Целиот случај би го дефинирале како одличен оперативен и постоперативен тек на една специфична срцева маана која беше решена на начин кој може да кажеме дека е нов, уникатен, сè уште неприменуван во педијатриска кардиохирургија, кој ќе испишува нови протоколи во оперативниот третман на аортна стеноза, вели д-р Маџоска

Лис Бериша е 6-годишно дете, роденo со срцева маана – аортна стеноза, стеснет почетен дел на аортата – голем крвен сад кој излегува од левата комора и служи за пренесување на оксигенирана крв до целиот организам. Кај пациентот веднаш по раѓањето бил слушнат систолен шум, а поради проблеми со исхраната и слаб напредок во телесната тежина, бил задржан во приштинската болница каде што на ехокардиограмот била утврдена тешка аортна стеноза. Детето неодамна било донесено во клиничката болница „Жан Митрев“ за оперативен третман.

– На двомесечна возраст, поради неможност за хируршки третман, кај него била направена интервентна балон дилатација на аортната стеноза на Универзитетска детска клиника во Белград, со што е проширен аортниот влез, со намалување на притисочниот градиент. Потоа детенцето ехокардиографски е редовно следено и утврдено е повторно зголемување на притисочниот градиент, појава на левострана хипертрофија на срцето, инсуфициенција на аортната валвула со понатамошен ризик од срцева инсуфициенција – објаснува доктор Јорданка Маџоска, педијатар во нашата клиника.

Состојбата на Лис барала хируршки третман кој би бил трајно решение за неговиот здравствен проблем без потреба од реоперација.
Во литературата, како што објаснуваат во клиничката болница, се опишуваат три можности за оперативен третман во вакви ситуации.

Едната е замена на аортната валвула со механичка протеза која е сигурно и долготрајно решение, но бара превенција од тромбоемболиски компликации и наложува забрана на физичка активност или други процедури што предизвикуваат крвавење. Овој третман се одложува до поголема возраст кога ќе може да се имплантира најголемата протеза со повторен ризик од повторна замена поради растот на пациентот. Втората опција е со замена на валвулата со биолошка протеза, која пак не издржува доволно долго и повторно се јавува потреба од антикоагулантна терапија. Третата опција е Рос-процедура со автотрансплантација на пулмонална валвула на аортната позиција.
– Од сите можности ниту една, поради возраста на пациентот, не беше решение за пациентот. По разгледување на случајот од нашиот стручен тим на чело со д-р Жан Митрев одлучено беше Лис да биде згрижен во нашата клиника и да биде опериран така што се направи проширување на стеснетиот дел на аортата и дополнително со перикарден материјал „матрикс“ д-р Жан Митрев конструира аортни валвули. Веднаш по операцијата на направените контроли се утврди одлично функционирање на валвулата и проширениот дел на стеснетата аорта – објаснуваат од „Жан Митрев“.

Со оваа интервенција, како што вели д-р Маџоска, се добило трајно решение за пациентот, поради својството на материјалот да расте со растот на пациентот и да нема потреба од понатамошни оперативни зафати, да нема хронична терапија и да може да се занимава со спорт.
– Пациентот цело време по оперативниот третман беше со стабилни витални параметри и си замина дома една недела по операцијата. Целиот случај би го дефинирале како одличен оперативен и постоперативен тек на една специфична срцева маана која беше решена на начин кој може да кажеме дека е нов, уникатен, сè уште неприменуван во педијатриска кардиохирургија, кој ќе испишува нови протоколи во оперативниот третман на аортна стеноза – заклучува докторката.

Мајката на Лис вели дека си заминува дома спокојна.

– Јас како мајка немам зборови со кои би ја искажала благодарноста кон целиот тим на оваа клиника, а посебно кон д-р Жан Митрев. Благодарам за сè што направивте за моето дете. Целокупниот персонал што го сретнав е крајно професионален, со пријателски пристап, без што сè би поминало, за мене, многу потешко. Одиме дома каде што нè очекува нашето семејство, а особено братот близнак на Лис, Маљ – вели Бериша.

Фото: Клиничка болница „Жан Митрев“



912

X