Масажа за деца (МISP) е британска национална програма што се користи за превенција на врсничко насилство и опфаќа деца на возраст од 6 до 12 години. Нишкото основно училиште „Његош“ е прво државно училиште во Србија што почнало да ја применува оваа програма. Дозволата за спроведување на програмата за масажа за децата веќе ја одобри министерството за образование, а професорката по флејта Марија Митиќ од Ниш е лиценциран инструктор за спроведување на програмата.
Основците во „Његош“ со воодушевување ја прифатија програмата, а веќе на првиот час совладале три движења од вкупно 15, колку што ги има.

– МISP е одличен начин децата на своите врсници да научат дека стисокот не е исто што и прегратката, да научат правилно дишење и на овој начин да ги анимираме како да се однесуваат кон врсниците. Целокупната програма за масажа за возраст од 6 до 10 години опфаќа 15 потези што се јасно утврдени, како и редослед што се учи и применува. Ќе имаат пет часа, а потоа ќе можат овие движења и целата програма да ги користат пред усвојување нов материјал или кога атмосферата е таква што е потребно децата да се релаксираат – објаснува Митиќ.
Целта е опуштање и меѓусебно уважување, дружење на здрав и соодветен начин. На овој начин децата се масираат едни со други и учат да разликуваат удар и стисок од пријатен допир. Додека инструкторката покажува на возрасна личност како се изведуваат допирите за масажа, децата се масираат едни со други.
– Вака тие учат правилно дишење, сознаваат јасно и прецизно да ги препознаат своите чувства, да кажат дали нешто им одговара или не. Допирот е многу важен во секојдневниот живот на сите нас. Ги учиме децата дека слободно можат да го изразат своето мислење, затоа се работи во група со врсници и поради тоа и самата цел е дете да масира дете. Кога јас масирам, масирам професор, односно возрасна личност, а тие тоа го прават меѓусебно. Секако, во безбедни зони и обучени, движењата што се изведуваат не можат да ги повредат – додава професорката.
Пред програмата да почне да се применува во училиштето, родителите дале согласност, а инструкторката објаснува дека и децата и родителите биле воодушевени.
– Програмата се применува на деца до 12 години, а јас тоа го правам до 10 години. Тоа е возраст кога лесно се анимираат, кога од мали нозе може да им се укаже дека треба да бидат внимателни. Тие сето тоа го прифатија како забава, така што учат низ игра – заклучува инструкторката.
Во основното училиште „Његош“ се надеваат дека програмата ќе ги намали стресот и напнатоста кај децата.
Директорот на училиштето, Бојан Крстиќ, објаснува дека програмата е целосно безбедна и одобрена од министерството за образование, а со оглед на тоа што во странство со оваа програма е намалена стапката на врсничко насилство, а зголемена концентрацијата кај децата, училиштето лесно ја прифати.
– Децата се под стрес, некои доаѓаат на училиште тажни, некои бесни, па може да се случи да се обидат да ги канализираат чувствата преку агресија. На овој начин тие се опуштаат и стануваат поотворени за јасно да кажат што сакаат, а што не, така што верувам дека ќе биде од корист. Родителите дадоа согласност, на децата им се допаѓа. Современата доба бара и современ пристап во учењето, така што нема причина зошто да не се обидеме – заклучува Крстиќ.