Мојата дневна соба има две кутии за играчки, по една за секоја ќерка. Тие беа подароци од бабите и дедовците за Божиќ. Кутиите се направени од дрво и обоени во розова боја. Секоја од нив е персонализирана и го има името на моите ќерки Пипа и Дејзи, напишани на врвот. Овој подарок беше внимателен и многу корисен со оглед на бројот на играчки што ги имаат. И двете имаат еден куп играчки.

Во собата на Пипа има уште една кутија која исто така е преполна со секакви кукли и играчки. Има и шкаф во нејзината соба кој е навистина мал, па морам да се наведнувам и да клекнам за да земам нешто оттаму. Наменет е за висина на 4-годишно дете. Таму ставаме кутии, куфери и слично. Кога се доселивме во куќата, мислев дека ќе одговара и за чевли. Но, и тој е преполн со играчки.

Во собата на Дејзи, исто така, има кутија. На неколку места е скршена бидејќи девојчињата влегуваат во неа и се преправаат дека се тркаат со автомобили. И таа е преполна со играчки. Имаме безброј друштвени игри, мали фудбалчиња, балони, боенки, велосипеди, скутери низ домот. Листата е долга и не завршува.

На Божиќ оваа година моите деца се разбудија во куп подароци. Им купивме ние, но добија и од другите членови на поширокото семејство. Ни беа потребни над 2 часа за да ги отвориме сите. Целата пригода ми даваше чувство не бзвредност – како никој подарок да не беше важен. Ужасно е родител да види колку многу предмети имаат децата. Забележував дека и тие се малку вознемирени од сета таа збрка. Реалноста беше дека на моите деца не им се потребни толку играчки. Тие се среќни и кога играат со хартија за виткање и уживаат во денот.

Утрото кога го забележав проблемот

Влегов во дневната, а децата играа. Собата изгледаше како да експлодирала бомба, не можев да го видам подот. Сите перници беа извадени од каучот, а тие ги редеа како да градат шатор. Ми рекоа дека кампуваат. Пипа отиде да земе храна за готвење на камперскиот оган. Донесе дрвени коцки и ме замоли да се приклучат на кампувањето. Пеевме песни, влеговме во замислените вреќи за спиење. Се заштитувавме од замислените диви животни. Сè беше замислено – немаше ниту една играчка. Кутиите за играчки во дневната беа затворени. Немаа потреба од играчки за да бидат среќни. Помалку е повеќе.

Нашата опсесија со масовниот консумеризам им наштетува на нашите деца во смисла на нивната природна тенденција да бидат креативни. Нашата потреба да обезбедуваме за нив, преку набавување на сè што сакаат и што им треба, има негативен ефект врз нивниот развој. Ги учиме да бидат среќни само ако се обезбедени со материјални нешта. Преку купувањето безброј играчки, потсвесно им велиме „не користете ја својата фантазија, еве ви предмет“.

Еден ден пред неколку недели се вративме од семејна прошетка, а мојата ќерка го донесе нејзиниот „специјален предмет“. Розово, пластично срце кое го нашла на земја кога сме се шетале. Ѝ се допаѓаше. Беше како пронајдено закопано богатство за неа. Го носеше секаде. Таа едноставно го истражуваше светот и беше фасцинирана од работите во него.

Зошто сè уште инсистираме на многу играчки?

Можеби им обезбедуваме толку предмети на децата за да го компензираме она што ние не сме го добиле во детството, ако нашите родители немале финансии за да ни обезбедат толку нешта. Дефинитивно го гледам тоа меѓу врсниците. Или можеби сме жртви на маркетинг-машината. Притисокот да бидеме во тек со општествените очекувања. Бомбардирани сме со рекламни пораки – тие се насекаде околу нас, па да мислиме дека немаат ефект врз нашите деца или врз нас е наивно. Која и да е причината, јасно е дека сме под притисок да им купуваме на децата сè повеќе и повеќе работи. А големата количина „отпад“ само создава поголема анксиозност кај децата.

Заклучок

Верувам дека исполнувањето и задоволството во животот доаѓа однатре, а не од материјалните работи. За да најдам уживање во животот, морам да ги насочам телото и умот кон нешто што има цел, не можам да најдам уживање само во материјалните добра. И тоа не е различно за нашите деца. Знам дека креативноста доаѓа од здодевноста. Дека некои од моите најдобри идеи во животот ми дошле на ум кога сум била сама со себе и своите мисли. Знам дека ако ја прифатиме здодевноста, ќе најдеме креативни начини за да си го пополниме времето. Ги знам овие работи, но сепак несвесно запаѓам во замката да ги учам моите деца на погрешни лекции.

Ако сакам да бидам подобар родител, треба да се фокусирам на тоа да обезбедувам помалку материјални добра, па наместо тоа да креирам средина која поттикнува креативност и имагинација. Сакам да ги научам дека задоволството и исполнетоста во животот не се наоѓаат во материјалните предмети. Наместо тоа, да им овозможам да ја прифатат здодевноста, да ја прифатат сопствената фантазија и да најдат среќа во себе. И којзнае, можеби еден ден, ќе паузирам од копање по сите оние предмети што се во дневната соба.

Автор: Ешли Сол

Извор



912

X