Мојата упорност за редовно и навремено вклучување на камерите и микрофоните на сите часови вроди со плод. Контактот очи в очи придонесува да се чувствуваат како да се во училница

Благица Василевска е одделенска наставничка во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Скопје, со работен стаж од полни 36 години, а покрај многубројните успеси во минатото, таа и во пандемски услови и учење на далечина успеала да пронајде иновативни техники за да ги доближи учениците до образовниот процес.

– И оваа учебна година користев креативна техника – Бура на идеи, која ја применувам за да дојдам до сознанија колкав е степенот на предзнаења на секој час за обработка на новите наставни содржини, да ја модифицирам и да креирам нешто ново што ќе им го задржи вниманието на учениците. За секој час подготвувам план кој им го споделувам на „Тимс“ во одделенски час. Во тој план се наведени сите активности што ќе се реализираат постапно. Подготвувам табели во кои стои редниот број во дневник, прашања и одговори и појаснување за секоја активност – вели Василевска, објаснувајќи ни на кој начин таа успева да ја следи работата на учениците.

– Ги следам со помош на споделување на екранот, со движење на глувчето по табелата и истовремено забележувам и укажувам на грешки или недостатоци, кои во истиот момент учениците имаат можност да ги коригираат. На овој начин имам 100 отсто реализација на секоја планирана активност и имам прегледност. Ниту еден ученик не може да ескивира. Задоволна сум јас, задоволни се учениците, задоволни се и нивните родители. Повторно секој ученик има свои папки по секој наставен предмет каде што имаме изобилство од докази кои можат да бидат на увид во секое време – додава Василевска.

Наставничката вели оти своите методи на предавање почнала да ги применува уште во 2000 година, откако од претходно на повеќе различни семинари со професори од Калифорнија научила дека современиот наставник им ја препушта доминацијата на часовите на учениците.

– Со нивна редовна примена, усовршување и употреба на разни репроматеријали, моите училници изобилуваат со паноа и најразлични креативни техники сработени до перфекционизам. Умешноста да ги вметнувам во секој дел од часот придонесе за динамиката на часовите да биде секогаш присутна, а интеракцијата редовна. Сите училишни ходници ги декориравме со моите одделенија, редовно со некоја ново реализирана креативна техника – раскажува Василевска.

Оваа наставничка слободното време со учениците во нормални услови го користела поинаку од типичниот наставник, па така, заедно со нив работела на најразлични активности, како: „Креирање и творештво“, во која се опфатени содржини од сите наставни предмети, а исто така со нејзина помош учениците од отпаден материјал изработувале финални производи, умееле да компонираат по дадени ноти, да создаваат кореографии…
Сега, кога поголем дел од тие работи не се возможни, сепак успеала да пронајде начин да оствари поинтимен контакт со учениците и преку онлајн-наставата.

– Мојата упорност за редовно и навремено вклучување на камерите и микрофоните на сите часови вроди со плод. Контактот очи в очи придонесува да се чувствуваат како да се во училница. Редовно е вклучена Ларџ-галеријата и ги имам сите ученици пред мене за време на сите часови. Работиме со споделување на екраните и директна проверка на сè што во моментот се работи. На споделениот екран ги проверуваме папките на сите ученици, а по завршувањето на часовите пуштаме тивка музика (Лозано е нашиот омилен пејач), па разговараме на некоја тема и надвор од училишните обврски. Тоа ни е замена за училишните дружби. На тој начин ја намалуваме потребата и недостигот на секојдневна социјализација. Решаваме проблеми, споделуваме радосни моменти, славиме онлајн-родендени… – објаснува Василевска.

Свесна за својата специфичност како наставник, Василевска во текот на својата кариера се соочила со многу предизвици, меѓутоа, нагласува дека е задоволна со тоа како учениците го прифаќаат нејзиниот начин на работа.

– Моите ученици се спремни да одговорат на сите мои новини и да реализираат сè што ќе испланирам. Го прифатија методот со табелите и многу успешно го реализираат. Ја прифатија и граматичката тетратка, која ја воведов уште во 3 одд. Во неа континуирано ги внесуваат по именикот и сите нови граматички содржини. Оваа граматичка тетратка ќе ја користат и збогатуваат со нови поими до крајот на средното образование. Ја смисливме и ја креиравме на часовите по СУА – потенцира Василевска, која вели дека е многу задоволна од тоа што генералниот успех на учениците не се променил, без разлика на различните услови на настава.

Меѓутоа, и покрај тоа што се снаоѓа и во онлајн-наставата, Василевска вели дека не е за целосна дигитализација и смета дека хартиените учебници не треба целосно да се заменат со дигитални.

– Поддржувам дигитализација, но не во секоја смисла на зборот, не сум за целосна замена на пишаните, хартиените учебници. Треба да ги има и категорично сум против замената на рачната, мануелната работа со компјутерите. Умешноста што ја поседуваа учениците додека беше предметот техничко образование веќе ја нема. Оттука и причината за намалениот интерес на учениците своето образование да го продолжат во средните стручни – смета Василевска, која како најпозитивна работа од пандемијата во образовниот процес ја посочи зголемената способност за ракување со електронските уреди од страна на сите инволвирани во процесот на работа од далечина.

Автор: Д.М.



912

X