното влијание.

„Хафингтон пост“ избра некои од потенцијално штетните фрази што би било подобро да ги избегнувате или барем да се обидете да ги избришете од вашиот речник – и што да кажете наместо тоа.

„Не е ништо страшно“

Децата често плачат или се лутат поради работи кои изгледаат навистина неважни, но штетно е да се минимизираат нивните вистински чувства со тоа што ќе им се каже дека „драматизираат без причина“. „Тие мали проблеми – и емоциите што доаѓаат со нив – се всушност огромни за нашите деца“, вели Ејми Мекреди, основач на „Позитивни родителски решенија“ и автор на „Ако треба да ти кажам уште еднаш“. Како што објаснува таа, со ваквите коментари им испраќаме порака на децата дека не се важни емоциите или дека е глупаво да се биде исплашен или разочаран.

„Тажен/а сум кога го правиш тоа“

Фактот што вашето дете нема да ве слуша може навистина да ве растажи, но важно е да поставите (и одржувате) граници без да го обвинувате вашето дете за вашите чувства. Тие чувства се ваши, а не на детето. Плус, правите преседан со тоа што потенцијално му давате до знаење дека има моќ да влијае врз вашето расположение. „Кога децата се чувствуваат како тие да одлучуваат дали сте среќни, тажни или лути, можат да ја искористат можноста да продолжат да ве туркаат до вашите граници“, вели Мекреди, објаснувајќи дека на тој начин децата учат да манипулираат со другите.

„Треба да знаеш подобро“

Кога ќе кажете нешто како „ти треба да знаеш подобро“, она што на крајот се обидувате да го направите е чувство на вина или срам кај детето да се промени. Но, ова ги става децата во дефанзива, што значи дека нивните родители сѐ уште поретко слушаат, смета Мекреди. Тоа ја поткопува и нивната самодоверба. „Ако им кажеме на нашите деца дека требало подобро да знаат – а тие очигледно не знаат – ја испраќаме пораката: „Ти си премногу глупав/незрел за да донесеш добра одлука“, додава таа.

„Никогаш/секогаш правиш…“

Децата имаат свои модели на однесување, но да кажете дека вашето дете „секогаш“ или „никогаш“ прави нешто, едноставно не е точно. Со давање такви изјави, според Робин Мекман, основач на „Родителство за поврзување“, „ви недостига можност да ги научите децата што треба и што можат да прават следниот пат.

„Остави ме јас да го направам тоа“

Кога чекате вашето дете да заврши едноставна задача која изгледа дека ќе трае вечно, вашите инстинкти можеби ќе ви кажат да го направите тоа сами. Но, обидете се да го избегнете тоа ако можете. „Вие му испраќате порака на вашето дете дека не е способно за тоа, па мора да се вклучите. Тоа е и обесхрабрувачки и навистина фрустрирачки“, вели Мекреди.

„Ти си…“

Една од највредните работи што родителите можат да ги направат за своите деца е едноставно да избегнуваат да ги етикетираат, вели Мекман. Етикетите го повредуваат односот родител-дете затоа што им пречат на родителите да гледаат дека нивните деца се борат и им треба помош. Родителите почнуваат да поврзуваат одредени однесувања со каква било етикета што му ја дале на своето дете, наместо да анализираат и навистина да се обидуваат да разберат што се случува во развојот. „Етикетите нè носат подалеку од сочувство и љубопитност“, смета Мекман. Етикетите имаат потенцијал да станат самоисполнувачки. Ако децата слушнат од родителите дека се некакви на одреден начин, тие би можеле да го прифатат тоа како вистина – дури и ако тоа не им е верно. Дури и етикети кои изгледаат позитивни како „Ти си паметен!“ всушност може да бидат штетни, потенцира Мекреди.

-Кога велиме „паметен си“ или „ти си спортист“, му велиме на нашето дете: „Единствената причина зошто добро си поминал на тој тест е затоа што си роден паметен“ или „не би ја постигнал таа цел да не била твојата природна способност.“

Наместо тоа, пробајте го ова:

Забележете го и аплаудирајте на напорот, а не на исходот. И направете сѐ што можете за да избегнете етикетирање на вашето дете, добро или лошо.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор



912

X